Оваа година се навршуваат точно 50 години од премиерното прикажување на филмот „Беше еднаш на дивиот запад“ на режисерот Серџо Леоне.
Во таа 1968 година освен овој филм беа реализирани и голем број на други филмски остварувања кои и ден денес се гледаат со задоволство. Некои од нив станаа и вистински класици кои си најдоа место во историјата на филмот.Според многумина пеесетите и шеесетите години од изминатиот век се можеби најпродуктивните и најквалитетните години во историјата на филмот и од таму навраќањето и потсетувањето на некои од нив е можност да се направи споредба со она што ни се нуди како филмска понуда денес.
Доволно е да се фрли само поглед на насловите кои биле актуелни пред 50 години и веднаш ќе може да се воочи разликата .Се разбира, постојат и други мислења особено кај новата генерација , што е сосема нормално, генерација која по 50 години ќе ја направи сопствената разлика меѓу сега и тогаш.
Но, да се вратиме на филмот за кој сакаме да ве посетиме , филм кој по многу нешта ја обележа таа ,сега далечна, 1968 година.
Според некои критичари филмот преставува најголем вестерн на сите времиња.Мошне интересна е приказната околу создавањето на овој филм во кој во главниѕе улоги се појавуваат Хенри Фонда, како разбојникот Френк, Чарлс Бросон како „ Хармоника“, Џејсон Робартс како добродушниот бандит Чејен и Клаудија Кардинале како новопечена вдовица со бурно минато.
Одкако во 1966 година го снимил вестернот „ Добар, грд , лош“ , Серџо Леоне сакал тоа да му биде последниот вестерн филм и со тоа да ја заврши триологијата која ја започнал во 1964 година со филмот „ За грст долари“. Но тогаш налетал на романот „Капаци“на писателот Хари Греј,кој преставува автобиографска приказна за животот во една еврејска четврт за време на прохибицијата , која сакал да ја пренесе на филмското платно.
Меѓутоа , филмските компании на Леоне му нуделе само вестерн филмови.Така, компанијата Јунајтед Артист (која ја продуцирала доларската триологија), му понудиле можност да сними филм во кој би настапиле тогаш големите ѕвезди Чарлтон Хестон, Кирк Даглас и Рок Хадсон, но Леоне таа понуда ја одбил.Но, кога компанијата „Парамаунт“му понудила голем буџет и соработка со Хенри Фонда, инаку неговиот омилен актер со кого сакал да соработува уште во почетокот на неговата кариера, тој прифатил.
Интресено е да се спомене дека Хенри Фонда најпрвин ја одбил улогата на Френк, па заради тоа Леоне отишол во Њујорк за да го убеди.По состанокот со Леоне, Фонда го повикал својот пријател Илај Волак,кој настапи во предходниот филм на Леоне „Добар, грд , лош“, кој му советувал да го сними филмот и додал дека добро ќе си помине како никогаш дотогаш во животот.
Кон крајот на 1966 година Леоне ги повикал тогашните филмски критичари , нешто подоцна и режисери, Бернардо Бертолучи и Дарио Арџенто да му помогнат во создавањето на приказната за филмот.Тројцата филмаџии поголемиот дел од следната година ја поминале гледаќи и разговарајќи околу бројни класични вестерн филмови( Точно на пладне, Команчероси, Трагачи…)во куќата на Леоне , и создале приказна која била составена од разни делови на старите класични вестерн филмови.
Нешто подоцна , Леоне го ангажирал и Серџо Донати со кого порано соработувал на неколку филмови, за да му помогне околу преправката на сценариото. Поголемиот дел од дијалозите во филмот ги напишал Донати заедно со англискиот режисер за дијалози , некогашниот американски актер Мики Кокс.
Оригиналното сценарио за филмот имало 436 страници од кои само 12 биле со дијалог.
Филмот „ Беше еднаш на дивиот запад“ во многу нешта се разликува од неговите предходни филмови од таканаречената „доларска триологија“ кои се одликуваа со досетливост и брзина во кои тој ги пародираше иконите на дивиот запад.За разлика од нив овој филм, што се однесува до темата, е многу поспор и помрачен.Ликовите во овој филм исто така се значително поразлични од ликовите од „доларската“ триологија.Тие не се толку дефинирани, и што е мошне необично за неговите дотогашни филмови, тие започнуваат да се менуваат во текот на филмот.Оваа промена особено ќе се почуствува во неговите два наредни филма „ За грст динамит“ и „ Беше еднаш во Америка“ , кои пак според многумина, заедно со филмот „Беше еднаш на дивиот запад“преставува прв дел од делумично неповрзаната епска триологија на филмовите кои се занимаваат со општествените и политичките проблеми од американската историја.
