Такаречи паралелно со одржувањето на Интернационалниот филмски фестивал на филмската камера „ Браќа Манаки “ во Битола, на северот на Шпанија во Баскија се одржува меѓународниот филмски фестивал Сан Себастијан
.Уште од неговото формирање во 1953 година тој се етаблира како еден од најважните филмски фестивали во светот . Тој воедно е еден од 14 те филмски фестивали од таканаречената А листа на фестивали според критеријумите на Меѓународната федерација на здружението на филмски продуценти (FIAPF) .Овој фестивал бил домаќин на неколку значајни настани од историјата на филмот ,како што се меѓународните премиери на филмовите „ Вртоглавица“ на Алфред Хичкок ,кој присуствувал на фестивалот, „Мелинда и Мелинда“на Вуди Ален како и европската премиера на „ Војна на ѕвездите“.Актери и режисери како Бет Дејвис, Глорија Свансон,Грегори Пек, Глен Форд, Елизабет Тејлор, Одри Хепберн, Чарлтон Хестон, Роберт де Ниро, Мерил Стрип, Ричард Гир, Мајкл Даглас, Кетрин Зета Џонс, Мел Гибсон, Деми Мур, Наоми Вотс и Бред Пит …биле присутни на овој фестивал од неговото основање па се’ до денес.Сан Себастијан е првиот фестивал на кој присуствувал контроверзниот Роман Полански и фестивал кој преставувал клучен елемент во унапредувањето на професионалните кариери на култните Френсис Форд Копола и Педро Алмодовар.Во контекстот на меѓународни фестивали, Сан Себастијан, кој има еден од најниските буџети, е етаблиран како еден од најважните во Шпанија но и во земјите од Јужна Америка каде се говори шпански.
Оваа година фестивалот го доживеа своето јубилејно 65. издание а се одржа во периодот помеѓу 22 и 30 септември. На фестивалот беа прикажани над 300 филмови такаречи од сите страни на светот .Сите тие беа поделени во дури 20 тина различни програми почнувајќи од официјалната селекција која содржеше 25 филма од кои 23 се натпреваруваа по главната награда за најдобар филм „Златна школка“.
Фестивалот беше отворен со филмот „ Потопување“ на познатиот германски автор-режисер , фотограф и филмски продуцент Вим Вендерс кој беше во трката по награди.Филмот е темелен врз романот на Џ.М.Ледгард а главните улоги ги толкуваат Џејмс Мекавој и Алисија Викандер.Режисерот во филмот се обидува да проговори за темата на религискиот радикализам, џихадот и глобалниот тероризам низ една емотивна љубовна приказна помеѓу двајца истражувачи на океан која ќе биде прекината кога џихадисти ќе грабнат еден од нив во Сомалија.
На затворањето на фестивалот,во саботата на 30.септември, надвор од конкуренција по награди беше прикажан шведско англискиот филм „ Жена“ на режисерот Бјорн Рунге во кој настапуваат Глен Клоуз, Џонатан Прајс и Кристијан Слејтер.
Инаку во трката по главната награда се натпреваруваа филмови од Велика Британија, Шпанија, Франција, Аргентина, САД, Белгија, Канада,Полска, Холандија, Мексико, Јапонија, Австрија, Романија, Србија, Грција, Бразил…Интересно е да се спомене дека меѓу нив имаше и еден цртан филм од Јапонија ,како и пред две години. Во главната натпреварувачка програма се најде и филмот „Војници, приказна од Ферентарија“ кој преставува романско српска копродукција во режија на Ивана Младеновиќ, млада српска авторка која се школувала на филмската академија во Букурешт и која работи во Романија.Ова е инаку нејзин прв долгометражен игран филм.
