Најавите од ЕУ почнаа да се остваруваат. Од вчера хрватските власти почнаа со построга селекција на бегалците кои доаѓаат од Македонија и Србија. Вчера вратиле 28 лица. Ова всушност значи дека балканскиот коридор практично е веќе затворен.
На листата се и сириските државјани со место на живеење во Дамаск и Рака. Значи транзит веќе не е дозволен на пет града од Сирија, три града од Ирак и од уште 12 провинции од Ирак. Ова се сега невоени зони и лицата со документи од таму веќе не се примаат на кота 59.
Овие нови препораки од вчера веќе се применуваат и на кота 59 на македонско-грчката граница.
На самитот на ЕУ утре приоритет на Унијата треба да биде прогласувањето на одлуката за затворање на нелегалниот тек на бегалците по балканската рута кон Германија, пишува виенскиот весник Стандард.
Утре најпрво ќе се одржи самит на ЕУ со Турција, а потоа и состанокот на шефовите на владите и државите на 28-те членки на Унијата.
Се очекува дека Турција во иднина конструктивно ќе соработува во контролата на надворешните граници на ЕУ и дека ќе прифати да бидат вратени емигрантите кои немаат право на азил.
Унијата се очекува дека утре ќе се обврзе да ѝ ја пружи на Грција сета можна помош, вклучувајќи и значителна финансиска, како и дека ќе испрати службеници на заедничната гранична агенција на ЕУ, Фронтекс, на границите на Грција со Македонија и Албанија.
Постојат стравувања, особено во Рим, дека емигрантите ќе се обидат да патуваат на север преку Албанија и Италија.
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу, по средбата во Анкара со Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, се согласил Турција да го интензивира враќањето на илегални мигранти од Грција, како дел од билатералната програма за реадмисија со Атина.
Извор: www.mkd.mk