Дуетот на штипјанецот Зоран Илиев и белграѓанката Анабела Атијас со песната „Од утро до вечер“ (музика и текст- Стојанче Аврамов, аранжман – Зоран Алексиќ), по три фестивалски вечери, успеа да ја однесе победта на фестивалот на забавни мелодии во Штип, „Макфест“.
Дождливото и студено време во саботата, на 7. октомври, што наликуваше на сериозна најава на зимата, беше дополнителен мотив во Дом на културата „Ацо Шопов“ во Штип да се побара „засолниште“ загреано со песна. На „Макфест“ веќе ги нема во голем број возбудените детски ликови кои бараат автограми од ѕвездите ( и тие што им наликуваат на ѕвезди) што настапуваат на фестивалот. Малициозните би рекле дека веќе нема ни ѕвезди, но реалистите тоа го толкуваат како смена на генерациите во македонската естрада и соочување со вистината дека сега патот до ѕвездите води преку некои други медиуми, како интернетот и социјалните мрежи, и некои други реални шоуа, каде што се пеат туѓи песни. „Макфест“ и фестивалите слични на него сега се можност за новите претенденти за ѕвезден статус да создадат свој печат, свој музички идентитет на сцената.
Победниците покрај славеничката торта
Годинава на „Макфест“ во двете полуфинални вечери беа изведени триесетина песни ( по 15 во секоја полуфинална вечер) , од кои 20 влегоа го финалето. По гласањето на публиката во фестивалската сала и телевоутигнот за ТВ-гледачите ( фестивалското финале се пренесуваше на МТВ 1), епологот е дека Зоран Илиев и Анабела Атијас ја освоија првата фестивалска награда, која оваа година изнесува 5000 евра, средства обезбедени дел од Министерството за култура, а поголемиот дел од Општината Штип. До второто место на фествалскиот трон стигна Мартинијан Кириловски, кој ја испеа песната „Дождови“ ( сосема соодветна за фестивалскиот ден), која ја потпишуваат авторките: Магдалена Божиновска-Стојанова (музика и текст) и Елизабета Краљевски (аранжман). За второто место се додели награда од 4000 евра. За третата награда, со вредност од 3000 евра, Антонија Гиговска ја изведе песната „Погледни ме“, од Кире Костов ( музика и аранжман) и Миодраг Врчаковски (текст).
Антонија Гиговска
Покрај главните награди беа доделени и награди: за интерпретација – Ѓунеш Абазова од Белорусија, за најдобар дебитант ја освои групата „Д’ Чикс“ од Велес, најдобар стајлинг – Мартина Иванова од Бугарија . За најдобар аранжман беше награден Стафан Ставерт за композицијата “The land of my song”, со која настапи гостинката од Финска, Соња Бишоп,за најдобар сценски настап „Само Тони и две жени“.
Антонио Ристески со неговите две жени Марија Докузова, Тинче Стојанова и нивниот музички пријател Ефтим Трајчов
(Ј.П.) за Публицитет.мк
Публицитет.мк