Новелата “Побуна на бродот Баунти“ е на пишана од Чарс Нордоф и Џејмс Норман Хол а е издадена во 1932 година.Таа е темелена врз вистинските настани кои се одвивале на бродот „ Баунти“ во 1789 година кога се случила побуна на посадата на бродот против капетанот Вилијам Блај.Оваа новела е всушност првиот дел од триологијата која продолжува со новелите „Луѓето против морето“ и „ Островот Питкам“.
Оваа новела била инспирација за реализација на неколку филмски остварувања.Така,првата филмска екранизација е од 1916 година. Се работи за нем филм во автралиска продукција во режија на Рејмонд Лонгфорд.
Постои уште една австралиска екранизација на оваа новела од 1933 година.Се работи за филмот „ Будењето на Баунти“ во режија на Чарлс Чаувел кој го напишал и сценариото за филмот кое било темелено врз делото на Чарлс Нордоф и Џејмс Норман Хол.Оваа верзија ќе остане запаметена по тоа што во него за првпат на филмското платно настапува идната голема ѕвезда на Холивуд- Ерол Флин ,кој во филмот го толкува ликот на младиот офицер Кристијан Флечер ,кој ги предводи бунтовниците.
Две години подоцна во 1935 година ,во режија Френк Лојд ,е направена нова верзија на „ Побуна на бродот Баунти“ во која како носители на главните улоги се појавуваат Чарлс Логтон во улогата на суровиот капетан Блај и Клерк Гејбл во улогата на младиот офицер Кристијан Флечер.
Филмот бил реализиран со буџет од 1,95 милиони долари на локации во Француска Полинезија,во студијата на Метро Голдвин Мајер, на отворено море на јужниот Пацифик,потоа на Тахити, на островот Санта Барбара,и на локации на Санта Каталина и Сан Мигуел.
Филмот имал 7 номинации за наградата Оскар ,меѓу другите и за најдобри улоги за Гејбл и Логтон како и за најдобра режија.Го освоил само Оскарот за најдобар филм за1935 година.
Во 1962 година беше направено ново видување на филмот „Побуна на бродот Баунти“ во режија на Луис Милестон ,кој го заменил режисерот Керол Рид кој пак се откажал од филмот заради огромните несогласувања со актерот Марлон Брандо кој во филмот го игра ликот на младиот бунтовен офицер Кристијан Флечер.Улогата на капетанот Вилијам Блајт ,во оваа верзија, ја толкува познатиот актер Треворд Хауард.Филмот имал буџет од 19 милиони долари и имал седум номинации за наградата Оскар но не добил ниту еден.
Овој филм ќе остане запаметен по недоличното одесување на Марлон Брандо кон неговите колеги но и по тоа што по завршувањето на снимањето на филмот тој ќе се ожени со Тарита Тирипиа,локалната убавица, која го игра ликот на Маимити во овој филм.
Има и еден интересен момент околу репликата на бродот кој бил изграден за потребите на снимањето на филмот а кој бил направен според плановите на адмиралитетот. Имено бродот бил поголем за една третина од вообичаената големина за да можел во себе да ја собере комплетната филмска екипа и опрема.Оваа реплика била преставена на светскиот саем во Њујорк во 1964 година.Во 2007 година бродот испловил во Велика Британија и притоа посетил неколку пристаништа, но не како „ Баунти“ туку како „ Црн Бисер“ од филмскиот серијал „ Пиратите од Кариби“.Сепак ,оваа „измама“ ја открило едно дете и ја пријавило на медиумите.Во 2011 година ,репликата на бродот била видена во Норвешка каде се продавала по цена од 4,6 милиони долари.Бродот „ Баунти“ кој бил долг 55 метри завршил неславно кога во октомври 2012 година потонал под налетот на ураганот „Сенди“ на околу 145 километри југоисточно од крајбрежјето на Северна Каролина.
