Текстот на порталот Фер прес е објавен на 12 октомври 2016 г.
Автор: Анета Ристеска. Фото:Springleap
Последниот сопственик на Радио Охрид, Борче Нечкоски, кој според поранешни вработени во радиото, некогаш манифестирал вербална амбиција да го направи медиумот налик на „БиБиСи“, по сите навестувања, последната година од животот на најстарото локално радио во Македонија, работел спротивно законските регулативи.
На тоа упатува фактот што последната директорка и управителка на радиото, Васе Врангалоска, својата оставка ја дала на 31 мај 2015, но, со таа улога во Централен регистер фигурирала до 8 август истата година. Радиото, пак, престана да зрачи сигнал во етер во јули 2016-та година, откако Нечкоски, од моментот на купувањето на радиото (февруари 2015-та)до згаснувањето, одбивал да ја впише сопственоста во Централен регистер, што имплицирало одземање на дозволата од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми, (јули 2016).
Всушност, првата закана за затворање на радиото се случила уште во септември минатата година, а интерес за негов спас не покажале нитулокалната самоуправа, ниту бизнисмените, ниту, пак, невладините организации, или новинарскиот еснаф.
Како Радио Охрид речиси цела година функционирало без управител? Како им се исплаќале плати на вработените и на хонорарците, кој ги подмирувал режиските трошоци и кој се грижел за сите административни обврски?
Поранешната директорка на Радио Охрид, Васе Врангелоска, лани во септември во писмото што го упати до последниот негов сопственик, фирмата за конзервиран зеленчук „Маеми“, чиј управител е Борче Нечкоски, открива дека тој интензивно го користел медиумскиот простор само за рекламирање на својата компанија, но не ги презел обврските кон вработените.
Таа за „Фер прес“, вели дека и денес не и’ е јасно како радиото егзистирало цела година без директор.
Како е ова можно во една држава?! Па еден месец да се доцни со плати, се плаќаат казни, а не една година правен субјект да функционира без директор. Значи не се работи за скриена фирма, туку за медиум, кој има јавна функција. Навистина е чудно како се исплаќале платите. Како се подмирувале режиските трошоци? – прашува Врангелеска.
Законот е дециден дека работа на претпријатие кое нема назначен управител или директор, се коси со законските регулативи.
Фирмата мора да има назначен повереник за да може да функционира – управител или директор кој би ги потпишувал налозите. Доколку некој ја презема таа улога без овластување, односно потпишува некој друг, тогаш тоа е работа за полиција. Дури и банките треба да бидат известени за промена на управител/директор, зошто до нив не стигнуваат таков вид известувања од Централен регистер – велат за „Фер прес“ од скопската сметководствена фирма „Анго Консалтинг“.
Инаку, поранешната управителка, Врангелеска, не мисли дека причина за згаснувањето е прашање на конкуренција, зошто, додава, секој медиум си има своја публика.
Во прашање е нешто сосема друго.
И останатите соговорници, кои сакаа да останат анонимни, се согласни со ваквата констатација.
Просторот е општински, но, со оглед на тоа дека четири децении веќе Радио Охрид е сместено во истиот објект, приоритет при купувањето би имал актуелниот сопственик, при распишување општински тендер. Значи, постоле идеи или да се земе на мала врата, или да се препродаде… Човек да даде 3.000 евра не се однесува така лежерно, а не па да потроши 30 000. Можно е да има тука инекаква спрега, или, пак, некој друг ги дал тие пари – велат тие.
Радио Охрид е формирано во 1957 година, на иницијатива на тогашното Собрание на општината. Најпрво работи во рамките на Работничкиот Универзитет, потоа во Домот на културата, а подоцна на 3 април 1969 година Општинската конференција на Социјалистичкиот сојуз, како основач, носи одлука Радио Охрид да работи како посебна институција за информирање.
http://www.fairpress.eu/mk/blog/2016/10/12 – линкот до оригиналната објава
(Во рамки на проектот „Медиумски круг“, ќе следуваат и други текстови кои за тема ќе ја имаат приватизацијата на јавните локални радиодифузни претпријатија во Македонија)
Публицитет.мк






