Овој пат ќе ве запознаеме со добитниците на Националните филмски награди кои ги доделија Француската и Полската филмска академија.
Изминатиот петок во Париз по 45 пат беа доделени наградите ЦЕЗАР кои ги доделува Француската филмска академија а изминатиот викенд во Варшава по 22 пат беа доделени наградите ОРЕЛ на Полската филмска академија.
На 3 април , во Рим треба да бидат доделени националните филмски награди на италијанската филмска академија познати како ДАВИД ДИ ДОНАТЕЛО. Неодамна беа објавени номинациите за наградите за кои исто така говориме во овој материјал.
НАГРАДИ ЦЕЗАР
Годинешната 45 по ред церемонија на доделувањето на филмските награди ЦЕЗАР кои ги доделува Француската филмска академија повеќе ќе остане запаметена по контроверзите кои се случија пред доделувањето и на вечерта на доделувањето на наградите отколку по имињата на наградените.
Уште пред да се одржи церемонијата ,оставка поднесе одборот на Академијата и нејзиниот претседател Ален Терзијан , кој беше организатор на церемонијата од 2003 година , и беше привремено заменет со Маргарет Менегоз. Причина за тоа беше отвореното писмо потпишано од над 400 професионалци од француската филмска индустрија, кои бараат реформи , промена во управувањето и крај на нетранспарентноста околу голем број на нејзини практики.Згора на тоа оваа оставка беше надополнета и со контроверзиите кои се појавија во печатот околу 12 те номинации кои ги доби Роман Полански за неговиот филм „Офицер и шпион“ како и протестите од групи на жени активистки кои се собраа пред Салата Плејл во која се одржуваше церемонијата на доделување на наградите Цезар протестирајќи против номинирањето на Полански , кој се соочува со обвинение за силување.
Заради сето ова ниту Полански ниту било кој од екипата од филмот, поради солидарност со режисерот , не присуствуваа на церемонијата .
Кога беше објавено дека Полански е добитник на наградата Цезар за најдобра режија а филмот на уште две награди Цезар( за најдобро адаптирано сценарио и најдобра костимографија) ,режисерката Селин Скиамата и актерката Адел Хеанел (актерка која игра една од двете главни улоги во филмот „ Портрет на дамата во оган“) , ја напуштија церемонијата заедно со уште неколку филмски работници , пред да се објави името на најдобриот француски филм за 2019 година.
Од друга страна мора да се потсетиме дека Академијата на Франција во минатото беше мошне љубезна со Полански кога во 2014 година го прогласи за најдобар режисер за филмот „ Венера во крзно“или во 2012 година кога го награди со Цезар за најдобро сценарио за филмот„ Масажа“ но и со други награди за неговите филмови „ Писателот на духови“, „ Пијанист“ и „ Теса“.Но, ете времињата се менуваат и сега тој не е во милост на неговите колеги.
Сето ова не треба да ја засени победата на филмот „ Клетници“ на режисерот Лаџи Лај кој ја понесе титулата најдобар француски филм за 2019 година.Освен тоа тој ги доби и наградите Цезар во категориите најдобар актер за споредна улога кој му припадна на актерот Алексис Манети, за најдобра продукција како и наградата од публиката.Со овие награди тој го заврши победничкиот пат кој го започна на минатогодишниот Кански фестивал кога овој дебитантски филм на режисерот Лаџи Лај ја доби наградата на жирито а беше и меѓу петте номинирани филмови за наградата Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм каде беше и македонскиот филм „ Медена земја“
Вреди да се напомене дека ова е седми пат во историјата на Цезар, еден дебитантски игран филм да биде награден со највисоката награда (и втора година по ред, по филмот „Старатество“ во минатата година, сигнализирајќи јасна желба за промена) .
А желбата за промена, исто така може да се прочита и во првиот Цезар за актерката Анаис Демустиер за најдобра актерка за улогата во филмот „ Алис и градоначалникот“ и за Рожди Зем за најдобар актер за улогата во филмот „ О, милост“ .
Наградата Цезар за најдобра споредна улога и припадна на актерката Фани Ардан за улогата во филмот „ Ла Бел Епок“.