Од останатите програми ќе ги споменеме уште и програмите „Нови режисери“ која содржеше 16 филмови, „Латински хоризонти“ во чии рамки беа прикажани 12 филма од најновта продукциа од Латинска Америка каде се говори шпанскиот јазик, потоа програмата „Забалтеги“ која исто така е натпреварувачка и во чии рамки беа прикажани 22 филма, „ Мејд ин Шпанија “ со11 нови филмови од мошне продуктивната шпанска кинематографија, „ Диво Кино“ со избор од 6 филмови, програмата „ Бисери“ со избор на 17 филмови кои биле прикажани на некој од фестивалите во оваа 2017 година, потоа филмови за деца и многу други на задоволство на бројната публика.
Посебен интерес кај публиката предизвикува наградата за животно дело именувана како „ Доностија “ која се доделува од 1986 година. Досега со оваа награда се закитиле навистина голем број на познати филмски ѕвезди почнувајќи од првиот добитник Грегори Пек во 1986 година па се’ до Сигурни Вивер и Итан Хоук во изминатата 2016 година.Оваа година наградата „Доностиа“ им беше доделена на француската режисерка Ањес Варда, познатата италијанска актерка Моника Белучи и можеби најпознатиот аргентински актер Рикардо Дарин кој направи интернационална кариера.
„Ова е подарок кој го примам со задоволство и скромност, но и со изненадување, бидејќи сите мои филмови беа далеку од главната комерцијална струја“ ќе рече легендарната 89 годишна француска режисерка Ањес Варда примајќи ја наградата за животно дело „ Доностија“.
Седумчленото жири кое одлучуваше за наградите од главната натпреварувачка програма беше предводено од познатиот американски актер Џон Малкович.
Освен главната награда Златна школка, се доделуваат и наградите Сребрена школка за најдобра режија,најдобра машка и најдобра женска улога,најдобар кинематографер и најдобро сценарио.
Годинешното јубилејно 65 . издание на фестивалот Сан Себастијан заврши во саботата со доделување на наградите.
Главната награда „ Златна школка“ за најдобар филм жирито му ја додели на американскиот филм „ Катастрофален уметник“ на познатиот актер а од неодамна и режисер Џејмс франко кој ја толкува и главната улога во филмот.Според известувачите оваа комедија била еден од подобрите филмови во подпросечната годинешна понуда на фестивалот.Победничкиот филм се поигрува со идејата за квази римејкот на „ Граѓанинот Кејн меѓу лошите филмови“. Џејмс Франко и неговиот роден брат Дејв , ги портретираат филмските фанатици со просечен талент во процесот на создавање на уште едно „ филмско ремек дело“ кое веднаш може да се фрли во ѓубре.
Втората по важност награда-Специјалната награда на жирито му припадна на баскискиот филм „ Џин“ на режисерите Аитора Ареги и Јон Гарано кој ја раскажува приказната за односот на двајца браќа кои се родени во сиромашните планински делови на баскиската област Гипузгоа во почетокот на 19. век.
„Сребрената школка“за најдобра режија ја освои аргентинската режисерка Анахи Бернери за мошне добриот егзинстенцијалистичкиот филм „ Аланис„ , кој говори за секојдневната борба за живот и за одгледување на малечкиот син на една проститутка од Буенос Аирес.
За улогата на Аланис во овој филм актерката Софија Гала Кастиљоне , заслужено ја освои „ Сребрената школка“ за најдобра женска улога.
Во машка конкуренција истата награда , истотака заслужено, ја освои романскиот актер Богдан Димитраче за својата улога на татко во филмот „ Поророка“ на режисерот Константин Попеску.
Наградата за најдобро сценарио му припадна на Дијего Лерман за филмот „ Некој вид на семејство“, додека наградата за најдобар кинематографер му припадна на легендарниот германски кинематографер Флоријан Балхаус за извонредната фотографија во филмот „ Капетан“ на режисерот Роберт Швентке.Филмот преставува потресна и невообичаена слика на германските злосторства и злосторниците во текот на Втората светска војна.
Програмите „ Бисери“ и „ Забалтеги“ прикажуваат веќе наградени филмови на најголемите светски филмски фестивали кои се натпреваруваат за наградата на публиката. Оваа година публиката своите гласови ги даде на едн од наградените филмови на годинешниот Венецијански филмски фестивал „ Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ на режисерот Мартин Мекдонаг.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк