„Пусти мерак Ратке“ е песна која и по 15 години од создавањето и првата изведба на Горан Тодоровски на „Серенада…“ фестивалот во Битола е се’ поубава, се’ попеана и побарана.
Публицитет.мк се потруди да го најде авторот на стиховите и музиката – тоа е битолчанецот Боби Поповски, кој како што вели над две децении привремено со семјеството живее во Австралија. И како што е обичај во оваа рубрика нашите гости ги оставаме да зборуваат во прво лице еднина, за да се покомотни и сами да ги споделат емоциите со нас.
Јас сум Боби Поповски од Битола, авторот на песната (сега веќе антологиска) Пусти мерак Ратке. Моментално живеам и работам во Бризбан, Австралија. Ова моментално, се последните 21 година хехе…
Со музика се занимавам откога паметам за себе.
Се додека не набавив “вистински инструменти“ во претшколска , па донекаде и школска возраст, инструменти ми беа реквизити од покуќнината… Тенискиот рекет беше гитара, а табуретката од дневната и уште 2-3 перничиња беа моите тапани.
Инаку сме доста музикална фамилија мајка ми и татко ми пеат одлично, брат ми исто пее и свири гитара…
После војска сите тие мои амбиции се преточија во јаве и со уште неколку другари ја оформивме нашата прва група “Медиум“, јас како вокал и тапанар, фолкерот Борче Наумовски на хармоника и уште двајца други членови. Бевме доста активни за тоа време…
Се нижеа групи и свирки од коишто морам да ја одвојам групата “Боцкин“, под раководство на сега веќе починатиот виолинист Борис Талевски- Боцкинот, настапувајќи неколку години во тогаш реномираниот ресторант “Корзо“, каде исклучиво свиревме староградска музика.
Со компонирање, почнав да се занимавам уште во средно училиште, пишејќи текстови , а потоа за нив создавајќи музика…
Првиот поголем успех беше со песната „Пусти мерак Ратке“ во 2000 година испеана на фестивалот “Серенада на Широк Сокак“, каде што истоимената песна ги собра сите можни награди…
1-во место од жири, 3-то место од публика и Гран-при од жирито на фестивалот.
Боби ја пее својата легендарна Ратка…
Интересно е да се каже дека песната ја напишав ден по победата на Наум Петрески со песната “Русе ле моме убаво“ на фестивалот „Серенада“ во 1999 година, поттикнат од желба и моментална инспирација, ете и мојата песна да победи на тој фестивал, што и се случи една година подоцна на моја голема радост.
Песната ја испеа Горан Тодоровски, а пратечки вокал на фестивалот беше мојто татко Коле Поповски кој нескромно е еден од најдобрите машки вокали што сум го слушнал.
Соработката со Горан дојде спонтано, првобитната идеа беше песната да ја пеат Ибуш Ибраимовски или Душко Ѓеоргиевски, но и двајцата беа зафатени со приватни настапи на денот кога се одржуваше Серенадата, директорот на фестивалот ме контактираше и ме праша дали е во ред песната да му ја дадеме на Горан. Со задоволство се сложив и испадна полн погодок.
Песната е вистинска приказна , за што е пишувано во повеќе наврати…
Напишана е за мојата тетка Ратка Колевска, инаку и самата една од првите пеачки во радио Битола во 50-те години…
Како млада била вљубена и во врска со момче, градско и убаво, но заради мала расправија и малку повеќе инает, се скарала со момчето и во неколку недели се омажила со мојот тетин…
Останала верна на сопругот до крајот на својот живот но приказната за изгубената љубов си тлеела во срцето сите овие поминати години…
Од другата страна “момчето “ кој исто веќе не е меѓу живите, си имал своја фамилија, но потајно тагувал по истата љубов до крајот на животот.
После Ратка светлото на денот го видоа уште 13 мои песни (повеќето наградувани)
И последната тука необјавена песна од минатогодишниот фестивал Охрид фест 2014 (трубадури) “Песна Стара Охридска“ исто наградена со 2-ро место од жирито на фестивалот.
Свирки и тезги веќе не работам последните 5-6 години, затоа што бараат премногу труд и напор, а и ако беше за аирлија што велат старите доста беше едно 20 -тина години свадбарење и тезгарење…
Но тоа никако не значи дека се откажав од музиката… Напротив, песни пишувам и понатаму и чекам некои подобри денови за Македонската песна воопшто…
Последниве години под псевдонимот “битолскасеренада” објавувам песни исвирени и испеани од мене на популарниот канал YouTube, па за некои 5-6 години имам објавено околу 700-ни видеа. Песните се прифатени одлично не само од Македонија туку и од цела бивша ЈУ.
Неретко на нив ме придружува и мојот син Мартин кој мора да го пофалам, затоа што навистина е несекојдневен талент за музика… Свири и тапани и гитара и се што ќе му дојди при рака.
Имам огромна поддршка од сопругата Елизабета и поголемата ќерка Соња, во она што го работам, затоа што многу често знам да снимам нешто и во 2 по полноќ. Јас велам тивко и пригушено, но тие не велат така
Со почит – Боби !
Забележал: М.Јованоски
Публицитет.мк