На 12 јуни,годинава на Денот на Русија д-р Елена Верижникова од Москва, Русија стана почесен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј “ во Скопје. Таа е вљубена во Македонија, сонува на македонски. За првпат во Скопје дошла во далечната 1984 година, уште како студент.
Сега предава македонски јазик на Универзитетот Ломоносов, а се занимава со превод од руски на македонски и обратното. -Убавината на македонскиот, е во неговата длабочина. Можеш да го учиш цел живот и цел живот тој си има тајни кои ќе ти ги открива. Така со македонскиот никогаш не ти е здодевно, секогаш ти приредува изненадувања, вели Верижникова. Во разговорот за Публицитет.мк таа ни ја открива нераскинливата врска со бардовите на македонскиот јазик и литература и нејзината замислена , речиси секојдневна комуникација преку нивните дела.
Публицитет. Мк: Рекоа дека сте одржале еден емотивен говор и дека сте рекле- Мојот стан во Москва гледа на Универзитетот Ломоносов,а моето срце кон Македонија. Вистина ли е така?
Е. Верижникова: Вистина е. Во Скопје на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ првпат дојдов во 1984 година, во мојата петта година од студиите и оттогаш сум приврзана кон Македонија.
Публицитет. Мк: Што е тоа што Ве врзува овде, словенскиот дух, темпераментот на луѓето или?…
Е. Верижникова: И темпераментот и гостопримството на луѓето, моите пријатели и моите учители. Луѓето што го зборуваат македонскиот јазик. Убавината на македонскиот, неговата длабочина. Можеш да го учиш цел живот и цел живот тој си има тајни кои ќе ти ги открива. Така со македонскиот никогаш не ти е здодевно, секогаш ти приредува изненадувања. На тој јазик комуницираш со многу, многу луѓе кои се присутни во твојот живот, со оние кои се живи, но и со оние кои веќе заминале од овој Свет, но ни оставиле огромно богатство кое не храни.
Публицитет.мк: Кои се тие луѓе од Македонија кои Ви се навистина драги кои ви значат многу кога е во прашање македонистиката?
Е Верижникова: Еве секој ден контактирам со Марко Цепенков со Блаже Конески, со Владо Малески, Петре М.Андреевски и со многу, многу современи и млади писатели кои се појавуваат и го збогатуваат македонскиот јазик.
Публицитет.мк: Успевате ли да се најдете на иста бранова должина со нив. Што е тоа што го пронаоѓате кај нив?
Е. Верижникова: Што пронаоѓам? Кај секого од тие што ги спомнав и не ги спомнав, наоѓам нешто посебно. Ако сме на пример кај Марко Цепенков. Тогаш ќе кажам дека ме привлекува јазичното богатство. Цепенков, целиот живот го собирал народното творештво, го преработувал и го запишувал на својот мајчин дијалект и говор. Знаеме колку тоа му било тешко и колку тоа не му носело никаков ќар. Но, човекот целиот живот останал доследен на својата мисија. Така, ние од 19 век имаме десет тома запишани текстови на македонски јазик, тоа всушност е претходната етапа на современиот македонски јазик. Од Цепенков можеме да учиме, како треба да постапуваме, како треба да живееме. Тоа е еден идеал кон кој можеме да се стремиме и како професионалци и како луѓе.
Публицитет.мк: Сонувате по некогаш на македонски?
Е. Верижникова: Многу често, многу често.
Публицитет.мк: Што тоа?
Е. Верижникова: Македонија. Ја сонувам, ја сакам, мечтаат по неа. По некогаш толку ми недостасува ги затворам очите и ја гледам улицата по која сакам да прошетам. Иако сум во Москва, всушност како да сум тука. Секогаш сум со овој народ што го сакам неизмерно. Јазикот е душата на народот, тој е тој што не собира сите заедно.
Публицитет.мк: Со македонскиот дружите и професионално на катедрата по македонски јазик на Ломоносов.
Е.Верфежникова: Да, Катедрата во Москва постои уште од 1975 година, цели 4 децении. Една од основачите е мојата професорка и близок соработник, академик д-р Рина Усикова. Секоја петта година се формира македонска група, значи оваа година заврши осмата генерација македонисти. Тоа е една брилијантна генерација, две студентки ќе се запишат на постдипломски студии, тоа значи дека имаме иднина, луѓе кои ќе не наследат и ќе ја продолжат мисијата. И тие доаѓаат во Македонија и веќе ја сакаат. Љубовта се пренесува од човек на човек.
Автор: Милчо Јованоски / Публицитет.мк