Месец април на љубителите на филмот ќе им донесе навистина голем број на нови филмски остварувања од сите жанрови. Веднаш мора да се каже дека меѓу нив нема некој бликбастер од типот на “ Бетмен против супермен“, но затоа има мошне интересни филмови од кои некои сигурно ќе го најдат патот до гледачите.Ние ќе се обидеме во две продолженија да ве запознаеме со дел од априлската понуда.
ТИЕ ЛУДИ 80 ти
Досега се снимени навистина голем број на филмови кои говорат за младите односно за доживувањата на тинејџерите за време на школските денови. Некои се паметат подолго а некои колку минатогодишниот снег. Но, многумина велат дека комедијата именувана како „ Тие луди 80 ти“,кој го прикажува последниот ден од учебната година во едно училиште во едно малечко градче во Тексас, ќе биде најдобрата тинејџерска комедија на сите времиња.Дејствието на филмот се случува во 80 тите години од изминатиот век, а го следи животот на неколку бруцоши , играчи на бејзбол, кои се обидуваат да ја пронајдат слободата и да се однесуваат „ одговорно“сега кога се без надзор на возрасните.
Режисер на филмот и толкувач на една од улогите во филмот е Ричард Линклејтер кој изминатата година беше актуелен со филмот „ Детството“.Покрај него во филмот настапуваат уште и Рајан Гузман, Вајат Расел, Глен Пауел, Меган Елисон, Џинџер Слејџ и други.
ЗАПОЗНАЈТЕ ГИ ЦРНЦИТЕ
Актерската постава на пародијата „Запознајте ги црнците“ ја сочинуваат Мајк Епс, Мајк Тајсон, Џорџ Лопез, Бреша Веб, Гери Овен , Чарли Марфи и други. Кога едно афроамериканско семејство ќе наследи милион долари, тие зад себе ги оставаат своите проблеми и долгови, го напуштаат Детроит и одат да живеат на Беверли Хилс. А таму пристигнуваат точно во периодот на „ чистка“, кога сите злосторства правно се дозволени во период од дванаесет часа.За разлика од своите непријатели кои останале во Детроит, за оваа дванаесетчасовна легализација на злосторствата немаат поим.Непријателите тргнуваат во потрага по нив, а членовите на семејството мошне брзо ќе мораат да се соочат со своите стари несакани „ пријатели“ меѓу кои се еден дилер на марихуана и расистички настроен свештеник.Филмот на пародичен начин донесува осврт на бројни профитабилни хорор филмови од поново време.
МАЈЛС НАПРЕД
Филмот „ Мајлс напред “ преставува режисерско деби на повеќекратно наградуваиот актер, продуцент и писател Дон Чидл, познат по улоготе во филмовите „Единаесетмината на Оушн“ , „ Трефик“, „ Хотелот Руанда“ , „Слом“ и други. Во овој негов филм тој ја донесува приказната за последните денови на легендарниот животен борец, виртуоз и џезер Мајлс Дејвис. Освен Чидл, во главните улоги настапуваат уште и Јуан Мек Грегор,како новинар на магазинот Ролинг Стоун, Емајатци Коринеалди , во улогата на големата љубов Френсис Тејлор како и Штулберг и Кејт Стендфилд.
ЖЕСТОКИОТ ХЕНРИ
„ Жестокиот Хенри“ преставува акционен научно фантастичен филм во режија на Илја Најшулер.
Главниот јунак во филмот е Хенри. На него стрелале а неговата сопруга ја грабнале.Името на грабнувачот е Акан, силен противник со војска платеници и пеколен план да покори се’ околу себе. Хенри се наоѓа во непознат град и сите сакаат да го убијат.Сите, освен таинствениот британски колега викан Џими.Тој е можеби на неговата страна, но Хенри не е сигурен.Ако го преживее ова лудило, и ја реши мистеријата ,можеби ќе ја открие својата улога и вистината која се крие зад неговиот идентитет.Главните улоги во филмот ги толкуваат:Хели Бенет, Тим Рот, Шарито Купле, Данила Козловски, Светлана Устинова и други.
ШЕФ
По успехот што го доживеа изминатата година со комедијата „ Шпијун“ познатата комичарка Мелиса Мекарти овој месец ќе ја промовира својата најнова комедија „Шеф“.