Во машка конкуренција, наградата за најдобра споредна машка улога, наградата Цезар му припадна на актерот Свон Арлауд за улогата во филмот „ Милоста божја“ на режисерот Франсоа Озон.
Од останатите награди кои беа доделени во петокот , ќе ја споменеме и наградата Цезар за најдобар странски филм која му припадна на оскаровецот „ Паразит“ на режисерот Бонг Џон –хо од Јужна Кореа.
НАГРАДИ ОРЕЛ
Севкупен победник на годинешната церемонија на доделувањето на филмските награди ОРЕЛ , кои ги доделува Полската филмска академија , чиј председател е Даријуш Јабончески, е филмот „ Корпус Кристи“ на режисеротЈан Комаса.Филмот освои вкупно 11 награди „ Орел“, влучувајќи ги и оние во категориите :Најдобар филм, најдобра режија, најдобра машка и најдобра женска улога,најдобра споредна женска и машка улога, најдобро сценарио…
При примањето на наградата режисерот Јан Комаса и се заблагодари на публиката велејќи дека таа е онаа која ги гледа неговите филмови и дека токму таа му дава инспирација при создавање на неговите филмови.
Наградата за најдобар актер му припадна на Бартош Биленија кој го игра ликот на свештеникот Даниел кој е некогашен екс криминалец.
Неговата партнерка Александара Коничана ја освои наградата за најдобра женска улога во филмот „Корпус Кристи“ кој, да се потсетиме , беше меѓу петте филмови кои беа номинирани за Оскар во категоријата Најдобар меѓународен филм во која се наоѓаше и нашиот „ Медена земја“
Со награди „ Орел“ се закитија и актерката Елиза Рикемпел во категоријата најдобра споредна улога за филмот „ Корпус Кристи“ како и актерот Лукаш Симлат кој ја освои наградата за најдобар спореден актер исто така за улогата во победничкиот филм.Инаку , тој оваа награда ја сподели со Роберт Вишчиевич кој ја доби наградата за улогата во филмот „ Најстудена игра“.
Најнаградуваниот филм „ Корпус Кристи“ ја доби и наградата од публиката.
Од останатите награди кои беа доделени на манифестацијата чиј домаќин беше полскиот актер Мекиј Стохр, ќе ја споменеме и наградата за животно дело која и беше доделена на 82 годишната полска актерка Маја Комаровска.
Најемотивниот дел од вечерта беше веројатно доаѓањето на украинскиот режисер Олег Сенцов на сцената. Полската филмска академија со години апелираше за негово ослободување . Сенцов одржа говор, во кој тој и се заблагодари на полската Академија за поддршката , нагласувајќи дека конфликтот во Украина сè уште не е завршен, затоа што многу негови пријатели сè уште се приведени.
Дариуш Јабончески, претседател на Полската филмска академија, рече дека заради Сенцов „Сите заедно сме посилни и можеме да постигнеме повеќе“.
Од украинскиот Крим ,Сенцов беше прогласен за виновен од рускиот суд и беше осуден на 20 години затвор во 2014 година за наводен заговор за акт на тероризам, но подоцна бил ослободен како дел од размена на затвореници во 2019 година.
НАГРАДИ ДАВИД ДИ ДОНАТЕЛО
Неодамна, на 28. Февруари, претседателот на италијанската филмска академија ги објави номинациите за националните филмски награди ДАВИД ДИ ДОНАТЕЛО кои би требало да бидат доделени на 3. Април, во Рим по 65 пат во 24 категории.
За најдобар италијански филм за 2019 година номинирани се следните пет филмови:
ПРВИОТ КРАЛ на режисерот Матео Ровер
ПРЕДАВНИКОТ на режисерот Марко Белокио
ПИРАНИ на режисерот Клаудио Џованезе
МАРТИН ЕДЕН на режисерот Пиетро Марчело и
ПИНОКИО на режисерот Матео Гароне
Како и кај останатите филмски награди и овде се доделуваат награди во категориите: најдобар режисер, актер, актерка, спореден актер и актерка, сценарио, адаптирано сценарио, музика, звук, костимографиј, сценографија, камера , звучни ефекти, специјални ефекти, документарен филм, кусометражен филм, анимиран филм , најдобар странски филм…
Пишува:Ѓоко Симјаноски/Публицитет.мк