Денеска е Божик , денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Ова е втор најголем празник во христијанството, по Велигден.
Црквите кои го користат грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и повеќето православни цркви, го прославуваат на 25 декември. Црквите кои го користат јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божиќ на 7 јануари до 2100 г., а потоа ќе го прославуваат на 8 јануари до 2200 г., па на 9 јануари до 2300 г. итн.
Со вечерата на денот пред Божиќ (Бадник) завршија предбожиќните пости. Во повеќето земји во светот со значителен дел на христијанско население, вклучувајќи ја и Република Македонија, Божиќ е празник и неработен ден.
И покрај аналогиите со зимските празнувања кои се идентични во многу култури низ светот, несомнено е дека Божик е најголемиот христијански празник, ден на кој се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Како што истакнува истражувачот на македонските празници и обичаи – фолклористот Марко Китевски, овој празник е наречен „матица“ на повеќе празници, бидејќи да не било раѓањето на Исус Христос, немало да го има ниту негово крштевање (Водици), ниту Распетието и Вокресението (Велигден), ниту пак Вознесението(Спасовден), а немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден и други празници од христијанскиот календар. Важноста на овој ден за христијаните ја покажува и фактот дека тој празник е земенза клучен датум, камен темелник за пресметување на времето, па така пресметувањето на годините одстарата и новата ера, се смета како време пред и по раѓањето на Христос.
Иако помеѓу христијанските празници, Божиќ се издвојува како празник над празниците, сепак, во првите три столетија на христијанството, не се чествувал и одбележувал овој голем празник, а објаснувањето на овој факт е во тоа дека првите христијани не му давале никакво значење на физичкото раѓање, туку тие сметале дека смртта е вистинското раѓање кое води кон вечноста. Оттаму и крштевањето како еден вид духовно раѓање било сметано за почеток на патот кон христијанските доблести и патот кон вечноста, па затоа во првите три века повеќе му било придавано значење на Христовото крштевање, одошто на неговото раѓање. Најстар споменик што зборува за Божиќ е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.
Во денешно време, македонскиот народ со многу внимание го празнува Божиќ,како ден на Христовото раѓање. Обичаите што се изведуват денес се остатоци од минатото и иако поголемиот број од нив се исчезнати, за нив дознаваме од записите на собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали – браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков итн.
Co Божик започнува периодот од 12-те т.н. некрстени денови, кои некои ги нарекуваат и„Ристосови денови“. Овие денови траат до Водици, а тој период се верува дека е исполнет со многу активности на негативните демонски сили, со религиозен страв и разни магиски заштитни практики. Според народното верување, од Божик до Водици кога Исус не бил крстен, разни зли демони како вампири, караконџули и вештици се активни и се обидуваат да му напакостат на човекот, а дури на Водици кога се крштева водата се парализираат нивните дејствија.
Публицитет.мк