На наша покана во рубриката Фото на неделата го вклучивме и Филип Мишевски од Охрид, вработен во хотелите Метропол – Белви.
Од неколкуте фотографии кои ни ги прати во редакцијава се одлучивме за фотографијата која е заробен мигот на невремето над Охрид во 2008 година. Филип ни пишува дека таа е оригинална без никакви дотерувања и филтрирања.
За себе и дружбата со фотографијата и фотографирањето во дописот вели: – Ретко специјално излегувам да фотографирам со апаратот, нормално заради професионалниот ангажман на сосема друго поле.
Затоа секогаш покрај мене е мобилниот телефон со кој доловувам моменти кои најчесто тешко се повторуваат и ги претворам во фотографија.
Секако покрај брзината на реакцијата и среќата е значаен фактор во овој тип фотографија.
Најважно од се ми е да креирам слика во мојата глава уште пред да настане фотографијата. Ретко користам алатки за преправање на тоа што го добивам во RAW формат од самата фотографија.
Мотивите најчесто го наоѓам во природата околу нашиот град, иако не ретко фотографирам предмети или инспирација наоѓам и во улични мотиви и на подалечни локации од тука, ни пишува Филип Мишевски.
На Филип му благодариме за соработката и покануваме и други пасионирани фотографи од Охрид, Македонија и ширум светот да ни испратат свои уметнички фотографии во кои ќе заробат дел од времето и нивниот живот во него.
Публицитет.мк