
Самуиловата тврдина, Охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, Историскиот архив, сцената „Долни Сарај“, Куќата на Крапчевци, скулптурата „Фаќач на крст“, се само дел од објектите и локациите кои блеснаа во знак на поддршка на РЕТКИТЕ, како дел од кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2021“, која годинава се реализира третпат.
– Оваа година за Денот на ретките болести 2021 година ги повикуваме сите да и помогнат на заедницата за ретки болести да се обедини со ланец светла низ целиот свет. Како и секоја година, така оваа се приклучуваме кон глобалниот повик на Еурордис за осветлување на локални и национални згради и споменици. Сите знаеме дека изминатата, но и почетокот на оваа година поминува, во светлото на COVID-19. Овој синџир на осветлени објекти ќе послужи како еден од симболичните начини за кршење на изолацијата на глобално ниво. Ве повикуваме да ни се придружите, осветлете некој објект или дајте ни ваш предлог за илуминација на некоја зграда, споменик и слично. Повеќе осветлени локални и национални згради и споменици, го зајакнуваат меѓународното влијание, порача иницијаторот на кампањата, охридскиот активист Гордана Лолеска.
Стартот на кампањата „Ги запознаваме ретките болести“ беше одбележан на почетокот од месецов.
Публицитет.мк






