Денеска „Чист Охрид“ одржа акција за чистење на тревната површина зад гимназијата „Св. Климент Охридски“.
Од фотографиите може да се види дека состојбата беше прилично загрижувачка и дека е потребно под итно да се работи на свеста на учениците и училиштето, но и на граѓаните. Најнечистите делови беа долж оградата па може да се претпостави дека минувачите придонеле кон хаосот кој го затекнавме на локацијата. Најголем дел од отпадот се состоеше од амбалажа од сокови, мали чоколади и слични производи. Исто така, како и на други локации, можеше да се види дека отпадот стои таму подолго време, па зеленилото го имаше најдено својот пат над него.
Нашата волонтерска екипа собра седум големи вреќи отпад, што мораме да истакнеме дека е алармантно со оглед на тоа дека се работи за мала површина, а фактот што се работи за училиште јасно покажува дека има огромна потреба од едукација на учениците, за кај нив да се развие свест и грижа за животната средина.
Би сакале да истакнеме дека на тој простор нема поставено ниту една канта за отпадоци, а воедно апелираме до надлежните да бидат поажурни во справувањето со проблемот со отпадот кој го има нашиот град, а самиот град и училиштата ги повикуваме да преземат итни едукативни и практични мерки кои би делувале превентивно во иднина, создавајќи одговорни граѓани кои се свесни дека онаму каде што живеат нема простор и изговор за расфрлан отпад,велат од „Чист Охрид“.
Повеќе фотографии од акцијата можете да ги погледнете на овој линк.
Публицитет.мк