Рускиот претседател Владимир Путин му предложил на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони да му даде пасош и да го назначи за министер за економија, пишува весникот „Стампа“.
Тие информации ги раскажал самиот Силвио во вторникот пред своите сопартијци од „Форца Италија“, додека вечерал со нив во римскиот ресторан „Консолини“. „Зaмисли, во Италија ме праќаат во затвор, а во исто време Путин ми вели дека е подготвен да ми даде државјанство и да ме направи министер“, раскажувал Берлускони, додека се жалел од мноштвото дела кои се водат против него, и неколкуте пресуди.
Според „Стампа“ шеговитиот разговор со Путин најверојатно бил во крајот на јуни, кога Силвио беше во приватна посета во Алтај.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков прецизирал дека предлогот на Путин бил даден „симболично“, како израз на поддршка кон Берлускони. Но не и понуда навистина да го предводи руско Министерство, „што, природно, е невозможно“, додал Песков.
Пак на вечера со сопартијците, но во ноември 2013 година, Берлускони објавил дека може да се кандидира за европратеник од Бугарија, за да добие имунитет и да избегне италијанското правосудство. Имаше и гласини дека Русија му предложила на Силвио да стане нејзин амбасадор во Ватикан.
Извор:Фактор.мк