Во вториот дел во кој ве запознаваме со новите филмски остварувања кои треба да започнат да се прикажуваат во кино салите во овој месец, ќе ви презентираме уште седум нови филмови од различни жанрови. Веќе споменавме , дека априлската понуда е мошне скромна заради сеуште нередовното работање на кино салите во поголемиот дел од светот заради пандемијата на Ковид – 19. А дека работите битно нема да се променат и во следниот месец ,мај, доволно говори податокот дека најавени се некаде околу 15 нови наслови , нешто слично како и во овој месец. Единствена разлика е во тоа што тоа ќе бидат филмови во кои настапуваат поголем број на познати филмски ѕвезди.
Но, еве го остатокот од седумте нови филмови кои во кино салите доаѓаат на 23 и 30 април.
МОРТАЛ КОМБАТ
Како што е познато ,оваа филмска франшиза која е направена врз истоимената видео игра, започна уште во далечната 1995 година. Нејзиното најново видување го носи истиот наслов како и пред 25 години.
Овој пат се подготвува турнир „ Мортал Комбат“. Пророштвото вели дека овој пат обидинетите Земјани ќе ги поразат шампионите „Надворешен свет“.Тоа не смее да се дозволи , па затоа злобниот волшебник ги испраќа своите најдобри борци на планетата земја да ги убијат сите оние кои треба да им се спротистават на турнирот.И тоа пред да започне турнирот , што секако воопшто не е витешки…
А на нашата планета , е во тек потрага по борци кои на себе имаат втиснат жиг „предодреден“, кој сведочи за нивните натприродни способности со која ја„ купуваат влезницата “ за учество на мистериозниот турнир.Но, некои од „нашите борци“ не се свесни дека имаат натприродна способност и затоа треба наскоро да ја откријат…
Режисер на филмот е дебитантот Симон Мек Куоид а главните улоги ги толкуваат:Таданобу Асано, Џош Ловсон, Хиројуки Санада, Сиси Странгер, Матилда Кимбер…
НИЕ РАСКИНАВМЕ
Приказната на оваа романтична љубовна комедија се врти околу Лори (Аја Кеш) и Дог (Вилијам Џексон) кои се во љубовна врска веќе десет години. Но, кога Лори лошо ќе изреагира на нендејната просидба на Дог, која ќе се случи пред венчавката на нејзината сестра,таа народски речено , ќе му даде клоца.Не сакајќи од тоа да направат несакан скандал и со тоа венчавката да ја стават во втор план, тие одлучуваат да се прправаат дека сеуште се заедно , што ќе доведе до многу чудни ситуации и многу смеа.
Покрај споменатите актери во филмот настапуваат уште и Сара Болгер, Тони Кавалеро, Коби Либит, Азита Ганизада, Зак Штајнер и Пеп Гилпин. Режисер на филмот е Џеф Розенберг.
НАПАД ВРЗ ВА – 33
Се работи за акционен трилер во кој ветеранот од ПТСН, Џејсон Хил, ја среќава својата сопруга Џенифер на ручек во болницата за ветерани , каде што работи.Откако Џенифер ќе биде повикана на итна консултација со шефот на Генералштабот на американската војска, болницата станува заложник на тешко вооружени терористи. Џејсон станува последната одбрана и мора да се бори против терористите и неговите демони предизвикани од ПТСН за да ја спаси својата сопруга , генералот, вработените во болницата и пациентите.
Режисер на филмот е Кристофер Реј, а главните улоги ги толкуваат :Шон Патри Фланери, Мајкл Џеј Вајт, Марк Дакаскос , Вестон Кејџ Копола и други.
МИЧЕЛОВИ ПРОТИВ МАШИНИТЕ
Компјутерски анимираната акциона комедија „Мичелови против машините“ ја раскажува приказната за едно обично семејство кое се наоѓа во средината на нивниот најголем предизвик досега…спасување на светот од робот- апокалипсата.
Се’ започнува во моментот кога креативната аутсајдерка Кети Мичел е примена во филмското училиште од нејзините соништа и која заради тоа сака да го напушти домот и да живее свој живот.
Нејзиниот татко, инаку голем љубител на природата, инсистира целото негово семејство да ја однесе Кети во училиштето и на тој начин да ја покаже поврзаноста на семејството на ова последно заедничко патување.Но, патувањето ќе тргне на лошо откако семејството одеднаш ќе се најде во средината на востанието на роботите.Се’ што е машина , од паметни телефони преку компјутери па се’ до роботи, се користат за да се фати секој човек на планетата.
Сега им останува на семејството Мичелс , вклучувајќи ја и оптимистичката мајка Линда, откачениот мал брат Арон и нивното куче Мончи да го спасат светот од машините.
Режисери на филмот се Мајк Рианда и Џеф Роф а гласовите на главните јунаци им ги опозајмуваат: Оливија Колман, Ерик Андре, Дени Мек Брајт, Маја Рудолф, Аби Јакобсон, Џон Леџенд и други.
ЕВЕ ГИ МЛАДИТЕ МАЖИ
Оваа ирско американска копродукција говори за даблинските тинејџери Метју, нихилистичкиот Рез и разочараниот Кирни, кои го напуштаат училиштето и се препуштаат на пиење и дрога, паѓајќи се подлабоко во шокантни престапи и киминал.
Режисер на филмот е Еоин Макен а улогите ги толкуваат: Ања Тејлор Џој, Тревис Фимел, Сузан Линч, Фин Кол, Ралф Инесон, Колент Хил…
ОДВОЈУВАЊЕ
Хоророт „ Одвојување како режисер го потпишува Вилијам Брент Бел а главните улоги ги толкуваат: Брајан Кокс, Руперт Френд, Мими Гамер, Медлин Бревер, Виолет Мек Гроу, Трој Џемс и други.
Осум годишната Џени постојано е фатена во средината на расправијата помеѓу нејзината мајка Меги и нејзиниот татко уметник Џеф.Таа води осамен но и имагинативен живот опкружен со кукли наречени „ Гризли Кин“, кои се направени врз делата на нејзиниот татко. Кога нејзината мајка Меги ќе биде трагично убиена при бегство, нејзиниот татко Џеф и Џени се обидуваат да создадат нов живот. Но, кога таткото на Меги ќе покрене барање за старателство на Џени а бебиситерката Саманта се обиде да биде новата жена во куќата , животот во нивниот дом во Бруклин добива мрачен пресврт. Куклите и застрашувачките ликови оживуваат , а Џени е единствената личност која може да ги види.Кога мотивите на мрачните суштества ќе станат јасни , животот на сите е во опасност.
ОДМОРАЛИШТЕ
Четворица пријатели се упатуваат кон Хаваи за да ги испитаат извештаите за прогонство во едно одморалиште во надеж дека ќе ја пронајдат озлогласената девојка со половина лице.Кога ќе пристигнат таму, наскоро ќе дознаат дека треба да внимаваат , што сакаат.
Режисер на овој хорор филм е Тејлор Киен а главните улоги ги толкуваат:Брок О’Харн,Мишел Рендолф, Бјанка Хасе и Мајкл Вламис.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк