• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
сабота, септември 19, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Наградениот расказ на конкурсот „Живко Чинго“ од Димитар Димоски

август 11, 2015
in Во потрага по трајната убавина

Со срушената куќа си „заминаа“ старите времиња, останаа спомените и сеќавањата и вербата – утре ќе биде подобро!

 

МОЈАТА КУЌА ВО КРС’ ЏАМИЈА

   Денес ја уриваат мојата куќа и ова е за мене еден сосема убав, пристоен ден. Присуствувам на чинот како да ѝ го должам тоа на таа стара, овената куќа низ чии прозорци често влегуваа облаци и инсекти, злобно бркајќи ги спомените кои престојуваат внатре. Седнат на крајот од ѕидчето од нашиот двор, си ветив себеси дека ќе напишам расказ за една мошне необична куќичка која ја нема на светската мапа, а луѓето во неа живеат во расплет и зборуваат единствено во деминутиви. Можеби, си реков, ќе напишам нешто и за мојата куќа, иако во тој случај ќе треба да измислувам, затоа што во неа сè беше толку вообичаено и просто, што ѝ доликуваше да биде константна во своето непостоење. Но, бргу се откажав од оваа помисла заблагодарувајќи му на Господ што сè во овој свет е веќе напишано. Јас никогаш во животот не сум видел како уриваат куќа, уште помалку, пак, мојата. Додека паѓаше настрешницата од балконот, сестра ми, која стоеше до мене, рече дека сега конечно ќе помине проклетието кое нè следело со години. Додаде и дека уривањето на таа куќа означува крај на едно мачно време и почеток на некое друго, поубаво. Потоа замолче и си го избриша лицето. Не знам дали верувам во проклетија, ама знам дека во таа куќа никогаш не бевме среќни, како и секое просечно семејство од нашата околина. Секој од нас страдаше сосема тивко, нечујно, но никогаш не си го признавме тоа еден на друг. Мене ме плашеше нашата тесна када во тоалетот и пред спиење, како стогодишник со бастун во раката, проверував дали некој од нас се удавил во неа изминатиот ден. Само еднаш ѝ се доверив на сестра ми, ноќта спроти Велигден, несигурен и со треперлив глас ѝ објаснив како отсекогаш ми изгледало дека среќните семејства се многу неприродни и мојата душа не може да ги поднесе. Помислата дека воопшто постои такво семејство ме тера да убијам бубачка или да бидам насилен спрема нешто вредно. Можеби во куќата ми било убаво. Додека гледам како ја уриваат, не можам да се сетам на тоа. Впрочем, од целото мое постоење тука, јас го паметам само детството. Мислам дека детството е единствената надреалност во животот на еден човек. Во него душата бара сок од портокал, кој со својот киселкаст вкус ја најавува сексуалноста која како мимикрија се претворува во меланхолија. Се колнам дека Бог намерно ја сокрил меланхолијата во тие летни сончеви утра. Нема ништо потрагично на светот од сончевото утро во лето, изгрејсонцето над мојот балкон кој гледаше во правец на Крс’ Џамија и слабиот ветар. Тогаш, во ладовината и будењето на тревата и мојата мачка на тревата, човек помислува на смртта на својот близок или некоја жестока љубоморна сцена, но исто така измислува збор како загрејсонце, обичен збор кој го изговара на глас неколку пати и така го оживува. „Ти си ги забележал ли иконите во нашата куќа?”, ме праша сестра ми. „Не знам, мислам дека не”, одговорив, а таа ја сврти главата, не колку за да им даде тежина на зборовите, туку за да го одбегне соочувањето со нејзината речиси мртва куќа. И куќите се однесуваат како да се живи. Секоја куќа има свои звуци, својствени само за неа. Секоја куќа, барем еднаш во своето постоење, посакала да нè пронајде голи во соба без мебел. Вчера влегов во мојата куќа која беше во голем дел испразнета и сфатив дека шепотот звучи на благослов, а чекорите на камбани или скршени ореви. Среде средината на дневната соба лежеше новогодишна честитка на која пишуваше „Среќна Нова 2015 година. Весна” и упатство од антибиотик кој не знам кога сум го пиел. Малку понатаму, во ходникот кој водеше кон мојата соба, најдов фотографија. Ја избришав прашината од неа. На фотографијата сме сите ние, освен јас. Со рацете држиме огромен крап и се насмевнуваме на камерата. Во мојата насмевка се насетува страв од сонување. Се наоѓаме во дворот, а позади се гледа малиот јоргован. Не знам каков мирис има јоргованот. Ја превиткав фотографијата на два дела, ја пикнав в џеб и влегов во мојата соба. Таму, на валканиот прозорец, се погледнав себеси и ми падна жал што не одвоив време за да ги избројам сите предмети од мојот дом во кои си го гледав одразот. „Во кујната остана бела чинија со слика од девојка што кине цвеќиња” прошепоти сестра ми кога падна и последниот ѕид од горниот кат. Тоа е нејзиниот начин на справување со болката. Како да сум си одвратен сам на себе, плукајќи изговорив дека во грижата на стари луѓе кон чинии се случува нешто магично и старо колку фолклорот, а фолклорот е болест на народот. Запрев само затоа што добив желба да го догледам лицето на мојата убава сестра, не да го гледам; да го догледам, затоа што со умирањето на оваа куќа ќе престане да се расцутува нејзиното лице. Таа е толку мирна, мојата сестра, наспрема крикот што го испушта куќата. Но, забележувам дека е ненашминкана и тоа многу ми пречи. Со чекор што повеќе наликува на гест, се доближи и ми го допре стомакот. За да ја раскине пајажината помеѓу нас, ме праша дали сум влегол во мојата соба за последен пат. „Мислам дека уште сум таму”, реков. И навистина бев, со стуткана фотографија во џебот го одмерував минатото во воздухот кој мирисаше на влага и на Магдалена, Магдалена која ме остави наеднаш, ноќта спроти Велигден или некој друг исто така голем празник. Магдалена ја отвори балконската врата од мојата соба и оттаму ми дофрли нешто навредливо. Кога застанав пред неа, таа стоеше со скрстени нозе и си ја местеше косата на начин на кој млада мајка допира папочна врвца. Се соблече бавно, во ритамот на камбанаријата од Каменско и гледајќи ја така, знаев дека ќе ни се случи нешто. Во една таква напнатост, почувствував дека сè е оправдано – мојата фригидност и нејзиното бессемено тело под обезѕвездена ноќ. „Се случи нешто убаво”, прошепотив и Магдалена се направи дека не ме слушна. Зграпчувајќи ме за вратот, ме довлечка внатре и ме натера да клекнам пред неа. Без да зборува, со тенка насмевка на крајчето од усните, ми го намачка лицето со крв. Кога ме раскрвави насекаде, повторно ја пикна раката меѓу нејзините нозе и продолжи да ги раскрвавува ѕидовите, прозорецот, балконската врата, плакарот со алишта и најпосле подот. „Остани уште малку, Магдалена”, ја преколнував. „Ти можеби и не знаеш, но кога Господ би бил пантомимичар, по ништо не би се разликувал од ѓаволот.”

kuka sppomeni

 

Мирисот на прашина ми ги прекинува мислите. Присебен сум, веќе е ноќ и со поглед ја барам мојата сестра, но таа не е со мене. И мојата куќа веќе ја нема. Од неа остана само еден малечок сив клуч во џебот. Толку многу ми студи, што немам друг избор освен да поседам на гробот од мојата куќа и да се завиткам во нејзината плодна земја. Но, од таму каде што стојам ми се причини дека на местото од мојата куќа се случува нешто, и како што се доближувам, гледам две фигури со необичен облик кои се движат во совршена симетрија како отсекогаш да ја повторувале истата точка. На темелите од мојата куќа, свештеник навредува осакатен човек. Не уживам во оваа расипана претстава, јас сум премногу млад за да го разберам нивното страдање. Свештеникот прска со света вода и несакајќи ме наводенува и мене. Во негово име ми се извинува една бремена жена која што сега беше застанала меѓу нив и ми дава знак да им се придружам. Моето тело е студено затоа што знае дека нема да ја преживее ноќва и во негова чест легнувам на земја, а околу мене свештеникот, инвалидот и бремената жена играат оро и се смеат. Нивната смеа ме потсетува на гости. Убаво е. Теореми, асимптоти, хризантеми и балдахини лежат до мене и молчат. Го исполнуваат кругот околу кој неуморно врти орото. Помеѓу луѓето и зборовите, чад од цигара ме опоменува дека сите мои предци ме проколнуваат, а јас, со спокој на лицето ги затворам очите и одголувам мал дел од стомакот, доволен за да се нахранат птиците. Во мирот, се збогувам со Магдалена, која ме напушти наеднаш, со мојата несредена, простодушна сестра и изгрејсонцето во правец на Крс’ Џамија, Крс’ Џамија со своите лепрозни улички и деца кои се прашуваат каков вкус има црвената боја. Шепотам еден измислен збор и заминувам на ноќта на умирањето на мојата куќа. Јас и таа почиваме во истата земја и нема веќе да ни врне дожд, да ни дува ветар ниту да ни влегуваат мртви материи како месечевата светлост. Нема ни мирис на јаглен, затоа што веќе не мирисаме на ништо.

Автор: Димитар Димоски 

Фото: Семеен албум на Спире Димоски 

Посетеност: 190
Share
Previous Post

Димитар Димоски од Охрид е авторот на наградениот расказ на конкурсот „Живко Чинго“

Next Post

Глобус: „Охридско лето“ – „Стари времиња“ со Охридскиот театар, доминантна режија на Нела Витошевиќ и игра на Ирена Ристиќ

Next Post

Глобус: „Охридско лето“ - „Стари времиња“ со Охридскиот театар, доминантна режија на Нела Витошевиќ и игра на Ирена Ристиќ

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 190

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk