Томе Љушев-Шпанец роден е 1974 година во Охрид. За Публицитет.мк раскажува за неговата дружба со фотографијата.
Првиот контакт со фотографијата го имав на 10 годишна возраст. Се започна кога татко ми замина на терен. Знаев дека ќе го нема неколку дена и скришум го отворив регалот каде во еден дрвен куфер го чуваше неговиот фотоапарат “смена 8” и голема колекција на слики кои тој ги имаше направено. Разгледувајќи ги неговите црно бели фотографии кај мене се јави голема љубов за фотографијата, поготово за старата фотографија за која и до денеска се’ уште се интересирам собирајки стари фотографии од Охрид и околината и сум еден од администраторите на групата “ОХРИД СЛИКИ ОД МИНАТОТО”.
Од тогаш започнав да се бавам со фотографијата,после и професионално,како со фотографијата така и со видео монтажа. Талентот го наследив од мојот татко Борис Љушев, на кого сум многу благодарен. Во текот на овие години, главно уживав во друштво на млади брачни партнери, фотографирајќи ги, правев единство од нивната убавина и младост со неодоливите пејзажи на Охрид, на тој начин зачувувајќи ги вечно нивните најдобри спомени од нивната свадба.
Се разбира,да се биде на свадба фотограф значи умешност да се справи со речиси сите видови на фотографија, од портрети, макро фотографија, улична фотографија и внатрешен дизајн… така што сите овие години имам стекнато големо искуство не само за фотографирање на свадби, туку и семејства, новороденчиња, конференции, регати, маратони, самити, разгледници, календари, макро фотографија, новинарска фотографија, црковна фотографија, надворешни и внатрешни ентериери.
Еден сум од авторите на новата монографија на најубавиот жив манастир во Македонија Св.Јован Бигорски и женскиот манастир-Рајчица. Исто така, автор сум и на многу разгледници и календари. Имам направено заедничка изложба со мојот драг колега Владимир Јосич во 1998 на Петроварадинска тврдина во Нови Сад. Во план сум да подготвам две самостални изложби, кој ќе бидат отворени на почетокот на новата туристичка сезона во нашиот град, вели фотографот Љушев.
Публицитет.мк