Чист Охрид денеска ја одржа својата 10 акција, што претставува своевиден мини-јубилеј во тримесечното постоење на оваа организација.
Беше чистена патеката од улицата „Марко Цепенков“ до Општата болница. Важно е да се напомене дека ова е веќе трета акција на Чист Охрид околу болницата. Седуммината наши волонтери денеска собраа 20 вреќи и кутии со големи количини скршено стакло, со што се повтори количината од минатиот пат. Тоа се веќе 40 вреќи на локација на која Охридски комуналец тврди дека е спроведена акција од страна на нивните вработени. Затоа, би сакале да ги запрашаме: Како го објаснувате тоа што заедно со вашата акција, на само една тревна површина се собрани 70 вреќи отпад?
Откако во нашата претходно објавена реакција ја објаснивме законската рамка според која Комуналец индиректно стекнува надлежност за чистење на приватни површини, а воедно и истакнувајќи дека денешната акција во целост се спроведе на земјиште кое е заведено како државна сопственост, што значи дека е директна и неизбежна обврска на Охридски Комуналец, и откако се дојде до бројката од 70 вреќи на посочената локација, би сакале да го запрашаме Комуналец како ја објаснува алармантната ситуација, односно хоророт кој се случува насекаде околу Општата болница, особено површините под негова директна надлежност, а воедно би сакале да ја запрашаме и ЈЗУ Општа болница како го објаснува ужасот на местото определено за отпадот, како и контејнерите за медицински отпад? Истовремено, зошто медицинскиот отпад е на тревната површина, измешан со останатиот отпад и зошто не е соодветно складиран на местото определено за тоа?
Дали сте свесни дека ги изложувате на огромен ризик сите граѓани кои секојдневно поминуваат оттука? Од фотографиите може да се забележи дека надвор од контејнерите за медицински отпад се расфрлани различни медицински садови полни со крв и останати супстанци, а би сакале и да наведеме дека најдовме и шприцеви и околу 40 примероци хартиена амбалажа од медицински игли. Дополнително, отпадот очигледно не се собира редовно, па според тоа немавме можност да ги складираме сите собрани вреќи на соодветното место, односно во контејнерите.
Очекуваме Комуналец и Општата болница да се изјаснат по овие прашања.
За жал, тоа не е сѐ. Чист Охрид од својата теренска работа дојде до заклучок дека тука се потребни уште акции, но по 3 спроведени акции во реонот на болницата, сметаме дека е крајно време Комуналец да си ја исполни обврската за која добива пари од граѓаните. Локацијата е и понатаму преплавена со огромна количина градежен шут и бараме во најкраток можен рок тоа да се отстрани! Сите заслужуваме здравствени установи кои ќе ни дадат здравје, а не зараза, и сите заслужуваме чист Охрид, се вели во соопштението од ЧИСТ ОХРИД .
Публицитет.мк