Песната ја напишал големиот охридски и македонски преродбеник од 19 век Григор Прличев. Испеана е во многу верзии, но ние како редакција се определивме за оваа со познатиот Наум Бурназ, роден во Охрид.
Слушнете ја а малку подолу е приказната како Наум ги снимил и песната и видеото, а поместен е и текстот на целата песна која зборува за страдањата на Македонците низ вековите.
-Инспириран и иритиран од секојдневната, долгогодишна негаторска политика на нашите соседи и пошироко, кон нашата мила татковина Македонија јас решив да ја снимам песната за Радио – телевизија Скопје.
„Песната за патрикот “ или „1762 лето“ е испеана на текст од нашиот Григор Прличев и е создадена врз база на вистинити сознанија и инспирирана е од нашата историја.
Во тие бурни години нашиот патријарх Арсениј е повикан во високата Вселенска патријаршија во Цариград и под присила е натеран да си даде оставка од патријарх на славната Охридска Архиепископија , по тој настан таа е укината.
Јас, Наум Бурназ – роден охриѓанец на мое огромно задоволство ја снимив оваа песна во деведесеттите години од минатиот 20 век.
МРТВ направи спот и на Меѓународниот ТВ фестивал во Неум спотот ја освои втората награда . Спотот со екипата на МТВ го снимавме во дворот на црквата Света Богородица Перивлепта или по наше , по охридски , црквата Св. Климент, изјави во една пригода за „Публицитет.мк “ Наум Бурназ.
Песна за Патрикот (1762 Лето) – Григор Прличев
в Охрида од Цариграда дошел Салаор.
Еј! Дошел Солаор.
Се претставил пред Арсениа, наша Патрика честнаго
и му рек’л слово горко, слово жалостно.
Еј! Слово жалостно.
Царска волја е да тргнеш, денеска за Цариграда
на тебе од врли Грци, голем поплак е.
Еј! Голем поплак е.
Собрал патрик свое стадо, в црква Свјати Климентова
благослов им дал последен, р’це заплетил.
Еј! Р’це заплетил.
Д’лго време липал старец, в молчење в’сенародно
и по бела брада ронел с’лзи горешти.
Еј! С’лзи горешти.
Слушајте ме мили чеда, јас ќе идам в Цариграда
на мене од врли Грци голем поплак е.
Еј! Голем поплак е.
Грцкиј патрик ќе ни строши, славна Охридска Столица
и мене до смрт ќе држи в заточение
Еј! В заточение.
Ќе прати владици Грци, лицем светци срцем в’лци
ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м’лзат до крв.
Еј! Ќе молзат до крв.
Меѓу народа ќе сејат, несогласје и раздори,
да се мразат син со татка и со брата брат.
Еј! И со брата брат.
И ќе викнете до Бога, и крило не ќе најдете,
смирени ќе наведете глави доземи.
Еј! Глави до земи.
Ќе ми бидете сираци, така било написано.
Елате ми да ве гушна за последен п’т.
Еј! За последен пат.
Ч’рна т’га поразила, старо, младо, м’жи, жени,
Вси со р’це заплетени с’лзи проливат.
Еј! Солзи поливат.
Тој ги гушка, тие т`жни, му целуват десна р’ка и од р’ка
как’ од извор с’лзи се лејат.
Еј! Солзи се лејат.
Вјахнал Патрик брза коња, и неволно уп’тил се.
Тога грмкиј плач народен небо процепил.
Еј! Небо процепил.
Умилил се чесниј Патрик, свалил шапка навезана,
погледал на сино небо, љуто прок’лнал.
Еј! Љуто проколнал:
„Ох! послушај, милиј Боже! Хаир никога да немат
Стамче беј и Бујар Лигдо, Пејко челеби!
Еј! Пејко челеби.
Милостивиј Бог послушал, Патричка горешча клетва,
слава нихна, семе нихно погубил со шум.
Еј! Погубил со шум.
И сега во куќи нихни, ткае пајак пајачина
и на пусти стрехи нихни хукат хутове.
Еј! Хукат хутове.
Публицитет.мк