Во неделата наспроти понеделникот во Лос Анџелес по 73 пат беа доделени наградите Златен Глобус ,кои ги доделува здружението на странски новинари кои се акредитирани во Холивуд.
Инаку, како што е познато, наградата Златен Глобус е втората најзначајна американска филмска награда по Оскарите и честопати преставува индикатор за фаворитите при доделувањето на Оскарите.Но,според многумина сепак не е така од повеќе причини. Најпрвин заради тоа што гласачкото тело за наградата Златен Глобус го сочинува жири кое брои 86 члена а американската Академија за наука и уметност брои над 6000 членови.Второ, номинациите за наградите Оскар вообичаено се соопштуваат по доделувањето на наградите Оскар , што не значи дека меѓу номинираните нема да се најдат и оние филмови и творци кои биле на листата на номинираните за наградата Златен Глобус или добитници на оваа награда. Обично се мисли дека се чека доделувањето на наградите Златен Глобус па да се објават номинациите за Оскар , што се разбира е далеку од вистината бидејќи членовите кои гласаат за номинациите за наградата Оскар одамна ги дале своите гласови за најдобрите чии имиња ќе бидат соопштени утре ,14. Јануари.Дека честопати се случува добитниците на Златен Глобус да не се закитат и со Оскар досега се случила многупати а за последен пат изминатата година кога Златен Глобус за најдобар филм освои филмот „ Детството“ на режисерот Ричард Линклејтер а на доделувањето на оскарите славеше филмот на режисерот Алејандро Гонзалес Ињариту „Човекот птица“.
За разлика од Оскарите , главните награди Златен Глобус се поделени во два дела:за најдобра филмска и најдобра телевизиска продукција.Наградите кои се доделуваат во филмската продукција се:најдобра драма, најдобра комедија или мјузикл,најдобра режија, најдобро сценарио, најдобар актер и актерка во драма, најдобар актер или актерка во комедија или мјузикл,најдобар спореден актер и актерка, најдобра оригинална музика, најдобар амимиран филм, најдобар филм на странски јазик , најдобра оригинална песна и Златен Глобус за животно дело.
Поделбата на Златните Глобуси на филмови –драми и филмови комедии односно мјузикли е направена во 1951 година, а првото доделување на наградата Златен Глобус се случило кон крајот на јануари 1944 година за филмските остварувања од 1943 година.

Но, да се вратиме на годинешната церемонија на доделувањето на наградите Златен Глобус која се одржа во хотелот „ Беверли Хилтон“ на Беверли Хилс , чиј домаќин по четврти пат беше англискиот комичар Рики Џервејс кој по неколку годишна пауза повторно се врати како домаќин на оваа церемонија. За разлика од 2011 година кога со своите коментари навреди неколку личности од светот на политиката и шоу бизнисот, оваа година бил на висината на задачата иако направил неколку вицови на сметка на Мет Дејмон, Чарли Шин и Шон Пен.

Ако во изминатата година му избега Златниот Глобус за најдобар филм ,оваа година членовите на жирито како да сакале да му го вратат долгот од изминатата година па оваа година наградата за најдобар филм одлучија да му припадне на филмот „Повратник“ на мексиканскиот режисер Алејандро Гонзалес Ињариту. Иако наградата ,според многумина , е сосема заслужена сепак со празни раце останаа два филма кои многумина ги сметаа за големи фаворити , „ Рефлектор“ на режисерот Том Мекарти кој води на кладилниците за наградата Оскар и филмот „ Керол“ на режисерот Тод Хејнс кој патем речено имаше најголем број на номинации за наградата Златен Глобус (пет) а не доби ниту една награда.
Покрај наградата за најдобар филм„ Повратник“ освои уште две награди со што стана апсолутен победник на годинешното доделување на наградите.Режисерот на филмот Алејандро Гонзалес Ињариту го освои Златниот Глобус за најдобра режија . Ова е негов втор Златен Глобус. Изминатата година тој оваа награда ја освои во категоријата надобро сценарио за филмот „ Човекот птица “ кое го напиша заедно со уште тројца сценаристи. Вториот , односно третиот Златен Глобус ,му припадна на актерот Леонардо Ди Каприо, кој во овој филм игра лик на ловец кого пријателите го оставиле да умре кога бил повреден од голема мечка. Ова е трет Златен Глобус кој Ди Каприо ги освоил досега. Предходните два ги освои за улогите во филмовите „Волкот од Вол Стит„ и „ Авијатичар“ , но и во обата случаи не успеа да го освои Оскарот иако досега имал четири номинации за оваа награда. Дали конечно тоа ќе му успее оваа година, патем многумина го сметаат за главен фаворит, останува да видиме на 28 . февруари.

