Вестернот како филмски жанр е всушност американски филмски жанр кој припаѓа на родот на играниот филм.
Попрецизно тоа е секој филм со акционен , авантуристички , воен карактер чие дејствие се случува во западните предели на САД , во прединдустрискиот период , односно за време на населувањето ( „колонизацијата“) на белците – приближно од крајот на 18 до крајот на 19 век.(Филмска енциклопедија, 1990)
Уште поточно дефинирано, тоа се филмови во кои се прикажува периодот на масовната колонизација овозможена со мошне погодниот закон за добивање на земја- приближно од 1865 до крајот на столетието .Без разлика на периодот , во поголемиот број на вестерните се тематизира релацијата дивина – цивилизација, репрезентативниот мит за создавањето на САД.Во филмовите преовладуваат теми за истражувањето на непознатите предели , за златната грозница,осамените ловци и траперите, за судирите на доселениците со Индијанците, за патувањата на иселеничките каравани, војните против Индијанците, судирите помеѓу сточарите и фармерите, судири помеѓу преставниците на законот и насилниците…
Филмскиот жанр се јавува на самиот почеток на кинематографијата , кое коинцидира со вистинскиот крај на „ Вестерн периодот“, кога царувале легендите од дивиот запад –Бафало Бил, Дивиот Бил Хикок ,Вајат Ерп, Док Холидеј, Браќата Џејмс, Били Кид…
Интересно е да се каже дека првите вестерни се снимале во околината на Њујорк. Како прво позначајно дело од овој жанр се смета „ Големиот грабеж на возот“ од 1903 година во режија на Едвин С. Потер.Своите златни години вестернот ги има во пеесетите и шеесетите години од изминатиот век.
Говорејќи за,и презентирајќи ги десетте најдобри филмови според Американскиот Филмски Институт ,сакаме да ве потсетиме на филмовите од овој жанр кој и на овие наши простори своевремено беа еден од најпопуларните филмски жанрови. Од друга страна сакаме помладта генерација да ја запознаеме со еден филмски жанр кој денес така речи и не постои но со една забелешка дека во последните години повторно се буди интересот за него. (Актуелниот вестерн на Квентин Тарантино „ Омразените осумтемина“ )
Изборот од десетте вестерни е можност да се побараат овие филмови и да се погледнат со внимание и почит ,бидејќи се направени од вистински мајстори и актери кои оставија силен печат во филмската уметност.
ТРАГАЧИ (1956)
Филмот „ Трагачи“ ,според многумина, преставува комплексен,дури и нетипичен вестерн кој може да се опише и како класична одисеја од Дивиот запад, но и како мошне слоевит приказ на човековите мотиви за одмазда и за расната нетрпеливост која филмот критички ја апсорвира, иако таа е завиткана во романтичната рамка на патувањето.
Филмот тежиштето го става врз психолошкиот развој на главниот јунак, борецот против Индијанците, носен со нетрпеливоста и осветољубието како и на неговиот сложен однос со останатите ликови, од кои секој во себе носи нешто трагично. Покрај неповторливиот Џон Вејн во улогата на Итан Едвардс, во актерската екипа се наоѓаат и вториот омилен актер на Џон Форд- Вард Бонд (покрај првоомилениот Вејн), Џефри Хантер,Вера Мајлс, сестрите Вуд, Лана како помалечка, а Натали како неколку години постарото грабнато девојче.
Режисер на филмот е Џон Форд, автор со рекорден број на освоени Оскари за режија- дури четири , и тоа за филмовите „Поткажувач“ , “ Плодови на гневот“ , „Како беше зелена мојата долина“ и „ Мирен човек“. Иако филмот „ Трагачи “ немал ниту номинација за споменатата награда , сепак како што минувале годините неговиот углед растел ,така што познатиот филмски часопис Sight and Sound во 1982 и 1992 година го сврстил меѓу десетте најдобри филмови на сите времиња, а Американскиот Филмски Институт го стави на првото место на најдобрите вестерн филмови.
ТОЧНО НА ПЛАДНЕ (1952)
Филмот „ Точно на пладне“ преставува едноставна но извонредно раскажана приказна за храброста на еден шериф на кој , иако сите кои можат да му помогнат му го вртат грбот , па тој одлучува самиот да го одбрани својот град и луѓето…
Шерифот Вил Кејн на денот на својата венчавка ја остава својата работа , но ќе дознае дека злосторникот кого своевремено го испратил во затвор, Фрнк Милер , доаѓа во градот со пладневниот воз за да му се одмазди. Иако веќе одлучил да замине од градот со својата сопруга и да започне нов живот, Вил одлучува да се судри со Милер.Кога ќе побара помош од своите сограѓани кои секогаш ги штител , тие му го вртат грбот . Се чини дека Кејн ќе мора сам да се соочи со Милер и останатите членови од неговата банда, кого го чекаат на железничката станица, точно на пладне…
Филмот е во режија на австриско-американскиот режисер Фред Цинеман (познат по филмовите „ Одовде до вечноста“ и „ Човек за сите времиња„)а е направен според популарниот роман на Џон В. Канингам „Лимената ѕвезда“.
