Научниците откриле дека австралискиот континент се поместува напред-назад по неколку милиметри секоја година, поради промените во центарот на масата на Земјата. Всушност, центарот на масата се менува во секоја сезона, што значи дека целиот австралиски континент се поместува по малку два пати годишно.
Неодамна, научниците потврдија дека Авсралија се поместила за 1,5 метри на север, во текот на последниве 22 години, како резултат на тектонски поместувања, поради што владата официјално ќе ја ажурира географската ширина и должина на земјата.
Центарот на масата е просечната позиција на масата на еден објект, а за Земјата тоа е околу центарот на стопеното јадро на планетата, што значи некаде околу 6.000 километри под површината на земјата.
Но, овој центар не се наоѓа секогаш на истото место. Како што се менува дистрибуцијата на вода на површината на Земјата од лето кон зима, така и центарот на масата на Земјата се поместува по неколку милиметри во различна насока.
Оваа мала промена во центарот на масата влијае по малку на сите континенти, но поради својата положба помеѓу Европа и јужниот Тихи Океан, Австралија се поместува најмногу, објаснуваат научниците.
За да дознаат колку многу континентот се поместува, научниците користеле 14 GPS-станици низ цела Австралија, кои можат да детектираат промени во земјата помали од 1 милиметар. Потоа ги споредиле резултатите со сателитски податоци за гравитациската сила на Земјата во текот на годината, што им овозможило да измерат каде се наоѓа водата на целата планета.
Така научниците откриле дека во текот на зимата во северната хемисвера (лето во Австралија), кога количината на снег го достигнува своето највисоко ниво, тежината на сетаа таа замрзната вода е доволно силна за да го помести центарот на масата на Земјата за неколку милиметри поблиску до Европа.
Ова предизвикува австралискиот континент да се помести северозападно за околу 1 милиметар, и неговиот североисточен раб да се навали надолу за 2 до 3 милиметри, додека југоисточниот раб да се подигне за истиот износ.
За време на летото во северната хемисфера (а зима во Австралија), се случува спротивното.
Промената е премногу суптилна за да се почувствува, премногу мала кога ќе се земе предвид големината на континентот, но сепак е доволно значајна за да влијае на сателитските мерки. Всушност научниците веќе сметаат дека GPS мерките најверојатно се веќе погрешни за 2 или 3 милиметри, што можеби и не звучи како голема работа, но е од особено значење за мерките кои се потпираат на GPS, како што е на пример зголемувањето на морското ниво или автономните автомобили.
Научниците се надеваат дека ова истражување ќе помогне да се направат GPS мерењеата поточни.
Резултатите се објавени во „The Journal of Geophysical Research“, но треба да се потврдат и од независни тимови на истражувачи пред да се направат промени на GPS мерките.
Извор:www.enauka.mk