Неодамна „Бизнис инсајдер„објави листа од 50 најдобри филмови на сите времиња врз основа на критиките и оценките на филмските остварувања кои ги спровела агенцијата „ Метакритик“.
Добиените резултати се изненадувачки од проста причина што оценките на критичарите се единствениот фактор врз основа на кој е создадена оваа листа.На листата се наоѓаат филмови од постар и понов датум ,но интересно е тоа дека меѓу нив нема ниту еден вестерн ниту пак историски спектакл иако меѓу нив има неколку кои ја добиле најпрестижната награда Оскар и тоа во категоријата најдобар филм. Од друга страна меѓу 50 те филмови на оваа листа се наоѓаат дури шест анимирани филмови од кои еден од Јапонија а сите останати од компании од САД , претежно од продукцијата на Волт Дизни.
Меѓу 50 те филмови ,десетина и повеќе се од европската кинематографија но има и неколку кои доаѓаат од други земји во светот. Правењето на вакви рангирања одсекогаш предизвикувале реакции кај љубителите на филмот особено заради тоа што на листите честопати не се наоѓаат филмовите кои тие очекувале да бидат таму. Но, гледањето и оценките на публиката и критиката ретко кога се совпаѓаат. Како и да е презентацијата на секое вакво рангирање , ако не повеќе , не потсетува на вредностите на поедини остварувања и воедно е причина повеќе некои од нив повторно да ги погледнеме и можеби да го преоцениме нивниот квалитет и на некој начин да го ревидираме својот став кон него.
Од оваа листа на 50 те најдобри, се одчучивме да ви ги презентираме првите десет кои според добиените оценки такаречи се изедначени по својот квалитет:
10.МОЕТО ЛЕВО СТАПАЛО (1989) , ирско британски филм кој има оценка 97/100.
Филмот го режираше Џим Шериден а главната улога ја толкува британскиот актер Даниел Деј Луис кој за улогата во овој филм го доби својот прв Оскар за најдобра машка улога. Тој досега има освоено три награди Оскар за главна улога и е единствениот актер досега кому тоа му пошло од рака. За жал , тој од поодамна најави дека се повлекува од актерството на филм.
9.ОБРАЧ НА СОНИШТАТА (1994), американски документарен филм со оценка 98/100.
Овој документарен филм ја следи приказната за двајца афро – американски средношколци од Чикаго за нивниот сон да станат професионални кошаркари.Режисер на филмот е Стив Џејмс.
8.ПАНОВИОТ ЛАВИРИНТ (2006),шпанско – мексикански филм кој има оценка од 98/100.Филмот од страна на публиката добил оценка 8,2/10.
Се работи за научно фантастичен филм со елементи на хорор во режија на познатиот мексикански режисер Гиљермо Дел Торо.
7.МЕСЕЧИНА (2016), американски филм , драма, со оценка од 99/100. Филмот кој како режисер го потпишува Бери Џенкинс, публиката го оценила со оценка 8,6/10 .Инаку ова е прв игран филм со комплетна црнечка актераска постава и прв ЛГБТ- филм.Во истовреме тоа е и филм со втора најмала заработка на кино благајните по филмот „Катинар на болката“, кој освоил Оскар за најдобар филм. Актерот Маршала Али е првиот муслиман во историјата на Оскарите кој ја освоил оваа награда во категоријата најдобра епизодна машка улога.
6.ДА ПЕЕМЕ НА ДОЖДОТ (1952), американски мјузикл кој критичарите го оцениле со оценка 99/100.
Филмот преставува еден од најпознатите американски мјузикли кој како режисери го потпишуваат Стенли Донен и Џин Кели кој воедно ја толкува главната улога заедно со Деби Рејнолдс и Доналд О`Конор. Бренд на овој филм е музичко танчерската точка на Џин Кели кога ја пее насловната тема од филмот.
5.ТРИ БОИ: ЦРВЕНО(1994),француско-полско- швајцарска копродукција со оценка од 100/100 и оценка на публиката 7,9/10.
Филмот преставува драма во режија на полскиот режисер Кшиштоф Кишловски и е третиот филм од триологијата на овој режисер (сино и бело). Овој филм беше неговиот последен филм бидејќи режисерот почина две години подоцна по неговата премиера.
4. ДЕТСТВО (2014), американски филм со оценка 100/100 и оценка на публиката 7,7/10.
Режисер на филмот е Ричард Линклејтер кој е автор и на сценариото на филмот.Интересно е дека филмот бил сниман во текот на 12 години и тоа со истите актери кои растат пред камерата. Актерката Патриша Аркет за улогата во овој филм го освои Оскарот за најдобра споредна женска улога.
3. КАЗАБЛАНКА (1942),американски филм со оценка 100/100 и оценка на публиката од 9,3/10 .
Се работи за воена романтична драма на режисерот Мајкл Кертиз кој доби Оскар за најдобра режија а филмот награда Оскар за најдобар филм во 1944 година. Филмот во кој настапуваат легендарните Хемфри Богарт и Ингрид Бергман , неодамна прослави 75 години од своето премиерно прикажување кое се случи на 26. Ноември .1942 година во Њујорк.
2. КУМ (1972), американски филм со оценка на критиката 100/100 и оценка на публиката 8,5/10
Првиот од трите филма од триологијата режирана од Френсис форд Копола .Филмот освои три награди Оскар од кои едниот му припадна на Марлон Брандо за маестралното толкување на Дон Вито Корлеоне.
1.ГРАЃАНИНОТ КЕЈН (1941), американски филм со оценка од 100/100 и оценка од публиката 8,5/ 10.
Оваа драма преставува дебитантско остварување на Орсон Велс и како актер и како режисер. Покрај него настапува Џозеф Котен. Филмот имал осум номинации за Оскар а освои само еден за најдобро оригинално сценарио. Но, наградите не се оние кои го прават да биде најдобар и во оваа листа направена од критичарите за потребите на „Бизнис инсајдер.“
Во презентираната листа од десетте наслови паѓа во очи дека меѓу нив нема неколку филмови кои можеби би требало да бидат таму имајќи пред се дека се работи за филмови кои биле наградени со наградата Оскар и тоа во категоријата за најдобар филм или да речеме филмови кои се закитиле со награди на најпознатите светски филмови , награди кои им биле доделени од страна на стручни жирија составени од познати творци а меѓу нив и познати критичари . Но , правењето на вакви листи секогаш е предмет за дискусија , едни се сложуваат а други не .
Еве и неколку познати филмови кои се наоѓаат во овој избор од 50 наслови но кои не се меѓу првите десет.
Еден од легендарните филмови „ Однесено од виорот“ се најде на 11. место, комедијата „ Некои тоа го сакаат жешко„ со Тони Кертис, Мерилин Монро и Џек Лемон е на 13 тото место а веднаш до него на местото број 14 е филмот „ Психо“ на Алфред Хичкок од 1960 година.
На листата се најдоа дури шест анимирани филмови а меѓу нив најдобро рангиран е „Убавицата и ѕверот“ од 1991 година кој од критичарите добил оценка 95/100 а од страна на публиката оценка 8,8/10. На листата се наоѓа и иранскиот оскаровец „Развод“ на режисерот Асгар Фаради кој се најде на местото број 33 . На листата се најдоа и филмовите на Квентин Тарантино „ Евтини приказни“ на 40 тото место и филмот на Фресис Форд Копола , наградуваниот „ Апокалипса сега“ на 46 тото место.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк