Глигор Стојковски е лауреатот на наградата за најдобра пеома на македонски „Григор Прличев“ за 2015 година за неговото авторско дело – поемата „Завет, Jад“
Наградата што го носи името на големиот Григор Прличев несомнено претставува огромна чест за секој македонски поет. Поврзувањето на Манифестацијата „Прличеви беседи“ и самиот Прличев со новите поетски дела секако е благородна идеја оттаму што без сомнеж се работи за најголемиот македонски поет досега, рече поетот и писател Глигор Стојковски, лауреатот на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема на македонски за 2015 година говорејќи за неговото авторско дело – поемата „Завет, Јад“.
На денешната свеченост на врачувањето на наградата одржана во Охрид, лауреатот Стојковски за самиот конкурс за најдобра поема истакна дека претставува можност, но и предизвик за авторите да го негуваат тој специфичен уметнички израз и веќе дваесеттина години да создаваат солиден фонд поеми.
Претседателот на жири-комисијата на конкурсот за доделување на наградата Бранко Цветкоски образложувајќи ја одлуката за избор на творбата „Завет, јад“ за најдобра, рече дека таа се издвоила на прво место поради хармонизираните квалитети, лирско-епскиот пев, како и благодарение на обновата на темата што го допира македонското национално достоинство.
– Тој творечки порив што го поседува Стојковски, односно обновата на нашето самочувствие во денешно време, како и одлично изведената поема, ритмички и композициски, заслужува да биде меѓу редицата најдобри поеми издвоени преку овој конкурс, рече Цветкоски.
Цветкоски потсети на благородната идеја на некогаш реномираната издавачка куќа „Детска радост“ која во почетокот тогашното раководство на Центарот за култура „Григор Прличев“ ја востанови наградата за најдобра поема на македонски и на некој начин го врати во живот овој запоставен книжевен род. Но, тој рече дека е посебно среќен што конечно наградата од оваа година и наградата и конкурсот го распишува сосема самостојно институција од родниот град на Прличев – Охрид со поддршка на Министерството за култура на РМ.
На свеченоста свое обраќање како домаќин имаше и директорот на Центарот за култура што го носи името на Прличев Горан Стојаноски, кој потсети на големината на преродбеникот која и денеска плени и восхитува: „Зашто бев страдал и сакав да лечам човечки страдања‘ е мотивот што ќе го однесе Григор Прличев во хоризонтите на знаењата и ќе го натера својот живот да го посвети на создавањето плодна почва за духовен развој на заедницата. Заедно со еден дедо кој на ушка го носи босото внуче на училиште, една мајка чесна и вредна, која и од последното ќе се откаже за да создаде џин опкружен од своите современици, Миладиновци, Жинзифов, Мисирков, Цепенков. Времето го памети Григор со отворена природа. Бунтовен и нескротлив, со независно мислење кое не го чувал за себе“ рече Стојаноски.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ шест децении го слави ликот и делото на големиот македонски поет и преродбеник од 19 век, лавороносецот од Охрид своевремено ословуван како „втор Хомер“. Прличев во 1860 година за неговата поема „Сердарот“ ја добива првата награда на конкурсот во Атина, дело што се смета за апсолутен врв на сиот влог во уметноста на зборот што тој ја дал во неговото творештво. Прличев зад себе оставил уште една поема „Скендер – бег“ а во литературната историја забележана се и неговата „Автобиографија“ и песната „ 1762 лето“ .
Извадоци од наградената поема „Завет, Јад“ читаа актерите од Народниот театар во Охрид Билјана Билаловиќ и Павел Маслов.
Дводневните беседи утре ќе бидат заокружени со панихида на неговиот гроб во родниот Охрид,во 11,30 како и со настанот „Стихови и звуци“ закажан за еден час подоцна во неговата родна куќа, каде слово за неговото дело ќе одржи проф. д-р Георги Сталев Попоски.
Публицитет.мк