Љубомир Белогаски е еден од претставниците на првата генерација македонски современи сликари и основоположник на македонската современа уметност, а се смета и за врвен мајстор на акварелот.
Роден е во Делчево во 1911 година. Високото образование го формира во Белград од 1931 до 1938 година. Бил долгогодишен професор и педагог во неколку гимназии и во Училиштето за применета уметност во Скопје. Од 1949 година па сѐ до заминувањето во пензија Белогаски беше професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Добитник е на вредни награди и признанија. Почина во 1994 во Скопје.
Во текот на својата долгогодишна богата и плодна творечка дејност, Белогаски ќе експериментира во повеќе техники, но акварелот ќе остане негова трајна определба, во кој остварува врвни дострели оформувајќи го својот личен ракопис. Регистарот на неговото сликарство е доста богат, дијапазонот на уметничката личност прилично широк. Што и да слика, мотивот е секогаш структуриран во чиста и цврста композиција, со јасна естетска концепција и колористичка хармонија. Потегот е одлучен, пигментот чист, композицијата урамнотежена, материјализацијата уверлива. Така, севкупното негово творештво ги интегрира типолошките и содржински белези на естетската програма и духот на поетскиот реализам.
Претставуваме краток документарен филм за македонскиот сликар Љубомир Белогаски. Режисер на филмот снимен од Продукција Соларис Арт е Зоран Ристевски, а сценариото е на Златко Теодосиевски.
Во знак на почит кон градот во кој живееше и твореше, Љубомир Белогаски во 1991 година остави вредно наследство од сопствената збирка, подарувајќи му на Музејот на град Скопје 159 дела. Донацијата ја сочинуваат 125 акварели, 6 масла, 26 цртежи и 2 графики, настанати во периодот од 1929 до 1990 година.
Оваа донација е прва во Македонија и овозможи Музејот на град Скопје да ја оформи Галеријата Љубомир Белогаски, во која постојано се изложени делата кои го чуваат споменот на човекот-уметник и педагог.
ТВ Портрет на уметникот снимен за МТВ во 1991 година – автор и водител уметникот Глигор Чемерски
Извор: www.okno.mk Фејсбук – youtube.com
Публицитет.мк