Нагоните се внатре како кристали.
Каде што нема лик и фигура ,нема драма.
Уметноста не е инспирација туку дружење со Бога.
Драган Спасески – Охридски
Во Дом – Галеријата „ Резонанса“ синоќа беше промовирана Монографијата за ликовниот уметник и поет Драган Спасески – Охридски.
Автор на монографијата е еминенетниот историчар на уметност Дејан Ѓориќ од Белград – Србија кој пишува за сликарството на Охридски . По неговиот воведен текст „Охридска Мадона“ е насловена и монографијата во чие создавање како ко-автор се појавува проф.д-р Кристина Николовска која опсежно се осврнува на поетското творештво на д-р Драган Спасески – Охридски. Нејзиниот текст носи наслов: „Поетската светлина на Охридски.
„ Тој искрено побара од зборот да и’ се „обрати“ на сликата а сликата пред нас, ја замоли да го „праша“ зборот, формите ги помоли да го „ наслушнат ветрот“ на синергиите и симбиозите на уметностите… А нас, како на свои , не’ одведе пред своите височества, та пред нив, тој самиот – се помоли за нас,“ вели д-р Николовска.
Свовремено познатиот историчар на уметност Борис Петковски ќе каже и запише: „Малку има современи сликари што на толку сигурен и префинет начин го возвишиле вечниот мотив на мајчинството, мајката и детето, Марија и малиот Исус, малкумина од нив ја сфаќаат човечноста како тематика. Уметникот Спасески го претставува своето семејство на универзален начин свесен, за вечните но сега загрозените вредности, сликарството за него е посветеност на тајната и израз на љубов, затоа што, таа сама посебе е чин на верата.“
Авторот на монографијата Ѓориќ ќе запише: „ Сликарството на македонскиот уметник Спасески – Охридски го сочинуваат семејните портрети и портретите на пријателите, автопортрети, технички изискувачки прикази на човечки фигури и дела со мистичен карактер. Не станува збор само за интимно штафелајно сликарство во духот на најдобрите оставрувања на европската уметност. Сликарот ја обновува заборавената тематика,зашто психолошките портрети малку кој умее да ги слика, камоли да ја осовремени ренесансата или естетиката на симболизмот.“
Во име на промоторот на книгата Зорица Лајпур – Богданоски,текстот пред присутните го презентираше нејзиниот сопруг, драматургот Русомир Богданоски: а издавач на монографијата е „Матица македонска“ од Скопје.
Публицитет.мк