Главниот мотив на филмот е железницата. Таа го наговестува доаѓањето на цивилизацијата и културата,означувајчи ја на тој начин смртта на митот на некогашниот Див Запад. Одумираат старите културни херои кои мораат да му го одстапат местото на модерниот свет, каде обичниот човек е најважен.Леоне , Западот го сметал за последно прибежиште на старомодните јунаци , а филмот е всушност носталгичен поглед наназад.Паралелно со тоа , филмот ја заокружува приказната за старите холивудски вестерн јунаци и легенди, како што впрочем сугерира и насловот на филмот.Конечната пресметка помеѓу Хармоника ( Бронсон) и Френк (фонда)овие пораки ги ставаат во средиштето на приказната.
Филмот изобилува со долги, спори сцени во кои има многу малку дијалог и многу малку дејствие, кое го разбива краткото и ненадејно насилство. Леоне бил позаинтересиран за ритуалите на самото насилство одколку за самото насилство како такво.
Музиката за филмот ја напишал Енио Мориконе , долгогодишниот соработник на Серџо Леоне. Мориконе музиката ја напишал пред почетокот на снимањето на филмот и тоа според она како ја замислил Леоне.Музичките теми во филмот се однесуваат на главните ликови како лајтмотив, како и духот на американскиот Запад.Леоне барал музиката да му биде достапна во текот на снимањето на филмот.
Еве и неколку занимливости сврзани околу ова остварување кое својата премиера ја имало на 21. декември. 1968 година во Италија.
Серџо Леоне првично ја понудил улогата на Хармоника на Клинт Иствуд, но тој го одбил, бидејќи повеќе не бил заинтересиран да работи со Леоне. На Џејмс Кобурн, исто така, му била понудена улогата на Хармоника, но тој побарал премногу пари. На крајот улогата му припаднала на Чарлс Бронсон, кој претходно ги отфрлил улогите во доларската трилогија ( онаа на Иствуд во “За грст долари” (1964) и оние на Ли Ван Клиф во “За неколку долари повеќе” и “Добриот, лошиот и грдиот” 1966)
Последниот двобој помеѓу Френк и Хармоника бил снимен речиси исто како оној во филмот „Двобој на сонце“ (1961) помеѓу Рок Хадсон и Кирк Даглас, филм, на кој Бернардо Бертолучи бил голем обожавател.
Серџо Леоне во филмот направил стотина референци од филмовите кои влијаеле врз неговото творештво.Една од нив секако е онаа на почетокот од филмот кога тројца мажи го чекаат возот на железничка станица исто како на почетокот од филмот „ Точно на пладне“ од 1952 година.Леоне се обидел да ги собере тројцата актери од филмот „Добар, грд, лош“ ( Клинт Иствуд, Ли ван Клиф и Илај Волак)за воведната сцена од филмот, но не му успеало.Периодот на чекањето трае цели осум минути , возот пристигнува неколку часа по пладнето (а не на пладне) и од него излегува главниот јунак на филмот Хармоника ( а не шефот на бандата). Наместо споменатите тројца актери , Леоне за оваа сцена ги ангажирал Џек Елам, Вуди Строуд и Ал Мулок.
Оваа сцена е позната и по тоа што како подлога се користени природни звуци (чкрипење на ветерницата, крцкање на зглобовите) и се разбира мошне впечатливата сцена во која Џек Елам се обидува да ја истера мувата која му го ремети мирот.
Серџо Леоне најпрвин за улогата на Џил Мекбејн сакал да ја ангажира Софија Лорен на што се согласил и нејзиниот сопруг Карло Понти кој бил подготвен дури и да даде финансиска подршка за филмот.Сепак, Леоне одлучил да не ја ангажира Софија заради тоа што стравувал дека таа би се обидела да доминира во филмот и дури и да влијае врз филмот имајќи ја во предвид нејзината популарност и моќта на Карло Понти.
Наместо неа, тој ја ангажирал Клаудија Кардинале , инаку негова лична пријателка, која ја прифатила улогата и без да и’ го покаже сценариото на филмот.
Поголемиот дел од филмот бил сниман во стидијата на Чинечита во Рим, но и на локации во Шпанија и САД. Филмот имал буџет од 5 милиони долари и преставувал американско италјанска копродукција.Филмот во американските кино сали заработил 5,3 милиони долари, во Франција 14,8 милиони а во Германија 13 милиони долари.
Интересно е дека филмот бил синхронизиран на неколку јазици:американски, италијански, француски, шпански и германски.
Неговата кино верзија е долга 145 минути, реставрираната верзија трае 165 минути а продолжената верзија 171 минута.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк