
Снежана Стојчевска – поетеса од Скопје.
Септември отсекогаш ми бил омилен месец во годината и за мене значи почеток на нова животна, а некогаш и училишна година. Уште од дете сум го сакала неговиот мирис и возбуда, поклоните што ги добивав од моите родители. Кај нас дома септември е роденденски месец, бидејќи брат ми е роден на седми, а јас на седумнаесети септември. Се сеќавам на родендените со другарчиња на кои имаше закуски на француско лепче, а за поклон се носеше молив, пенкало и тетратка. Од кога пред седумнаесет и пол години се роди мојот син Калин, неговиот роденден стана најважниот празник за мене, а моите родендени ги славиме со најблиското семејство, скромно, но со многу љубов. Секогаш завршуваат со симболично замислување желба и дување на свеќи на роденденска торта која ја прави мајка ми, и секогаш е превкусна. Како што созревам така се менуваат и желбите и сега се навидум едноставни, но суштински. Да сме живи и здрави сите, да сме на број, да сме сложни, да се сакааме и почитуваме. Ова е трет роденден кој го прославувам без татко ми и неизмерно ми фали, особено на денови како овој. Луѓето што ги сакаме засекогаш се дел од нас, па така е и овој ден.
Публицитет.мк