За најдобар филм во категоријата комедија или мјузикл ,Златен Глобус освои филмот „ Марсовец“ на режисерот Ридли Скот, кому според многумина (иако малку содржи и хумор) едноставно местото не му било таму.Некои одат дотаму што мислат дека оваа категорија со години наназад е бесмислена што најдобро се покажа оваа година кога во неа беше номиниран еден чисто научно фантастичен филм како што се „Гравитација“ или “ Интерсселар“, што преставува апсурд. Доколку жирито сакало да наградат комедија тоа секако можел да биде филмот „ Опклада на столетието“ која патем речено се’ подобро котира во трката по Оскар.

Наградата Златен Глобус во категоријата најдобар актер во комедија односно мјузикл му припадна на актерот Мет Дејмон за улогата во „ Марсовец„ каде игра астронаут кој случајно е еставен сам на планетата Марс. Дејмон својот прв Златен Глобус го доби пред цели 18 години за сценарио за филмот „ Добриот Вил Хантинг “ кое го напиша заедно со неговиот колега Бен Афлек. А токму на сметка на нивното долгогодишно пријателство се пошегувал и водителот Џервејс велејќи дека Дејмон е единствениот кого Афлек досега не го изневерил

Во женска категорија за најдобра улога во драма, наградата ја освои младата актерка Бри Ларсон за улогата во филмот „ Соба“,што преставува изненадување бидејќи за многумина главен фаворит во оваа категорија беше Кејт Бланчет за улогата во филмот „ Керол“.

За најдобра актерка во комедија односно мјузикл , наградата ја понесе Џенифер Лоренс за улогата во филмот „ Џој“.Ова е нејзин трет Златен Глобус: првите два ги освои за улогите во филмовите: „ Во добро и зло“ и „ Американска измама“. Добрите познавачи на филмот велат дека постои големо ривалство помеѓу двете млади актерки Бри Ларсон и Џенифер Лоренс и дека во наредниот период тие ќе се натпреваруваат кој ќе добие повеќе награди.

Филмот „ Стив Џобс“ во неделата освои две награди: за најдобро оригинално сценарио кое го напиша Ален Соркин и најдобра споредна женска улога која и припадна на актерката Кејт Винслент на која ова и’ е трет Златен глобус, за кој има уште седум други номинации за оваа награда.

Во категоријата најдобра споредна машка улога наградата Златен Глобус му припадна на актерот Силвестер Сталоне за улогата во филмот „ Верба“каде го игра својот омилен лик Роки Балбоа кој го прослави пред 29 години.
„ Сакам да му се заблагодарам на својот имагинарен пријател Роки Балбоа затоа што е мој најдобар пријател што сум го имал досега“ рекол Сталоне примајќи ја наградата.Инаку ова е прва награда Златен Глобус која Сталоне ја освоил во својата досегашна кариера . Во 1976 година тој имаше номинација за оваа награда за улогата во филмот „ Роки“. Интересно е да се спомене дека овие денови беше објавена веста дека тој по убавиот прием кај публиката и критиката на овој филм, одлучил да направи продолжение на филмот „ Верба“ чие снимање треба да започне во ноември 2017 година.
Според очекувањата наградата за најдобар анимиран филм ја освои компјутерски анимираниот филм „ Опаку наопаку“на режисерите Пет Доктер и Рони Дел Кармен а во продукција на Волт Дизни односно Пиксар.
Очекувано ,наградата за најдобар странски филм му припадна на унгарскиот филм „Синот на Саул“ на режисерот Ласло Немеш, еден од најнаградуваните филмови досега по неговото премиерно прикажување на минатогодишниот Кански филмски фестивал

Неуморниот италјански композитор Енио Мориконе го освои својот трет Златен Глобус за оригиналната музика за филмот„ Омразените осуммина“ на режисерот Квентин Тарантино кој ја прими наградата наместо 87 годишниот Мориконе ,кому далечните патувања очигледно му преставуваат потешкотија.
Американскиот пеач и композитор Сем Смит ја освои наградата за најдобра оригинална песна.Се работи за композицијата „ Пишување на ѕидот“ од филмот за Џејмс Бонд „ Спектра“.

На познатиот актер Дензел Вошингтон во рамките на церемонијата му е доделена награда за животно дело именувана како „ Сесил Б. Демил“.
Кога се во прашање наградите за телевизиски остварувања ,да споменеме дека за најдобра тв серија во категорија на драми е прогласена серијата „ Господинот Робот“, а во категоријата комедија „ Моцарт од Џунглата“.
Златни глобуси за најдобри улоги во драмски серии освоија Џон Хем за улогата во серијата “„ Лошиот човек“ и Тараџи Хенсон за улогата во „ Империја“.

Меѓу добитниците на наградите се најде и популарната пеачка Лејди Гага, за улогата во последната сезона од серијата „ Американска хорор приказна:Хотел“.
Утре попладне треба да бидат објавени номинациите за наградата Оскар . Меѓу номинираните сигурно ќе има голем број од остварувањата кои беа номинирани за наградите Златен Глобус како и некои од добитниците на наградите. Кој од нив ќе се избори и за наградата Оскар ќе видиме наскоро.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк






