Во издание на „Едука Мак “ од Скопје деновиве излезе од печат најновата стихозбирка за деца од Ели Маказлиева под наслов „Разиграните чадорчиња“.
Секоја строфа во „Разиграните чадорчиња“ се доживува како посебна поетска целина, како исказ во творечката тенденција, кој има нераскинливо ткиво во лирскиот летопис на вредното, реалното и имагинарното.
Со богатство од стихови и со мечти, копнежи, желби и радости, во оваа книга, во преден план се среќните деца и среќното детство и испишани се страници за другарството, семејството, природата, животните, птиците, инсектите, Нова година, книгата, летните игри, зимските радости, поезијата и веселото детство.
„Разиграни чадорчиња“ претставува круна и заокружување на богатиот, разновиден и содржаен творечки пат на кој авторката Ели Маказлиева опстојува со децении, создавајќи творби со намера во стиховите да даде еден модерен детски поетски сензибилитет, како дел од воспитувањето и едукацијата, растењето и осознавањето, образованието и формирањето на младата детска личност. Таа е во истовреме и писателка и поетеса, едукатор и добар познавач на душата, видеокругот и љубопитноста на најмладите читатели.
Публицитет.мк