Филмскиот фестивал во Торонто се одржува секоја година во почетокот на септември. Оваа година фестивалот се одржа по 42 пат.
Инаку, фестивалот за првпат е одржан во далечната 1976 година и со годините стана еден од најпрестижните светски филмски фестивали.Во 1998 година списанието Варајети напиша „Фестивалот во Торонто е веднаш зад Кан кога станува збор за квалитетни проекции, бројот на присутните филмски ѕвезди и активностите на филмскиот пазар“. Девет години подоцна престижниот Тајм ќе напише .„ Фестивалот во Торонто не е само највлијателниот фестивал во есенскиот период , туку и воопшто највлијателниот филмски фестивал“. Една од главните карактеристики на овој фестивал е големиот број на премиери на филмовите кои се сметаат за фаворити за наградата на Американската филмска академија и многу филмови кои подоцна се наградени со Оскар премиерно се прикажани токму на фестивалот во Торонто.
Оваа година во рамките на фестивалот ,кој започна на 7 септември и траеше до неделата 17 септември, беа прикажани вкупно 255 долгометражни филмови од кои дури 147 филма ја доживеаја својата светска премиера и 84 кусометражни филмови. Интересно е да се спомене дека бројот на канадски филмови на Фестивалот (вклучувајќи и копродукции) е 28 и 29 кусометражни филмови.
Сепак, вкупниот број на филмови е помал дури за 20% во однос на бројката од 2016 година.
Сите тие беа прераспледелени во петнаесет различни програмски целини. Секако , најинтересни и најспектекуларни се програмите „Гала презентации“ во чии рамки беа прикажани 20 филмови од најновата светска продукција со учество на најпознатите актерски ѕвезди кои прошетаа по црвениот килим, потоа “ Специјални презентации“ во чии рамки беа прикажани 68 филмови од сите страни на светот кои веќе биле прикажани на некој од престижните филмски фестивали но и премиери на филмови на водечките филмски творци.Тука беа и програмите „Современиот свет зборува“,„Откритија“, „ Мајстори“, „ Полноќно лудило“со избор на 11 акциони, хорор и научно фантастични филмови од најновата светска продукција, Документарна програма со 23 филма и така натака.Во рамките на оваа програма како единствен филм од овој дел на Европа беше прикажан српскиот документарен филм „ Другата страна на се’ “ во режија на Мира Турајлиќ, што преставува голем успех за неа и српската кинематографија.
До 2016 година фестивалот во Торонто немаше натпреварувачки карактер. Единствената награда на публиката му се доделуваше на долгометражниот филм кому посетителите на фестивалот му ја доделиле највисоката оценка.
Од изминатата година фестивалот доби нова програма со жири (оваа година во состав:Чен Каиџе режисер од Кина, Малгоржата Шумовска режисерка од Полска и германскиот режисер Вим Вендерс). Освен тоа изминатата година беше воведена и програмата „ Прајм тајм“во која се прикажуваат телевизиски емисии од цел свет.
Годинешниот фестивал беше отворен со светската премиера на филмот „Борг/Мекинро“ на режисерот Јанус Мец Педерсен.Филмот преставува биографска драма која се фокусира на познатото ривалство помеѓу познатите тенисери Бјорн Борг и Џон Мекинро на Вимблдон во 1980 година , кулминирајќи со нивната средба во финалето за мажи . Главните улоги во филмот ги толкуваат Сверрир Гуднасон, Шиа ЛаБеуф, Стелан Скарсгард, Тува Новотни и Роберт Емс. Сценариото за филмот го напиша Рони Сандал.
На фестивалот беа прикажани голем број на интерсни филмови кои токму на овој фестивал ја доживеаја својата светска премиера но и голем број на филмови кои веќе се прикажани на фестивалите во Берлин , Кан и Венеција. Така во Торонто беше прикажан најновиот филм на познатиот режисер Бил Аугуст „ 55 чекори“ ,драма во кој главните улоги ги толкуваат :Хелена Бонам Картер и Хилари Свонк, потоа биографската драма на режисерот Енди Серкис „ Дишење“ со Ендрју Гарфилд, Том Холандер и Клер Феј, филм кој ќе го отвори предстојниот филмски фестивал во Лондон (4 – 15 . октомври), потоа француската комедија „Тоа е живот“ на режисерскиот тандем Оливер Накаш и Ерик Толедано, кој беше прикажан на затворањето на годинешниот фестивал, новиот филм на режисерката Денис Гамзе Ерѓувен „ Кралеви“, драмата за една постара брачна двојка која боледува од неизлечива болест , со Доналд Сатерленд и Хелен Мирен , насловена како „ Слободен пронаоѓач“ , прикажан на штотуку завршениот фестивал во Венеција, потоа добитникот на наградата Гран при на жирито на годинешниот Кански филмски фестивал „ 120 отчукувањаво минута“ на режисерот Робин Кампиљо, наградениот филм во Венеција од страна на жирито „Фолкстрот“ на израелскиот режисер Семјуел Моаз како и германскиот филм „ Од никаде“ на режисерот Фатих Акин со Дајан Кригер во главната улога , кој беше прикажан на годинешното Берлинале…
Фестивалот во Торонто е познат и по тоа што по црвениот килим за време на неговото одржување се појавуваат огромен број на филмски ѕвезди кои на фестивалот доаѓаат како придружба и промоција на своите филмови но многумина од нив и како обична публика. Секако за ова голем придонес има и близината на Торонто до центарот на филмската индустрија. Како и да е оваа година на фестивалот можеа да се видат:Хали Бери, Глен клоуз, Рејчел Вајс, Шиа ЛеБоуф, Маргот Роби, Анџелина Џоли, Идриз Елба, Џенифер Лоренс, Хавиер Бардем, Лејди гага, Лук Еванс, Розамунд Пике, Џејми Бел, Џесика Честејн, Бенедикт Камбербач, Рејчел Мек адамс, Бри Ларсон, Ема Стоун кој уште не.
Фестивалот заврши во неделата со доделување на наградите.Еве некои од нив:
Главната награда за најдобар филм според изборот на публиката отиде во рацете на британскиот режисер и сценарист Мартин Мекдонаг за филмот „ Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. Се работи за американски филм кој преставува црна комедија во кој главната улога ја толкува оскаровката Фенсис Мекдорманд . Таа во филмот го толкува ликот на грубата и очајна мајка на силуваната убиена ќерка а тука се и Вуди Харелсон како шеф на полициската станица во малечкото градче Ебинг во државата Мисури и Сем Роквел во улогата на еден недораснат полицаец,инаку типичен бел расист кој ги мрази гејовите.Секој од нив тројца на свој невообичаен начин се усмерени кон пронаоѓањето на убиецот и неговото приведување … Според многумина се работи за еден прекрасен филм кој можеби ќе биде еден од главните фаворити во трката по Оскарите. Филмот, кој многумина го споредуваат со филмот „ Фарго“ на браќата Коен, беше прикажан со голем успех на годинешниот фестивал во Венеција и важеше за еден од главните фаворити за наградата „ Златен лав“.
Наградата жирито оваа година му припадна на австралискиот филм „ Слатка земја“ на абориџанскиот режидсер Ворвик Торнтон кој ,да се потсетиме, пред една недела во Венеција ја доби специјалната награда на жирито.
Наградата на здружението на филмските критичари „ Фипресци“ во категоријата Откритија ,му припадна на филмот „ Ава„ иранско, канадско ,катарска копродукција во режија на Садаф Фороуги , додека во категоријата –специјална презентација, оваа награда ја освои шпанскиот филм „ Мотив “ на режисерот Мануел Мартин Куенца.
Пишува: Ѓоко Симјаноски