
Пред извесно време беше објавена комплетната програма на годинешното издание на еден од најстарите европски и светски филмски фестивали –Берлинскиот, кој оваа година заради сеуште актуелната пандемија од корона вирусот , претрпе неколку измени за кои веќе порано ве известивме.
Да се потсетиме , фестивалот ќе се одржи во два дела. Првиот ќе се одржи онлајн од 1 до 5 март кога жирито ќе биде повикано во Берлин да ги погледне избраните филмови од натпреварувачката програма и да ги избере победниците во секоја од категориите (Зланта, Сребрена мечка, Гран При на жирито…).
Вториот дел од фестивалот ќе се одржи од 9 до 20 јуни кога ќе бидат одржани проекции на филмовите за гледачите во одредени кино сали а некои проекции ќе се одржат и на отворено. Тогаш , на завршувањето на фестивалот ќе бидат соопштени одлуките на жирито и ќе им бидат врачени наградите на добитниците.

Жирито кое ќе ги оценува филмовите го сочинуваат шест поранешни добитници на главната награда – Златната мечка. Интересно е да се спомене дека оваа година нема председател на жирито. Жирито го сочинуваат :Иранецот Мухамед Расулоф, Израелецот Надав Лапид,Романката Адина Пинтилије, Унгарката Илдико Енједи.,Италијанецот Ѓанфранко Роси и Босанката Јасмила Жбаниќ.

Како што веќе споменавме главната натпреварувачка програма ја сочинуваат 15 филмови.Од нив дури 12 се реализирани во целост или делумно во текот на траењето на епидемијата на корона вирусот.
Домаќинот на фестивалот, Германија, е застапена дури со пет филмови меѓу кои и филмовите на Марија Шредер „Твој човек сум“ и дебитантскиот филм на познатиот германски актер Даниел Брил насловен како „Небенан“.
Французите се застапени со два филма – „ Албатрос“ на режисерот Гзвие Бовоа во кој настапуваат Џереми Рение, Виктор Белмондо, Оливер Пекиери…) и „ Малечката мајка“на режисерката Селин Скијама.

Романскиот режисер Раду Жуде , кој во 2015 година во Берлин беше награден за филмот „Аферим“, оваа година ќе се натпреварува со филмот „„Баксузно бубање или безумен порно филм“. Филмот преставува копродукција помеѓу Романија, Луксембург, Чешка и Хрватска.
Филмот говори за наставничката Ема која ќе се најде во неблагодарна позиција откако во јавноста ќе протече една приватна секси снимка со нејзиниот сопруг.Бесните родители бараат нејзин отказ од училиштето, но таа не подлегнува на таквиот притисок.Режисерот Жуде во филмот донесува возбудлива компилација од атипична форма и бескомпромисен хумор, со мноштво бритки интересни забелешки за лицемерието и предрасудите типични за денешното општество.
Филмот е снимен кон крајот на изминатото лето помеѓу двата силни бранови на пандемијата кои режисерот не се плашел да ги стави во филмот.
Главната улога на учителката Ема ја толкува актерката Катиа Паскариу. Покрај неа настапуваат уште и Клаудија Иеремиа, Олимпија Малаи, Никодин Унгереану, Александра Потокеан и Анди Васлиуиану.
Во званичната програма од 15 филмови ќе бидат прикажани и филмови кои доаѓаат од Мексико, Унгарија, Иран , Јапонија, Јужна Кореа која ја преставува режисерот Хонг Сан -соо со својот најнов филм „Вовед“.
Објавени се и листите на филмови во пратечките програми на фестивалот.

Така, во програмата „Специјално за Берлинале“ селектирани се 11филмови од најновата светска филмска продукција кои доаѓаат од Канада, САД,Кина , Велика Британија , Италија и Германија. Гледачите меѓу другите ќе имаат можност да уживаат и во филмовите „Мавританецот “ на режисерот Кевин Мек Доналд во кој настапуваат Џоди Фостер и Тахар Рахам, „Бестселер“ на режисерката Лина Роеслер со Мајкл Кејн во главната улога , потоа филмот„Француски излез“ на режисерот Азазел Џејкобс со Мишел Фајфер во главната улога, филмот „ Јазична лекција“ на режисерката Натали Мартинез која ја толкува и главната улога како и во италијанскиот документарен филм „За Лучио“ на режисерот Пјетро Марчели кој е посветен на италијанскиот кантавтор Лучио Дала.
Во програмската селекција „Средби“ ќе бидат прикажани 12 филмови од најновата филмска продукција на САД,Франција, Грција, Чешка, Германија…

Во мошне престижната програма „Панорама“селектирани се вкупно 19 филмови кои доаѓаат од сите страни на светот. Меѓу селектираните се најде и српскиот филм „Келти“на режисерката Милица Томовиќ во кој главните улоги ги толкуваат:Дубравка Ковјаниќ, Стефан Трифуновиќ, Катарина Димиќ, Ања Ѓорѓевиќ, Олга Одановиќ и други.
Дејствието на филмот се случува во Белград кога Србија е во војна и кога луѓето страдаат заради санкциите и инфлацијата, но секој се снаоѓа како може и умее.Се работи за еден искрен и интимен поглед во животот на едно семејство во кое се судираат политичките идентитети и заплетканите односи кои предизвикуваат конфликти.

Во програмата „Генерација“ќе бидат прикажани 15 филмови во кои се најде и канадско босанката копродукција „ Табија“ на режисерот Игор Дрљача.
Филмот преставува љубовна приказна за двајца млади кои потекнуваат и живеат во ист град но во различни животни услови и сваќања.Со помош на повеќеслојни приказни филмот ја раскажува приказната за романтичните соништа на младите и во истовреме опипливо ја документира атмосферата во повоеното Сарајево.
Главните улоги во филмот ги толкуваат:Павле Чемерикиќ, Сумеја Дардаган, Јасмин Гељо, Керим Шутуна, Фарах Хаџиќи други.
Тука се и програмите „Форум“ со 17 филмови и програмата „ Проширен форум“ со 20 филмови како и натпреварувачката програма за кусометражни филмови која содржи 20 филмови.
Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани и неколку тв серии кои наскоро би требало да се најдат пред гледачите. Се работи за 6 серии кои доаѓаат од Аргентина, Австрија, Британија, Бразил, САД, Шведска .
Организаторите на фестивалот во програмската целина „Ретроспектива на Германскиот филм“ на гледачите ќе им понудат што е најново во домашната продукција преку презентација на шест најнови германски филмови.

И конечно годинешното 71. Берлинале ја нуди и програмата „ Ретроспектива“ во чии рамки ќе бидат прикажани 26 американски фимови направени во периодот помеѓу 1932 и 1942 година а кои се режирани од можеби најпознатите имиња од тој период: Џорџ Кјукор, Хауард Хокс, Алфред Хичкок, Раул Волш,Хенри Хатавеј…
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк






