Владо Пупиноски познат кларинетист, магистер по музика последниве години успешен брокер и несуден македонски амбасадор кога е во прашање културата и музиката и дочекот на нашите музичари и уметници во САД.
Тој е еден од основачите на Македонско-американскиот културен и образовен центар. За се што успеале да постигнат и за плановите, зборува токму во ова интервју.
Со Владо Пупиноски договорот околу неговото гостување во новиот серијал „Мојот живот, мојот свет“ одеше многу брзо.
Го начекавме што се вели во расчекор помеѓу една крштевка и една венчавка и крштевка во Белград и во Охрид. Токму тоа беше поводот за неговото повторно враќање од Чикаго – САД на Балканов, Македонија и во родниот Охрид.
Тој и неговиот кларинет неразделни другари. Го прашавме дали кларинетот знае да „пее и плаче“?
Ни потврди и додаде дека не само што пее и плаче , туку и многу „зборува“.
Со кларинетот дружам од второ одделение , од мигот кога влегов во охридското музичко училиште ни вели Владо.
-Започнав во далечната 1989 година во класата на професорката Лиле Булоска теоретскиот дел, каде што се запознав со основите на музичката теорија и солфежот. Професорите Лиле и Петар Булоски ми останаа во сеќавање како одлични и компетентни музички педагози. Подоцна мој избор беше кларинетот и бев запишан во класата на професор. Димитри Ораче. Одличен педагог, кој сакаше искрено да го пренесе своето знаење на своите ученици. Дисциплината, редовноста, одговорноста и точноста беа неговите препознатливи особини, а најискрено можам и денес да сум му благодарен за тоа што сум го научил. Знаеше секогаш да има разбирање, но и да бара и очекува од неговите ученици. Секогаш даваше поддршка и беше реален во своите намери и можам да кажам дека одигра голема улога во мојата одлука да продолжам со своето образование во Скопје во Средното музичко училиште Илија Николовски – Луј.
Основното музичко училиште „Методи Патче“ е едно од моите најубави моменти и сеќавање од моето детство во родниот Охрид.
Во деновиве што ми преостанаа од одморот во Охрид ќе се обидам да најдам време и да го ѕирнам музичкото и многуте драги луѓе кои се таму. Со мојот драг професор Ораче кој е во пензија не сме се виделе со години, ама во музичкото е мојот другар од детството Петар Таневски и тој предава кларинет.
Го навративме на заминувањето за Скопје. Од 15 години е сам по светот се разбира со целосна поддршка од неговиот, за жал покоен татко Секула и мајка му Македонка.
-Заминувањето во Скопје го доживеав со преголема возбуда, солзите и тогаш и сега на секоја разделба капат по лицето на мајка ми Донче, вели Владо.
Во 1999 година Владо учествува на музички камп во Интерлохен во Мичиген, па така ја добил и идејата образованието да го продолжи надвор од татковината. Тој е првиот Македонец кој добил целосна стипендија таму во уметничката академија . На тој начин за подоцна им го отворил патот на многу други македонски музичари како на сега веќе познатиот Исмаил Луманоски, на охриѓанецот и негов добар пријател Васко Дукоски …
Со музичкото образование Пупиноски продолжил на Конзерваториумот за музика „Оберлин“ во истоимениот град во државата Охајо.
Магистрирал на Универзитетот „Де Паул“ во Чикаго, Илиноис. Две години бил член на Цивилната симфонија на Чикаго, а работел и како асистент-професор и музички координатор на колеџот „Колумбија“.
Работел со неколку врвни диригенти од класичниот музички свет како: сер Сајмон Ретл (кој десетина години е главен диригент на Берлинската филхармонија), со Оркестарот на Конзерваториумот во Оберлин, Дејвид Зинман и Оркестарот во Аспен, славниот Рикардо Мути и Цивилната симфонија, познатиот џез-кларинетист Еди Даниелс и многу други.
Со многу емоции ни раскажа како на Академијата при неговото магистрирање на сцената настапил заедно со неговиот Секула и како заеднички добиле долги аплаузи за изведбата на македонските песни, од неговите професори кои биле воодушевени од убавината и топлината на музиката и гласот на Секула.
Во „Мојот живот, мојот свет“ Владо се потсети на детството во Влашка Маала, на првата учителка Голабе Целакоска, на играњето кошарка и фудбал на улица во училиштето „Христо Узунов“ на полигонот за мали спортови, како и на неговите останати наставници.
На прашањето како е таму по Америкине, кусо ни рече: – Убаво е, ама дома си е дома.
Владо или Влатче како што го викаат домашните подеднакво ја сака класичната, забавната и народната музика. Од гените не се бега. Татко му Секула го научил на многу нешта во животот. Прераната загуба е неговата најголема тага.
-Неговото заминување за сите нас беше претешко. Тоа беше како некое искушение , беше тешко и уште е така, но животот морада оди напред , вели Владо. Тој се сеќава на кариерата на неговиот татко, на подготовките на многуте песни и фестивали. Од првата „Тие нежни години“ преку антологиската „ Врати се бела Марија“ и ред други.
Ни кажа дека интимно во себе од репертоарот на татко му ја сака „Никогаш повеќе“ од авторот Влатко Јовчески од Охрид.
Но тука е и неговиот стрико Ефто Пупиноски со кого во почетокот на јануари оваа година имаше потесна соработка . Влатко со својот кларинет учествуваше во неколку песни од новиот музички албум на Ефто кои веќе стануваат хитови.
Ни раскажа како ги крати долгите патувања, каква музика слуша. Зошто ја сака својата прва отсвирена композиција на кларинет „Полка“ и како таа и денес го враќа назад во времето кога во Чикаго ќе ја слушне по кафеаните со која носталгијата по родното место ја лекуваат дојденците од Полска.
Во интервјуто има место за неговите пријатели и колеги Ристе Тевдоски и за Владимир Четкар, ако и за соседот Ѓоко Таневски кој неодамна беше негов гостин во Чикаго.
Ние го прашавме и за честите средби со градоначалникот Никола Бакрачески, кој кога е таму по САД знае да наврати и да се сретне со него.
-Во Чикаго нема многу Македонци, но кога одам наоколу и ќе го слушнам охридскиот дијалект ми се полни душата, вели Влатко.
Негова водилка биле и се искреноста, чесноста и праведноста и бунтовноста кои ги наследил од обата родители.
Најмногу на свет вели дека го прави среќен топлината на татковото и мајчин дом средбите со семејството на неговата сестра Ана, повозрасна две ипол години од него и тројцата внуци Михаил, Наум и Јована кои и на далечина го сакаат и со нетрпение го чекаат да го гушнат.
Очигледно тие му ја подгреваат желбата за скоро да формира свое семејство и да отвори нови патишта во животот, задржувајќи ги убавите моменти за кои човек вреди да живее.
Слушнете со клик на линкот подолу:
Автор и водител: Милчо Јованоски
Публицитет.мк
Публицитет.мк