Во филмот таа го игра ликот на богатиот магнат Мишел Дарнел која живее на висока нога ,се’ додека заради инсајдерско тргување не биде испрарена во затвор.По излегувањето од затвор таа е без пари и покрив на главата.За среќа таа го пронаоѓа поранешниот помошник Клер, единствениот човек кој е подготвен да и’ помогне.Додека престојува кај Клер и неговата ќерка, Мишел крои нов бизнис модел за да ја поврати империјата. За жал, некои стари пријатели ќе застанат на патот на нејзиното враќање кон врвот.
Филмот како режисер го потпишува Бен Фалконе кој соработуваше со Мекарти и во најзиниот предходен филм„ Шпијун“. Покрај Мелиса Мекарти во филмот настапуваат уште и Кристијан Бејл, Петер Динклјаџ, Дејв Баутиста, Кети Бејтс, Сесили Стронг и други.
ПОГЛАСНО ОД БОМБИ
Еве еден филм кој преставува норвешко-француско- данска копродукција во режија на норвешкиот режисер Јоаким Трир. Се работи за драмата „ Погласно од бомби“која говори за Изабел Рид која била позната воена фотографка чија успешна кариера е прекината заради нејзината смрт.Таа зад себе го остава сопругот Џин и двајца синови , постариот Џонах и помладиот Конрад.Додека Џин и Џонах копаат по архивата на починатата Изабела и откриваат непознати детали од нејзиниот живот за што поадекватно да ја подготват предстојната изложба во нејзина чест, Конрад се повлекува во себе и времето го поминува играјќи видео компјутерски игри.
Во филмот главните улоги ги толкуваат Изабел Ипер, Габриел Брн, Џеси Ајзеберг, Девин Друид, Дејвид Стрехерн, Еми Рајан и други.
БЕРБЕРНИЦА :СЛЕДНО ШИШАЊЕ
Овој месец во кино салите во САД и во остатокот од светот ќе започне да се прикажува третиот дел од триологијата „ Берберница“именувана како „Берберница:Следното шишање“. Предводник на главната актерска екипа е Ајс Кјуб а покрај него настапуваат уште и Ники Минај, Комон и Цедрик Ентертејмент. Режисер на филмот е Мелколм Д. Ли.
Поминати се 10 години од последниот состанок во берберницата на Калвин. Тој и неговата долгогодишна екипа, меѓу кои е и Еди, сеуште се тука, но берберницата доживеала промени.Највоочлива е таа што сега берберницата прераснала во фризерски салон за мажи и за жени. Дамите тука го донеле својот вкус,озборувања и драма.Без обзир на старите добри времиња и добрите другарства кои се воспоставени, екипата ја мачи тоа што сигурносната состојба во квартот е влошена.Тие се принудени не само да ја спасуваат берберницата туку и целиот кварт.
Во филмот освен споменатите актери настапуваат уште и Реџина Хол, Шон Патрик Томас, Ентони Андерсон, Џасмин Луис и други.
КНИГА ЗА ЏУНГЛАТА
Во последните неколку години компанијата „Волт Дизни„ интензивно започна со екранизација на играни верзии на своте класици од цртаната ризница. Еден од најновите такви проекти е филмот „ Книга за џунглата „ чија цртана верзија е едно од ремек делата на компанијата „ Волт Дизни“.
Како што е познато „ Книга за џунглата“ е дело на писателот Рудјарт Киплинг и е поделено на седум приказни, кои ги поврзува ликот на детето Могли, кое го одгледале волци во индиската џунгла. Кога волците ќе слушнат дека во близината се наоѓа тигарот Шира Кан, тие одлучуваат да го испратат Могли во локалното човечко племе.
Својата прва екранизација , оваа најпопуларна приказна за слободата и преживувањето , ја имаше во далечна та 1967 година како 19 филм од продукцијата на студиото за цртани филмови на Волт Дизни.По ова уследија неколку адаптации и екранизации, но се чини дека повторното читање на „ Книга за џунглата“е потребно на секоја нова генерација па дури ако се работи и за еден холивудски блокбастер.
Новата екранизација е под режисерската палка на Џон Фавро ,познат како режисер на филмскиот серијал за супер јунакот Ајрон Мен.
Гласовите на главните јунаци им ги позајмуваат:Скарлет Јохансон,Нил Сети, Идрис Елба, Бил Мареј,Бен Кингсли, Ѓанкарло Еспозито, Кристифор Волкен, Лупита Нијонго, Сафрон Баровс и други.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк