Ги одбележуваме родендените на нашите читатели: Ристо Лазаров и Ацо Јанев. Еве како ќе го поминат денот на роденденот.
Денеска поетот, есеист, литературен и театарски критичар, кој целиот свој живот го поминал како новинар, Ристо Лазаров го слави 70 роденден.
Го прашавме: Каде, како и со кого? Тој одговори:
-Па така, како пензиониран пензионер, овој ден ќе го поминам со најтесното семејство, значи со најмилите на чело со внука ми Јана, во Прага, крај Влтава… Поубаво – здравје!
Ристо Лазаров е автор на триесет и пет оригинални поетски книги (две за деца), а објавени му се и Избрани дела и уште три избори од неговата поезија. Застапен е со книга и во репрезентативниот избор 130 книги македонска книжевност, како и во сите антологии на современата македонска поезија. Петнаесетина стихозбирки му се објавени на странски јазици (англиски, руски, бугарски, српски, словенечки…) Самиот е преведувач на ист број поетски книги на познати поетски дела од странски јазици (англиски, српски, хрватски, бугарски, чешки…). Автор е на четири книги огледи и есеи, како и на повеќе книги од областа на публицистиката. Добитник е на сите релевантни награди за поезија во Македонија, меѓу кои и на наградите ,,11 октомври” за животно дело, наградата ,,Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата, наградата на Друштвото на писателите на Македонија ,,Ацо Шопов” за најдобра книга поезија и други. На млади години е добитник и на наградата за новинарство ,,Мито Хаџи Василев – Јасмин”. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1972 година, осум години беше претседател на Македонскиот ПЕН центар, а член е и на Чешкиот ПЕН. Работниот век го помина како новинар: бил главен и одговорен уредник на ,,Млад борец”, главен уредник на македонското издание на ,,Комунист”, генерален директор на југословенската новинска агенција ,,Танјуг”, главен уредник на меѓународното списание ,,Балкан Форум”, помошник главен уредник (за саботното издание) на ,,Нова Македонија”, а од 1997 година до заминувањето во пензија во 2014 година беше директор и главен уредник на националната телевизија Телма.
Лазаров, сега живее во триаголникот Скопје – Прага – Охрид. Долга низа години литературните дела ги пишува во Охрид. Оние кои редовно ја следат нашата литературна и новинарска продукција во Ристо Лазаров не можат да препознаат пензионер: продуктивен е во сите области – редовно објавува книги, новински колумни и други текстови. Не само на шега вели дека кај нас писателите добиваат професионален статус само со заминувањето во пензија.
Денес роденден слави уште еден новинар – Ацо Јанев.
Охридската и пошироката јавност го памети како новинар во Радио Охрид.
Колегата Јанев во чест на неговиот 76 роденден ни одговори кусо во свој стил:
– Што ми значат родендените? Радост за мене и моето семејство. Денешниот го дочекав со желба и наредниот да го прославам со моите најблиски секако и со моите драги пријатели.
Родендените се можност за средба со сите што ги сакаш и сите што те почитуваат.
Доколку дозволи времето и денеска како и најчесто преокупација ќе ми биде прошетката во природа или како што јас си го нарекувам дружба со природата, ни рече Јанев кој долги години, особено по пензионирањето живее на релацијата Охрид – Велестово – Охрид.
Публицитет.мк