Веќе рековме дека се ближиме кон крајот на оваа 2015 година.А во декември филмаџиите во кино салите вообичаено токму во месецот на празниците , ги пласираат своите најголеми фаворити играјќи на познатата карта дека празниците се време на опуштање, на семејна дружба , на забава и сето она што ја прави празничната атмосфера. Токму затоа , знаејќи го вкусот на публиката , филмаџиите и на крајот од оваа година на гледачите им нудат филмови од најразлични жанрови.
Денешниов избор е продолжение од предходниот во кој исто така се потрудивме од богатата понуда да го издвоиме најинтересното.
СЕСТРИ
Кон средината на овој месец премиерно прикажување во американските кино сали но и во остатокот од светот ќе доживее комедијата „ Сестри“ на режисерот Џејсон Мур во кој главните улоги ги толкуваат: Еми Фелер, Тина Феј, Маја Рудолф, Џон Цена, Џејмс Бролин,Кејт Мек Кинон…
Џејн и Маура се сестри кои се мошне незадоволни со фактот што нивните родители одлучиле да ја продадат семејната куќа во која тие го поминале нивното детство и средношколските денови.Иако сега се возрасни жени , сваќајќи дека мораат да се простат од своите неверојатни спомени кои ги врзуваат со куќата, тие одлучуваат да приредат најлуда журка каква не направиле ниту во најлудите денови додека биле средношколки.Набрзо задоволно ќе сватат дека навистина направиле најлуда журка која ќе излезе надвор од контрола , а на која , како што посакувале , се главни ѕвезди. Но, што е со куќата? Дали по сето ова, ќе сака некој да ја купи…
ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ:ЕПИЗОДА VII – СИЛАТА СЕ БУДИ
Еден од најочекуваните филмови во последно време секако е седмата епизода од филмската сага „ Војна на Ѕвездите“овојпат во режија на Џеј Џеј Ејбрајмс.
Како што е познато компанијата Лукасфилм на 30 .октомври. 2012 година званично го најави снимањето на 7, 8 и 9 епизода од серијалот „ Војна на ѕвездите“.Оваа одлука е донесена непосредно откако компанијата Дизни го купи Лукасфилм од Џорџ Лукас за фантастична сума од четири милијарди долари.Најпрвин како сценарист за новите епизоди бил ангажиран Мајкл Арнт. Но по консултациите со режисерот и продуцентите било одлучено сценарито да го преправат Џеј Џеј Ејбрамс и Лоренс Каздан а консултант на сценариото да биде идејниот творец Џорџ Лукас .
Приказната на филмот се случува 35 години по случувањата во филмот „ Враќањето на Џедајот“и се темели врз оригиналните идеи на Џорџ Лукас од седумдесетите и осумдесетите години од изминатиот век во тек на снимањето на оригиналната триологија.
Интересно е да се спомене дека во актерската екипа се наоѓаат и тројцата актери со кои започна сагата „ Војна на ѕвездите“ во 1977 година: Харисон Форд, Марк Хамил и Кери Фишер.Покрај нив во филмот настапуваат уште и :Ентони Денијелс,Питер Мејхју,Кени Бејкер,Џон Бојега, Дејзи Ридли, Адам Драјвер, Оскар Ајзак, Енди Серкис, Доналд Глисон, Макс Фон Сидоу, Лупита Нјонго, Гвендолин Кристи и други.
Филмот својата светска премиера ќе ја доживее во понеделник на 14. декември во Лос Анџелес, еден ден подоцна во Велика Британија а на 16 .декември во Австралија. Од 17. декември филмот ќе започне да се прикажува и во кино салите во Македонија.Според очекувањата филмот треба да биде вистински блокбастер и да ја одбележи оваа 2015 филмска година.
ЗЛОБНИТЕ ОСУМТЕМИНА
Секој нов филм на познатиот режисер и сценарист Квентин Тарантино предизвикува голем интерес кај публиката и тоа пред тој и званично да излезе пред судот на гледачите. Тоа се случи и со неговиот најнов филм „ Злобните осумтемина “за кого наголемо се пишуваше уште пред тој да започне да се реализира . Најпрвин Тарантино објави дека сценариото за филмот му е украдено и дека воопшто нема да снима филм според него туку дека приказната ќе биде објавена како книга , за потоа сепак да се предомисли и да го сними филмот. Неоспорен е талентот на Тарантино ,особено како сценарист,за што доволно говорат и освоените два Оскари за сценарио, но и неговиот талент за саморекламирање ,што за воља на вистината и не е никаква маана , барем во Холивуд.
Како и да е наскоро,поточно на 25.декември во ограничен број на кино сали во САД ќе започне да се прикажува неговиот најнов филм „ Злобните осумтемина“. Се работи за вестерн ,како и неговиот предходен филм, во кој настапуваат Семјуел Л. Џексон, Курт Расел, Ченинг Тетјум,Велтон Гогинс, Џенифер Џејсон Ли, Тим Рот, Мајкл Медсен,Зое Бел, Брус Дерн и други.
