Оливер Трајчески од Охрид едно време беше во новинарството, а сега надвор од него. Дипломирал на Филолошкиот факултет на катедрата по германски јазик. Моментално работи во една охридска фирма како компјутерски програмер.
Неговите врсници и помладите од него го познаваат и како бас – гитарист на панк – рок составот „Комунална Хигиена“.
Но, ние новинарите го паметиме како секогаш ведрото момче со фотоапаратот околу гуша. Комплетна уметничка душа. За „Публицитет.мк“ Оливер Трајчески кусо и во свој стил за фотографирањето вели:
„Сакам да напоменам дека не сум професионален фотограф, со опрема која чини многу. Едноставно сакам да овековечам некој момент, кој на некој начин ми буди спомени и носталгија кон градот кој ме израсна и кој ме направи она што сум. Верувам дека Охрид и околината се неисцрпен извор на инспирација не само за фотографите, туку воопшто за сите оние кои на некој начин се занимаваат со уметност. Треба да научиме да го цениме она што го имаме, за да можат и следните генерации да сведочат за оваа убавина.“
Од неговиот фотографски албум за оваа недела ја одбравме фотографија инспирирана од посетата на волшебниот простор кај манастирскиот комплекс Св. Богородица Захумска(Заум).
Публицитет.мк