Текилата е пијалак кој АЛПОЈО редовно го дистрибуира до маркетите, кафетериите и рестораните со кои соработува.
Дали се сеќавате на вчерашната вечер. Ако се сеќавате тогаш навистина не сте се забавувале а ако не се сеќавате сигурно сте испиле премногу текила.
Текилата се смета за “дивиот” брат на Шампањското, два пијалака кои најмногу се пијат на прославите, текилата кај помладите генерации. Текилата е алкохол кој влегува во категоријата на десет најпознати алкохолни пијалаци во светот. Ако не секој, верувам дека голем процент од луѓето го имаат пробано овој пијалак, а можеби за дел од нив и станува омилен.
Еден од најпознатите светски коктели “Маргарита” го содржи овој алкохол, еден од најпознатите шотови кој се пие филмски со сол и лимон е токму текилата. Историјата, фактите, и начинот на производство на текилата не е многу познат меѓу луѓето барем не во споредба со виното и пивото. Дефинитивно, се надевам, сите знаат дека овој алкохол доаѓа од Мексико.
Текилата се добива од растението “Blue Аgave”. Ова е растение кое во природни услови на одгледување може да се најде само во Мексико во државата Халиско во околината на градот Текила (поради единствена комбинација на земјата (вулканска почва), влажноста, врнежите, температурата и сонцето). Растението е во вид на ананас со долги тенки листови и расте над земја.
Можеби ќе ви звучи чудно но на ова растение му се потребни 8 до 12 години да порасне за да биде во состојба да го даде сокот кој е потребен за производство на текила. Па на пример ако во 2011 се посади ова растение, истото ќе може најрано да се собере за производство на текила во 2019 година.
Собирањето на растението е рачно, луѓето кои го собираат се нарекуваат “jimadors” тие мора да имаат добро познавање за растението, затоа што ако го соберат прерано нема да има доволно шеќер а ако го соберат предоцна ќе биде презреано. Откако ќе се отстрани коренот и листовите со специјален нож кој се нарекува “coa” останува срцевината на растението која е во вид на ананас и може да тежи од 40 до 100 килограми.
Оваа срцевина се нарекува “piña” која најпрво се пече во печки со пареа а потоа со пресинг на истата се извлекува сокот наречен “aguamiel” или медена вода. Сокот се ферментира со додавање на одредени квасци а после ферметација следува двојна дестилација со што се добива младата или “Blanco” текила.
Текилата може да се најде во една од петте категории:
– Blanco (White/Silver) – Која е флаширана веднаш после дестилацијата или чувана помалку од два месеци во метални бочви.
– Joven/Oro (Gold) – Мешавина на бела (Blanco) и одлежана (Reposado)
– Reposado (Rested) – Одлежана најмалку два месеци но не повеќе од една година во дабова бочва.
– Añejo (Aged) – Одлежана најмалку една но помалку од три години во дабова бочва.
– Extra Añejo (Еxtra aged) – Одлежана најмалку три години во дабова бочва.
Бојата текилата ја добива од дабовите бочви по природен пат или со додавање на карамел сируп. Не може да се каже дека една текила е подобра од друга, се зависи од вкусот на оној кој ја пие. Белата текила обично е со посилен вкус и цитрусов аромат. Жолтата текила е побогата со обично помек вкус на дабово дрво или мед.
За да го заштити и контролира производството на текила, Мексико во 1970 година воведе стандарди за производство на текила.
NOM – Norma Official Mexicana:
– Текилата мора да содржи 100 % природни состојби
– Растението мора да е одгледано во Мексиканската држава Халиско
– Мора да содржи не помалку од 38 % алкохол
– Ферментираниот сок мора да е двојно дестилиран
– На шишето мора да е напишано дека е произведена во Мексико
– Мора да го има специјален бројот од NOM на етикетата
– На етикетата мора да ја има категоријата на текилата
– Флаширањето и проверката мора да е направена во Мексико
Интересни факти за текилата:
– Текилата е прогласена за национално богатсво на Мексико и ниедна друга земја нема право да го користи ова име.
– Секоја година се собираат околу 300 милиони растенија “Blue agave” за производство на текила.
– На растението му се потребни најмалку 8 години да порасне и истото се употребува еднаш.
– Од една срцевина на растението “piña” кое тежи 50-60 килограми се добива отприлика 7 – 8,5 литри текила.
– Америка е најголемиот увозник на текила со дури 80 %, потоа следуваат Германија, Шпанија, Франција и останатите земји сите заедно со 20 %.
– Четирите најголеми производители се: Cuervo, Olmeca, Sauza, Herradura и Cazadores со околу 51 % од производството на текила.
– Постојат повеќе од 900 брендови на текила.
– Во градот Текила дневно се произведува 230, 000 литри текила.