Свети Трифун и Свети Валентин празниците на виното и љубовта благодарение на вечерашниот концерт на младиот Петар Маркоски и пријателите беa достојно одбележани во Охрид.
Музичкото патување низ времето насловено „Не кажувај либе добра ноќ“ на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ донесе грст македонски народни бисери кои му одолеале на вековите, но имаше и такви кои се актуелни, ама блиски до нашата богата музичка традиција.
Петар, Даниел и Охридските чалгии не потсетија на многу рефрени кои ќе ги потпевнуваме уште долго по концертот. Актерот Ивица Цонев меѓу виното и песната со осет и ненаметливост потсети на прекрасните стихови во кои е опена вечната инспирација на уметниците – љубовта.
Младиот и надежен Петар синоќа покажа дека освен забавната, благодарение на одличните аранжмани и импровизации на мултиталентираниот негов другар и соработник Даниел Јовески – пијано, дека подеднакво добро – на свој начин и стил може да ја пее и народната песна.
-Во публиката видов многу лица кои пееа заедно со мене и со аплауз ме бодреа. Имаше и такви – млади двојки кои срамежливо си подарија по некој бакнеж.Тоа ми даваше енергија од песна во песна да бидам подбар и да издржам цели 2 часа на сцената. Се чувствувам прекрасно, среќен сум, вредеше сиот мој ангажман и ангажманот на сите наши соработници, кусо ни рече Петар.
-Концертот беше посветен на љубовта, опеана во песните. Петар придружен од звуците на нашата тајфа и неговиот пријател Даниел лесно „патувавме“ низ времето кога вечерните седенки биле стварност а свирењето и пеењето под пенџери речиси секојдневие. Тешко дека таквото романтично време денес може да вирее и да се врати. Познато е преку песна љубовта најлесно се признава, вели познатиот виолинистот Џеват Рамаданоски.
Оние кои беа во Центарот за култура долго ќе се сеќаваат на концертот, тие што не дојдоа ќе треба да чекаат нова пригода за да можат да уживаат во овој музички перформанс изведен од наши, охридски артисти. Тие покажаа дека вредат и дека треба само да им се даде шанса да се покажат.
Милчо Јованоски, Публицитет.мк