Последната екранизација на новелата „Побуна на бродот Баунти“ е направена во 1984 година во режија на Роџер Доналдсон.Во оваа верзија, именувана како „ Баунти“ ликот на Кристијан Флечер го игра Мел Гибсон а ликот на суровиот капетан Вилијам Блај, Ентони Хопкинс.Во филмот настапуваат уште и Лоренс Оливие ,Едвард Фокс, Даниел Деј Луис, Лиам Нисон и други.Интересно е дека ова е дебитантска улога на големото филмско платно за Даниел Деј Луис но и една од првите улоги на Лиам Нисон кој по 10 години ќе го освои оскарот за најдобра машка улога во филмот „Шиндлеровата листа“ на Стивен Спилберг.И кога веќе ја споменуваме наградата Оскар да кажеме дека во филмот скоро сите носители на главните улоги во оваа верзија се добитници на оваа награда. Така ,Оскар имаат добиено Ентони Хопкинс (1), Лоренс Оливие (2),Мел Гибсон (2),Лиам Нисон (1) и Даниел Деј Луис(3).
Но и покрај се‘ ,според критичарите, најдобра верзија е онаа од 1935 година ,најспектакуларна е верзијата од 1962 а најслаба онаа од 1984 година.
СТАРЕЦОТ И МОРЕТО
На богатото творештво на еден од најпопуларните американски писатели Ернест Милер Хемингвеј ќе се потсетиме преку екранизацијата на неговиот роман од 1952 година „ Старецот и морето“ за кој во 1953 година ја доби Пулицеровата награда.
Во овој роман на хемингвеј има само неколку ликови.Главни јунаци се старецот Сантијаго и детето Манолино.Сантијаго е стар риболовец кој живее во сиромашна колиба. Тој веќе цели 84 дена излегува на море но се враќа дома без некој голем улов. Сите во селото мислат дека старецот го напуштила риболовната среќа. Тој некогаш бил врстен риболовец кој пловел дури до бреговите на Африка.Тој честопати сонува лавови кои ја симболизираат јачината и храброста која старецот ја поседувал во младоста и за која сега копнее.Монолино е единствениот пријател на стариот Сантијаго.Тој со него плови уште од својата петта година,меѓутоа кога родителите на Монолито забележале дека старецот извесен период нема успех во ловот,тие одлучуваат да го испратат на брод за ловење риби кој има повеќе среќа.По 84 дена лош улов,старецот одлучува да заплови во потрага по риба… И, се случува чудо…
Во 1958 година познатиот режисер Џон Старџиз ја прави првата екранизација на романот на Хемингвеј во кој главната улога ја толкува ,тогаш познатиот актер Спенсер Трејси. Улогата на момчето Монолито ја игра Филипе Пазос.Филмот во 1959 година имал три номинации за наградата Оскар од кои едната била за актерот Спенсер Трејси.Филмот доби само еден Оскар во категоријата за најдобра оригинална музика напишана од Димитри Тјомкин.
Во 1990 година режисеротЏуд Тејлор направил нова верзија на романот на Ернест Хемингвеј ,но како телевизиски филм.Главната улога во оваа верзија му е доверена на познатиот актер Ентони Квин.Се работи за верзија за која многу малку се знае и покрај тоа што Ентони Квин извонредно го толкува ликот на старецот Сантијаго.
Во 1999 година направен е и еден кусометражен анимиран филм во режија на Александар Петров кој доби Оскар за најдобар кусометражен филм во 2000 година.
Инаку, Хемингвеј честопати бил мета на филмаџиите бидејќи голем број на негови познати дела доживеале успешни екранизации.Ќе ги споменеме неговите романи „ Збогум оружје„ од 1929 година кој најпрвин бил екранизиран во 1932 година со Гари Купер и Хелен Хејс во главните улоги и во 1957 година со Рок Хадсон и Џенифер Џонс во главните улоги.Потоа „ Снеговите на Килиманџаро“ од 1932 година кој е екранизиран во 1952 година со Грегори Пек, Ава Гарднер и Сузан Хејворт ;„ За кого бијат камбаните“ од 1940 година ,екранизиран во 1943 со Гари Купер и Ингрид Бергман во главните улоги и многу други.
Во следното продолжение ќе се потсетиме на творештвото на Александар Дима и едно од неговите најфилмични дела „Тројцата мускетари“.
Автор: Ѓоко Симјаноски / Публицитет.мк