проф. д-р Елка Јачева – Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје
Кога пред некој ден по телефон ме праша една драга пријателка колку години ќе наполнам денеска, како од пушка ѝ одговорив 52, и ја излажав. Ненамерно. Кога потоа си пресметав излезе дека јас денеска полнам 54… сериозна бројка, нема што?! Иако јас, сè уште, се чувствувам како дете. Зошто е тоа така – мислам дека знам. Исто како што знам – зошто оној ден ѝ реков на пријателката – ќе наполнам 52. Се случи тоа така, зашто јас си ги бројам само прославените родендени… а за мене прославени родендени се оние кога се прави голема журка кај нас дома со многу народ – докај 50-60 души. Последниот мој ваков роденден се случи во 2019 г., кога наполнив 51. Беше тоа една голема журка, со караоке и песни од нашата младост, главно, од југословенската рок-сцена, но и со македонски шлагери од 70-тите години на минатиот век. Се собравме многу народ тогаш и бидејќи „нели си реализирана госпоѓа што си има сè што треба“ – според зборовите на една другарка – решив да ги замолам пријателите наместо подарок, кој колку сака да донира за лекувањето на едно наше дете од пријатели. Пред некој ден, баш, за Нова година ми се јави мајката на девојчето и ме израдува со прекрасната вест дека С. здравствено се чувствува многу добро и дека одлично ѝ врват студиите во странство. И така, следните 52. и 53. роденден останаа во сенка зашто ги одбележав скромно и во тесен круг на пријатели. Минатата година се заколнав дека оваа 2022 пак ќе правам журка, убедена дека проклетава болештина ќе стивне, ќе ја снема… Но не бидна така! Останува и оваа година, како и минатата, да го прославам само со Игор и со Исток во „нашата“ кафеана што ни е на пет чекори од дворот… вечерта, ќе дувам свеќички на жито-тортата што веќе 25 години традиционално за мојот роденден ми ја прави свекрва ми, Лиле… покрај нас тројцата, на „свеќичките“ ќе бидат присутни и брат ми Влатко, и „тортоправачката“ Лиле, и мајка ми Вера… погоре ви реков дека и на оваа возраст, сè уште, се чувствувам како дете. Разбирате зошто, нели? Зашто, фала му на Господа, имам жива и здрава мајка која уште ме штити, се грижи за мене, ме чува и љубопитствува со мене по неоткриените македонски предели ̶ како дете!
Публицитет.мк