Во месец февруари кога се доделуваат голем број на филмсски награди , премиерите на новите филмови како да се во втор план во исчекување на доделувањето на најважните филмски награди Оскарите.
Иако тој чин ќе се случи на самиот крај од февруари , сепак очите на љубителите на филмот се повеќе свртени кон овој настан отколку околу тоа што се случува во кино салите. Дека е тоа така говорат и резултатите од посетеноста на кино салите кои токму во овој период од годината бележат и најмала посетеност. Аналогно на тоа и филмаџиите не форсираат во овој период од годината да исфрлат некој блокбастер на кино репертоарот, па се’ некако поминува во некаква мирна атмосфера. Сепак, тоа на значи дека на репертоарт нема нова понуда. Напротив, љубителите на филмот , особено оние секогаш „ гладните“ за новитети ќе имаат што да видат. Ние направивме еден избор од десетина нови наслови за кои подготвивме основни податоци кои ќе можете да ги проследите денес и во среда.
АВЕ ЦЕЗАР
Една од најпродуктивните режисерски двојки во светот на филмот , секако се браќата Итан и Џоел Коен. Тие во досегашната заедничка творечка кариера имаат потпишано 20 тина филмски остварувања кои оставиле силен печат во седмата уметност . Ако кон ова се придодаде и фактот дека тие се и извонредни сценаристи и продуценти , тогаш сликата е комплетна. За нивните квалитети говорат и огромниот број на филмски награди и признанија меѓу кои и четирите оскари. Изминатата година ,за првпат во историјата на Канскиот филмски фестивал тие беа председатели на жирито на овој светски филмски фестивал(како двојка), а оваа година со нивниот најнов филм „ Аве Цезар“ утре ќе биде отворен 66 по ред филмски фестивал во Берлин.
Филмот од вчера започна да се прикажува во кино салите во САД и Канада.Се работи за мјузикл, комедија со драмски елементи во кој се појавува огромна екипа од познати актерски имиња: Џорџ Клуни, Скарлет Јохансон,Џош Бролин, Рајф Фајнс, Тилда Свинтон, Френсис Мек Дорман , Ченинг Тетјиум, Џонах Хил и други.
Дејствието на филмот се случува во 1950 година и го следи холивудскиот фиксер(човекот кој внимава скандалите на големите ѕвезди да не завршат во жолтиот печат)кој го помага снимањето на новиот филм на еден познат , но вечно пијан и проблематичен актер Бирд Витлок , да помине без проблеми и тешкотии.Работата додатно ќе се искомплицира кога ѕвездата ќе биде грабната од една група која се вика „ Иднина“.
ГОРДОСТ И ПРЕДРАСУДА И ЗОМБИ
Познатото дело на Џејн Остин „ Гордост и предрасуда “ досега има доживеано неколку екранизации како за големиот така и за малечкиот екран . Најпознати екранизации секако се оние од 1940 во кој главните улоги ги толкуваат Трир Герсон и Лоренс Оливие и екранизацијата од 2005 година со Кира Најтли и Метју Мек Фарлен.
Вчера своја премиера доживеа филмот “ Гордост и предрасуда и зомби“ кој преставува ново видување на овој популарен роман на Џејн Остин.
Класичната приказна на авторката Џејн Остин за замрсените односи помеѓу љубовниците во 19 век , се соочува со нови предизвици : Војска од зомби кои не се мртви…
Режисер на филмот е Бур Стирс а главните улоги ги толкуваат :Лили Џејмс,Лена Хеди, Мет Смит, Даглас Бут, Џек Хјустон,Чаррлс Дејнс, Сем Рили, Долуи Велс и други.
РЕГРЕСИЈА
Познатиот чилеански режисер и сценарист Алејандро Аманебар кој направи интернационална кариера по успехот на неговиот филм „Другите“ со Никол Кидман во главната улога,има нов филмски проект именуван како „ Регресија“. Се работи за трилер со елементи на хорор во кој главните улоги ги толкуваат младата англиска актерка Ема Вотсон ,која се прослави со ликот на Хермиона во серијалот филмови за волшебникот Хари Потер и Итан Хоук,актер кого го паметиме по голем број на улоги а особено по трите романтични драми со Џули Делпи како негова партнерка но и по еден од неговите последни филмови „Детството“ на режисерот Ричард Линклејтер со кого често соработува.
