Во образложението на Академијата за доделување на Нобеловата награда за книжевност е нагласено дека Светлана Александровна Алексијевиќ од Белорусија ја заслужила наградата со нејзиното „полифоно пишување кое е споменик на страдањата и храброста на нашето време“.
Белоруската писателка и новинарка Светлана Алексијевиќ била номинирана меѓу 198 кандидати за Нобеловата награда за книжевност и станува 14 жена-добитничка на наградата. Таа е првиот добитник на Нобелова награда од Белорусија.
Со своето пишување ги покрива најважните случувања во Белорусија во времето на Советскиот Сојуз и по неговото распаѓање, вклучувајќи ја и нуклеарната катастрофа во Чернобил, но и советско-авганистанската војна и самиот распад на Советскиот Сојуз.
Во своите документаристички книги пишува за големите трауми на руската историја давајќи им глас на сведоците на времето. Поради несогласување со властите една деценија живеела во егзил, а од 2011 година се враќа во Минск.
Со книгата „Половно време“ (2013) го достигнува врвот на својата документарна проза за руско-советската транзициска стварност, за трагедијата на комунизмот, како и за времето што следуваше по распадот на Советскиот Сојуз, кога кулминираа етничките конфликти, граѓанските војни и тероризмот.
Извор: mkd.mk