Димитар Димоски е авторот на расказот „Мојата куќа во крс’ џамија“ што годинава беше награден на конкурсот за краток расказ „Живко Чинго“. Расказот беше испратен под шифра „Куќа“, а жирито во состав Смиле Наумоски – претседател и членовите Тоде Илиески и Милчо Јованоски од вкупно 73 токму овој расказ го избра како најдобар.
Димитар Димоски е роден на 15 јануари 1992 година во Охрид. Тој е дипломиран економист, а со пишување почнува активно да се занимава во последните неколку години. Добитник е на награда од конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за најдобар расказ во 2014 година. Член е на литературниот клуб „Григор Прличев“.
Веднаш по дознавањето на името на добитникот „Публицитет.мк“ го контактираше наградениот автор:
„Кога го пратив расказот на конкурс, си помислив ете, во него уловив едно интимно постоење. Сега не е веќе само мое. Сега е сечие. Чест е да се освои наградата „Живко Чинго“ и ми претставува особено задоволство и среќа. Оваа награда ја посветувам на мојот дедо, кој најдолго живееше тука, а си замина пред заминувањето на нашата куќа, “изјави за „Публицитет.мк“ добтиникот на наградата Димитар Димоски.
Младиот Димоски ќе биде награден со 30.000 денари, а наградата ќе му биде врачена на традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, која ќе се одржи на 13-ти август во Велгошти.
Публицитет.мк