Дејствието на филмот„Регресија“ се случува во Минесота во 1990 година.Детективот Брус Кенер го истражува случајот на младата Анѓела која го обвинува својот татко Џон Греј за сексуално злоставување.Џон неочекувано ќе ја признае вината.Психологот доктор Рајнс е испратен да му помогне на Џон да го врати сеќавањето на трауматичниот настан.Она што ќе го открие ќе биде една од најстрашните национални мистерии.Во истовреме,локалните новинари откриваат дека една сатанистичка секта изведува оргии,убивање на животни, па дури и на новороденчиња во околината, и дека тоа трае веќе со години.
Во филмот покрај Итан Хоук и Ема Вотсон настапуваат уште и Дејвид Тевлис, Дејл Дики, Девон Бостик и други.
ЈУЖНА ГРАНИЦА
Филмот „ Јужна граница“преставува хорор со елементи на научна фантастика и трилер. Се работи за пет испреплетени приказни за терор и ја следи судбината на група патници кои ќе се соочат со најлошиот кошмар во животот и најмрачните тајни во текот на една долга ноќ на еден автопат кој се протега преку една пустина.
Всушност се работи за омнибус филм составен од пет филмови кои се исппреплетени меѓусебе и кој е режиран од четворица автори: Роксана Бенџамин, Дејвид Брукнер,Патрик Хорват и Радио Силенце.
Во филмот настапуваат: Кејт бехан, Мет Бетинели – Олпин, Сузан Бурке, Зое Купер, Џералд Дауни, Дана гоулд, Лери Фесендер и други.
Филмот е снимен во различни локации низ пошироката област на Лос Анџелес и пустината Мохаве во 2015 година.
Својата премиера филмот ја имаше на фестивалот во Торонто во 2015 година.
ТАМБЛДАУН
Една млада жена се обидува да продолжи со својот живот по смртта на нејзиниот сопруг. Но еден писател од Њујорк доаѓа во нејзиниот роден град во руралниот Мејн за да ја испита смртта на нејзиниот сопруг, фолк пејач.
Режисер на филмот е Шон Мешоу а главните улоги ги толкуваат :Џејсон Судеикис, Ребека Хол, Џо Манганиело, Блејт Данер, Диана Арагон , Грифин Дан и други.
Интересно е дека главната улога во оваа романтична приказна најпрвин требало да ја игра актерката Роуз Брн но накнадно била ангажирана Ребека Хол.
Филмот требало со снимање да започне во Вакувер во април 2013 година за да биде одложено за јануари 2014 за конечно да започне кон крајот на март 2014 година во Принстон, држава Масачусетс.
Филмот пред судот на гледачите ќе се најде од 16 февруари.
КАКО ДА СЕ БИДЕ СОЛО
Постои прав пат да се биде соло, лош пат да се биде соло, и тогаш…тука е Алис. И Робин. Луси. Мег. Том. Давид. Њујорк е полн со осамени срца кои ја бараат својата соодветна половина, да се има љубовна конекција, љубов за една вечер или нешто во средина. Некаде помеѓу пишувањето пораки и излегување за една вечер, она што сите соло луѓе имаат е дека треба да научат како да бидат соло во Свет полн со разни дефиниции на љубов. Спиење наоколу во градот што никогаш не спие никогаш не бил толку забавен.
Во оваа модерна урбана приказна главните улоги ги толкуваат : Дакота Џонсон, Ребел Вилсон, Лесли Мен, Дамон Вајанс јр.,Андрес Холм, Николас Браун, Колин Џост и други. Режисер на филмот е Кристиан Дитер.
КАДЕ ДА СЕ НАПАДНЕ СЛЕДНО
Авторот на мошне популарните документарни филмови и контроверзниот новинар Мајкл Мур по шест годишна пауза креираше нов документарен филм кој премиерно беше прикажан на минатогодишниот фестивал во Торонто и тоа мошне успешно. Филмот овој месец ќе започне да се прикажува на редовниот кино репертоар во САД и во остатокот од светот.
Филмот првенствено говори за социјалните проблеми во САД. За разлика од останатите филмови на овој автор овој филм не преставува чиста критика како неговите досегашни филмови ниту пак говори за актуелните проблеми на САД. Напротив, овојпат авторот се одлучил да пропатува низ светот , да разговара со луѓето и добро да ги насмее гледачите со поедини кадрови.
Иако насловот на филмот влече кон спротивен заклучок, истиот нема врска со воени инвазии туку исклучиво инвазија со помош на камера, и тоа по европските улици кои ги прикажува привлечни и егзотични. Така тој ги посетува Италија, Франција, Германија,Словенија…Тој говори за благодетите од живеењето во тие држави кои не само што не се карактеристични за САД туку честопати ги осудуваат како „комунистичка„ идеологија.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк