Технички, може да се спроведат избори и на 24 април, но дотогаш не може да се направи целосна проверка и пречистување на Избирачкиот список.
Ова е ставот што денеска, во името на Државната изборна комисија, на политичките партии што преговараат во Клубот на пратениците (олеснувачот Питер Ванхауте ги свика утрово) им го пренел претседателот на оваа институција, Александар Чичаковски.
„На прашањето дали избори на 24 април може да се спроведат, мојот одговор е дека технички изборите може да се спроведат, меѓутоа проверка и пречистување на Избирачкиот список не може да спроведе, што значи дека не може да се обезбеди ниту Избирачки список во кој сите ќе имаат доверба“, изјави Чичаковски.
Во документот што на партиите им го предаде претседателот на ДИК, стои и дека не може да се прецизираат рокови за завршување на процесите чиј крај треба да донесе доверба во Избирачкиот список, но оти за тоа би биле потребни најмалку три до четири месеци.
Посредникот Ванхауте изјави дека не е поентата во држењето за роковите, туку во создавањето услови за кредибилни избори.
„Очигледно е дека не треба да се држиме до роковите. Она што е потребно е да се обезбедат сите услови за пречистување на Избирачкиот список за да има кредибилни избори“, изјави Белгиецот.