Филмот е режиран мошне интересно и е еден од ретките во историјата на филмот каде времето на одвивањето на дејствието на филмот е еднакво со траењето на филмот.Главните улоги во филмот ги толкуваат Гари Купер, Грејс Кели,Томас Мичел,Лојд Бриџис, Кети Јурадо, Јан Мек Доналд …Посебно интересна е музичката партитура напишана од композиторот Дмитри Тјомкин, која на мошне оригинален начин се провлекува низ целиот филм.Филмот имал седум номинации за наградата Оскар, меѓу другите и за најдобар филм,најдобра режија, најдобар актер…Филмот освоил четири Оскари :за најдобар актер-Гари Купер, најдобра монтажа, најдобра оригинална песна и најдобра оригинална музика.
ШЕЈН (1953)
Познатиот режисер Џорџ Стивенс ( „ Место под сонце “ и „Див“) во 1953 година го потпишува вестернот „ Шејн“ врвно филмско остварувањеи според многумина филмски критичари , еден од најдобрите вестерн филмови на сите времиња.
Филмот го карактеризираат извонредни ликови ( особено сосема поинаквиот приказ на осамениот револвераш) , извонредната приказна , прецизната режија и прекрасната игра на главните актери: Алан Лед, Ван Хефлин,Џејн Артур,Брендон Де Вајлд, Џек Паланс, Бен Џонсон…
Филмот ја донесува приказната за човековата осаменост, неговите морални двојби како и прашањата за идеалите и животните предизвици.
Дејствието на филмот се случува во Вајоминг во осумдестите години од предминатиот век кога еден таинствен јавач ,Шејн, ќе дојде на еден семеен ранч и каде ќе го прифати гостопримството на фармерот и ќе се вработи како нивен помошник.Семејството не знае дека тој е некогашен револвераш кој се сокрива бидејќи сака да расчисти со своето минато. Семејството е одушевено од него , но таткото на семејството Џо Старет сепак сеуште нема целосна доверба во него…
Филмот имал шест номинации за наградата Оскар, меѓу другите и за најдобар филм,режија, како и најдобри споредни улоги за малечкиот Брендон Де Вајлд и Џек Паланс ,кој својот единствен Оскар за споредна машка улога ќе го добие 38 години подоцна за улогата во филмот „ Градски каубои“ ,кога при превземањето на наградата на сцената направи склекови со една рака .Филмот „ Шејн“ освоил Оскар само за најдобра камера но и симпатиите на гледачите и критиката.
НЕПОМИРЛИВИТЕ (1992)
Еден од најдобрите (анти) вестерни во последните триесет години ,секако е филмот „Непомирливите “ на режисерот Клинт Иствуд кој воедно ја толкува и главната улога во него.Како и секогаш кога се во прашање филмовите на Клинт Иствуд ,раскажаната содржина на филмот не говори многу,а во филмот всушност станува збор за силна анализа на моралот и лицемерието на стариот Див Запад, за филозофијата „ да се убие или да се биде убиен “, за разликата помеѓу митот и историјата.
Филмот на изненадување на многумина во 1993 година доби најголем број на номинации за наградата Оскар (девет) заедно со филмот „ Крајот на Хауард“ и освои најголем број награди ,четири ,и тоа за најдобар филм , најдобра режија најдобра споредна машка улога и и најдобра монтажа. Инаку тој е еден од неколкуте вестерн филмови кои добиле Оскар во категоријата најдобар филм.
Клинт Иствуд долго и внимателно го подготвувал овој поход на Оскарите. Имено, тој уште пред десетина години го осигурал за себе сценариото за овој филм и чекал да наполни 62 години за да ја одигра улогата на остарениот револвераш кој е присилен повторно да го земе оружјето в рака . Овој модерен вестерн ќе остане запаметен по тоа што му даде нов живот на овој жанр, а посебен е и по тоа што го покажува учинокот на насилството и на обете страни- починителот и жртвата.Во филмот покрај Клинт Иствуд настапуваат уште и Морган Фримен,Ричард Харис и Џин Хекман кој го освои Оскарот за најдобра споредна машка улога што преставува негов втор Оскар по оној освоен за главната улога во филмот „ Француска врска“.
ЦРВЕНА РЕКА (1948)
Иако филмот имал две номинации за наградата Оскар во категориите за најдобра монтажа и филмска приказна, филмот не освоил Оскар , но денес е признат класик на американскиот филм, чиј негатив се чува како непроценливо богатство во Националната конгресна библиотека , и спаѓа – според оценката на членовите на Американскиот филмски институт- меѓу десетте најдобри вестерни на сите времиња, на високото петто место.
Филмот е во режија на познатиот Хауард Хокс и преставува првиот од вкупно петте вестерни кои тој ги режирал во својата долга кариера, покрај „ Рио Браво“, секако неговиот најдобар вестерн,а преостанатите три се:„ Големото небо“, познат под насловот „ Тајната на индијанката “, потоа „ Ел Дорадо“ и „ Рио Лобо“.
Во филмот главните улоги ги толкуваат Џон Вејн,Монтгомери Клифт, Џоан Дру, Волтер Бренан, Џон Ајрленд и други.Овој филм е исклучително значаен не само за кариерата на режисерот Хокс туку и во кариерата на Џон Вејн, кого дотогаш не го ценел ниту неговиот голем пријател и ментор , режисерот Џон Форд.
Откако го видел филмот „Црвена река“ , Форд, мошне изненаден и импресиониран со филмот а особено од улогата на Џон Вејн, тој рекол:„ Не знаев дека тој курвин син знае да глуми“.По овој филм тој започнал да му дава покомплесни улоги во филмовите како: „ Носеше жолта врвка“, „ Мирен човек“ и „ Трагачи“.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк