Засношти имавме среќа да доживееме нешто што на музички план ретко се случува кај нас.
Бевме привилегирани да го слушнеме еден од најголемите виртуози на гитарата и воопшто еден од најголемите музичари на денешницата Ал Ди Меола со своето трио.
Како прво кога ги слушате имате точен впечаток дека технички можат да отсвират се што ќе посакаат. Од нивните гитари ја чувме најубавата боја на тон кој гитарата може како инструмент да ја произведе, не само поради врвните гитари кои ги имаа туку и поради умешноста на музичарите од тој инструмент да се извади токму тој тон.
Притоа да не заборавиме да го споменеме врвниот тапанар кој така дискретно и виртуозно ги поддржуваше врвните гитари воопшто не нарушувајќи ја “лириката ” на настанот.
Кога зборувам за тонот кај музицирањето на Меола за прв пат слушнавме како тонот на класичната гитара со најлон жици може да се трансформира во разни бои преку современата електронска техника која музичарот одлично ја владее и која само мајстори на музиката може да се осмелат да ја додадат на ваков тип на музика.
Така повремено се појавуваа ефекти на рок гитара, па дури и клавијатурни поддршки на тонот. Тоа звучеше одлично и воопшто не ја наруши совршеноста и сериозноста на композициите кои до крај ја задржаа тежината и карактерот на врвна сериозна класична гитарска композиција,што пак ќе нагласам е генијално само по себе.
На крај ќе речам дека можеби врв на се’ беше посебниот правец во музиката кој г- динот Меола го има изградено Тоа е еден микс на класична гитара со акцент на шпански стил и примеси на џез траги и поп музика…
Но, се’ така генијално инкорпорирано и слеано во еден сериозен нов стил и правец кој за прв пат се среч ава кај Ал Ди Меола.
На крај да му се заблагодариме на господинот Меола за професионалниот однос и почит кон овдешната публика, тоа со почит го искажа преку прекрасното и долго музицирање.
Повторно нагласувам дека на Антички доживеавме нешто што ретко се доживува на музички план и тоа не само кај нас, туку и пошироко.
д-р Лазар Коњаноски, за Публицитет.мк
На барање на редакцијата познатиот охридски специјалист – интернист д-р Коњаноски, кој е вљубеник во звуците на гитара,а оние што го познаваат знаат дека долго, уште од детството свирел и свири на гитара ги напиша редовите погоре,како еден вид рецензија и негов восхит од концертот на Меола на Антички.
Му благодариме!