Дејствието на филмот е сместено десетина години по Граѓанската војна и ги следи доживувањата на Маркес Ворнер, некогашниот војник на Унијата и ловец на глави кој е блокиран од снежна бура во едно малечко градче во Колорадо. Во кочијата со која патува тој ќе се запознае со Џон Рут кој ја превезува затвореничката Дејзи и уште петмина мистериозни патници.
ТАТО СЕ ВРАТИ
Семејните комедии такаречи редовно се дел од предновогодишната понуда во кино салите . Една од нив е комедијата „ Тато се врати“ во режија на двоецот Шон Андерс и Џон Морис во која главните улоги ги толкуваат Марк Волберг, Вил Ферел и Линда Карделини.
Вил е човек со мошне убаво однесување. Сосема спротивно на него Марк е мошне енергичен и слободоумен. Токму затоа Марк е разведен а Вил за жена ја зел сопругата на Марк но и миразот- двете деца од бракот со Марк.
Меѓутоа, Марк одлучува да се бори и од нивниот брак ќе направи вистински хаос…
Вил Ферел е познат и етаблиран комичар додека Марк Волберг публиката повеќе го памети по улогите во акциони и трилер филмови но и по неколку успешни комедии особено по двете продолженија на филмот „ Тед“ каде негов партнер е плишаното мече Тед.
ПОВРАТНИК
Годинешниот оскаровец ,мексиканскиот режисер Алејандро Гонзалес Ињариту, кој го освои оскарот за режија за филмот „ Човекот птица“ , со својот најнов филм „Повратник“ повторно ќе атакува за највисоката награда . Овојпат тој ја реализира авантуристичката драма која е инспирирана од вистински настан кој се случил во 1820 година кој ја прикажува епската авантура на преживување на еден маж и исклучителната моќ на силата на човековиот дух.
Во експедицијата во неоткриените делови на американската дивина, легендарниот истражувач Хју Глас бил брутално нападнат од мечка и бил оставен такаречи мртов во дивината без да му помогнат припадниците на неговиот тим ,предводени од Џон Фиџералд,кои иако тешко повреден го оставиле да умре во дивината.Воден од силната воља како единствено оружје, опкружен од суровата зима и непријателските племиња, Глас се бори за живот, додека желбата за освета кон довчерашните пријатели не спласнува.
Филмот всушност преставува приказна за моќта на човечкиот дух за преживување. Овој мошне амбициозен проект за кого сценариото го напишал самиот Ињариту според новелата на Мајкл Пунке , имал буџет од 135 милиони долари. За големите амбиции на овој филм говори и составот на актерската екипа која е предводена од Леонардо Ди Каприо кој го толкува ликот на Хју Глас. Тука се уште и новата ѕвезда во подем ,Том Харди,Пол Андерсон, Вил Поултер, Лукас Хас,Брендон Флечер и други.Многумина велат дека е ова животна улога на Леонардо Ди Каприо и дека по петте номинации конечно наградата Оскар ќе се најде во неговите раце.
ОБЛОЖУВАЊЕ НА СТОЛЕТИЕТО
Драмата „ Обложување на столетието“ преставува вистинска приказна која говори за неколку исклучително вешти инвеститори кои во периодот од 2007 до 2010 година , ја искористиле ситуацијата на постојаниот раст на цените на недвижнините и создавањето на голем број на хипотеки. Богатството го стекнале со непопуларното обложување на финансискиот распад.
Режисер на филмот е Адам Мек Кеј а во гланите улоги се појавуваат Бред Пит, Кристијан Бејл, Стив Карел, Џон Магаро, Рајан Гослинг, Мелиса Лео, Мариза Томеи,Џереми Стронг…
ЏОЈ
Има една стара изрека која вели:„ Тимот што победува ,не се менува“.Можеби поведен од неа, познатиот американски режисер од средната генерација Дејвид О. Расел за својот најнов филм „Џој“ повторно ги ангажирал актерите Џенифер Лоренс и Бредли Купер со кои соработуваше во филмовите „ Во добро и зло“во 2012 година и една година подоцна во филмот „ Американска измама“.Неговиот нов филм „ Џој“,чија премиера се очекува на 25 декември оваа година, е инспириран со вистинска приказна.Филмот ја донесува приказната за емотивното,животно патувањена една жена која цврсто решена во намерата заедно да го одржи своето ексцентрично дисфункционално семејство- и покрај сите, наизглед непремостливи разлики.Водена од сопствената генијалност и желбата за остварување на животниот сон.Џој успева во својата намера и станува основач на царство вредно билиони долари,трансформирајќи го со тоа спствениот живот, но и животите на членовите од нејзиното семејство.
За квалитетите на филмот „Џој“ гарантира и остатокот од актерската екипа меѓу кои се и Роберт Де Ниро,Изабела Роселини,Вирџинија Медсен,Едгар Рамирез,Дајан Лед…
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк