Без оглед на кусокот време за запознавање со состојбите, опструкциите, летните одмори и неприсутноста на дел од вработените, нашите инспекции работеа напорно и во дел од институциите најдоа сериозни индиции за злоупотреби, кои ќе бидат предмет на понатамошни соодветни процедури, изјави на вчерашниот прес по повод 100 дена Влада министерот за култура Роберт Алаѓозовски
Штетата за Буџетот на РМ само преку штетни менаџерски договори и договори за закуп откриена досега е некаде околу 2.4 милијарди денари. Наследивме огромни долгови, само за изведбата на Македонската филхармонија, на празен Буџет, државата им должи на изведувачите над 900 милиони денари, или околу 15 милиони евра.
Преку изводите од службените картички што ги објавивме во јавноста граѓаните имаа можност да дознаат за незаконската употреба на народните пари и луксузирањето на претходната владејачка гарнитура. Во многу установи се забележани договори за огромни хонорари во однос на остварените задачи, на пр. за оркестрирање на концерт во Македонската Филхармонија биле исплатени 200.000 денари, сценариото за отворањето на Охридско лето чинело 150.000 денари, изведба на сцена за Струшките вечери на поезијата чинела дури 750.000 денари а е реализирана преку авторски договор со физичко лице, договори без распишување на тендер на сума поголема од 30.000 денари во Македонската филхармонија, а да не ја заборавиме и фактурата за коктелот за отворањето на новата зграда на Филхармонијата од 646.200 денари без спецификација на артиклите, делењето на стотици гратиси за отворањето на партиската свита, и самиот чин на таканаречено „отворање“ на објектот без соодветен технички прием, што е тешка злоупотреба на процедурите која можела да доведе во ризик и нечиј живот.
Во повеќе установи извршивме промени во управните тела и како што налага Законот назначивме в.д раководители од самите колективи. Нивниот мандат е ограничен на најмногу 6 месеци, по што ќе следуваат конкурси за избор на нови раководители, кога и лица надвор од установите ќе можат да конкурираат со своите програмски визии за унапредување на нивната работа на подолг рок. Промените ги направивме и ќе ги правиме со цел да овозможиме ослободување на установите од директни партиски влијанија и опструкции, да овозможиме услови за откривање на злоупотребите и неправилностите кои со години се криеја од јавноста, како и да ги отпочнеме процесите на подобрување на очајните услови за работа и да го сопреме запоставувањето на живата култура на сметка на градењето на лажни културни вредности.
Публицитет.мк