Apple синоќа го одржа најважниот настан во годината и претстави неколку новитети меѓу кои е и новата генерација на iPhone. Тим Кук на отворањето на настанот вети дека планираат да претстават серија „монструозни“ новитети од повеќе линии на производи.
На самиот старт од конференцијата, Кук ги претстави новитетите на Apple Watch, а се пофали и дека купувачите и корисниците во 97 проценти се задоволни од овој производ. Сепак најважната новина беше големиот 12,9 инчен iPad Pro, додека најочекуваната новина беше новата генерација на смартфонот iPhone – 6S и 6S Plus.
12,9 инчи: Новиот iPad Pro
„iPad е најјасната визија за иднината на компјутерите“ кажа Тим Кук на сцената и додаде дека размислувале како да направат чекор понатаму со овој производ, а решението е iPad Pro. Фил Шилер објасни дека поголемиот 12,9 инчен екран на новиот iPad ќе им овозможи на купувачите повеќе можности за користење, за играње, за консумирање содржини како филмови, како и за полесно пишување.
Но, екранот не е само зголемен туку е и подобрен. Резолуцијата е 2.732х2.048 пиксели, а изработен е со посебна технологија за подобра слика. Срцето на новиот таблет е новиот A9X процесор, а Шилер тврди дека уредот е до 80 проценти побрз од стандардните преносни компјутери.
Apple нагласи дека таблетот има графички перформанси на рангот на конзолите за играње и персоналните компјутери. Тој има дебелина од само 6,9 милиметри, а со едно полнење батеријата може да издржи 10 часа.
Веројатно најинтересни се додатоците како тастатурата и „пенкалцето“ (Стив Џобс беше голем противник на стајлус пенкалцата) кое го доби името Apple Pencil.
Apple планира iPad Pro да биде наменет за корисниците кои сакаат повисоко ниво на продуктивност од својот таблет. Тие заедно со Microsoft ги презентираа можностите во Office и работата со пенкалцето.
Новиот таблет треба да се појави на пазарот во ноември за 799 долари за верзијата со 32GB, 949 долари за верзијата со капацитет од 128GB и 1.079 долари за верзијата со 128GB и 3G/4G. Apple Pencil ќе чини 99 долари, а Smart Keyboard 169 долари.
6S и 6S Plus: Логична еволуција на iPhone
Тим Кук најави дека „шестката“ на iPhone е најпопуларниот iPhone досега, а сега е време за освежување на линијата со iPhone 6s и iPhone 6s Plus.
„Можеби овие модели ви изгледаат познато, но изменивме се што е поврзано со нив“ – изјави Кук.
Куќиштето на телефонот доби нови материјал, нов финиш, а и нова генерација на заштитното стакло за екранот. Сепак најголемата новина е мултитачот од новата генерација, односно 3D Touch. Благодарение на него, корисниците со силен и траен притисок на екранот е можат да пристапат до дополнителни опции во самите апликации и во iOS 9 оперативниот систем. Системот Taptic Engine за вибрирање е интегриран за корисниците да знаат што прават.
Во срцето на новите iPhone телефони е новиот A9 процесор, кој според компанијата е значително подобар и побрз од претходникот. Новиот смартфон доби и Touch ID од новата генерација.
Подобрувања доби и iSight камерата со 12 мегапиксели. Покрај подобриот квалитет на сликата, камерата ќе фокусира побрзо и попрецизно, а овозможено е и снимањето на видеа со 4K резолуција.
Цените остануваат исти како и на стартот од продажбата на претходниот модел, а понудата ќе стартува со моделот од 16GB. Продажбата и новиот оперативен систем, стартуваат овој месец, а до крајот на годината моделот ќе биде достапен на пазарите во повеќето држави.
Иднината на Apple TV се апликациите
Тим Кук го претстави и новиот Apple TV, најавувајќи дека долго време работеле на новиот модел. Тој додаде дека иднината на овој уред е во моќниот хардвер, моќниот оперативен систем, врвното корисничко искуство и апликациите.
Новиот гаџет доаѓа со редизајниран далечински управувач кој сега има површина за управување со допир, како и посебно Siri копче кое го активира гласовното управување.
Apple TV функционира на tvOS, платформата базирана на iOS што ветува голем број апликации наменети за овој уред. Моделот ќе се појави во октомври по цена од 149 долари за верзијата од 32GB како и 199 долари за верзијата од 64GB.
Аpple Watch
Паметниот часовник на Apple доби поголем избор на апликации, а меѓу новите се и Facebook Messenger, GoPro, iTranslate и AirStrip One.
„Мислиме дека потенцијалот и силната на Apple Watch OS 2 е неограничена“ – изјави Јеф Вилијамс од Apple. Новиот оперативен систем за паметниот часовник доаѓа на 16 септември, а Apple претстави и нови ремчиња и нови модели за овој гаџет.
Извор: kajgana.com