Одобрена е првата национална платформата за далечинско учење – www.eduin.gov.mk – и веќе се пријавени повеќе од 600 наставници кои ќе ги снимаат методските единици за сите премети, рече на денешната прес конференција министерот за образование и наука, Арбер Адеми.
Како што кажа тој, платформата ќе биде во употреба од утре, а за нејзина изработка се користени искуствата од земјите во регионот, особено во Хрватска.
Таму ќе се прикачуваат видео лекции за сите задолжителни предмети, за сите одделенија. Видео лекциите ќе траат 15 минути и ќе бидат со видео нарација од наставници кои доброволно ќе се понудат да ги снимаат.
-Ние ги информиравме сите училишта, со апел до наставниците да се вклучат во оваа инициајтива. Досега се пријавени 600 наставници. Сите добија обрасци и упатства за подготовка за видео лекции и видеата веќе пристигнуваат и се проверуваат. Секако очекуваме бројката драстично да расте во следните денови, рече Адеми.
Министерот за образование додаде дека добил мислење од министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски оти целата територија на државата е добро покриена со интернет, а се размислува и за опција за доделување ваучери за да се приклучат на интернет оние семејства кои во моментов немаат можност да дојдат до интернет.
Платформата е изработена во соработка со Бирото за развој и УНИЦЕФ.
Според Адеми, универзитетите веќе почнале без проблем да ја спроведуваат онлајн-наставата.Министерот аплерира до сите кои немаат можност за следење на онлајн настава, да пријават во Министерството за образование.
Публицитет.мк