На 10. октомври се навршија точно 59 години од премиерното прикажување на филмот „Др. Но“кој ги следи авантурите на тајниот агент во служба на нејзиното Височество, именуван како тајниот агент 007 односно Џејмс Бонд.Од тогаш па досега се снимија уште 24 филмови а последниот „Не е време за умирање“ премиерно беше прикажан во Лондон на 28.септември оваа година.За популарноста на филмовите од оваа франшиза доволно говори самиот податок дека таа трае цели 59 години и дека овој серијал поврза многу генерации на љубители на овој филмски жанр.
Почетокот и крајот од сите овие филмови задолжително е покриен со музичка нумера која е во изведба на некое познато име од светот на музиката. Честопати овие музички теми ја достигнуваат славата на филмот а некои од нив станаа и вистински евергрини.Изборот на тимот кој ја создава насловната тема (композитор, текстописец, аранжер а особено изведувачот) е такаречи во ранг со изборот на режисерот и актерската екипа , што само ја потврдува важноста и вредноста на музичката тема.Ова особено дојде до израз од моментот кога видео записите станаа најважниот дел од презентацијата на музиката од причина што денес музиката се’ повеќе се гледа а се’помалку се слуша.Ако кон ова го додадеме и податокот дека музичките теми ги изведувале најпознати светски изведувачи како:Ширли Баси, Том Џонс, Ненси Синатра, Лулу, Тина Тарнер,Луис Армстронг,Дион Ворвик, Шина Истон, Пол Макарти и Вингс, Рита Кулиџ , Дуран Дуран, Мадона, Шерил Кроу, А – ха, Гледис Кнајгт, Моби … и младата Били Ајлиш за последниот 25 филм „Не е време за умирање“, доволно говори за сето она што го споменавме досега.
Навраќајќи се во годините наназад , ќе ве потсетиме на песната „Голфингер“ од истоимениот филм од 1964 година. Тој беше третиот филм од оваа франшиза по филмовите „Др. Но“ од 1962 и „Од Русија со љубов“ од 1963 година.
Како композитор на песната се потпишува Џон Бери , кој ја компонира и основната тема за филмовите за Џејмс Бонд, текстот е дело на Лесли Брикус и Ентони Њули а ја испеа Ширли Баси.Песната доживеа огромен успех и се искачи на скоро сите светски топ листи.
Најпрвин беше издадена како сингл плоча а потоа се најде и на албумот со музиката од филмот.
Синглот во Америка беше продаден во повеќе од еден милон примероци и влезе во книгата на Гинисовите рекорди.Песната се искачи на првото место во Јапонија, во Австралија на четвртото а во Италија на третото место. Таа беше меѓу првите десет и во Холандија (бр.5) , во Норвешка и Австрија(бр. 7), во Германија (бр.8),во Белгија (бр.9)…
Во нејзината родна земја, Англија, таа се искачи само до 21 место што беше многу пониско од нејзините девет поранешни Топ 10 хитови . Но , сепак оваа песна стана нејзин вистински бренд бидејќи таа на топ листата во Англија со ваа песна се искачи меѓу првите десет уште три пати во наредниот период кога филмот стана повторно актуелен по разни поводи.
Интересно е да се каже дека песната воопшто не му се допаднала на еден од продуцентите на филмот Хари Салцман кој рекол дека тоа е најлошата песна која тој ја слушнал во неговиот живот:Нему не му се допаднала и следната песна за Бонд во изведба на Баси за филмот „Дијамантите се засекогаш“ , но на негова жалост немало доволно време да се напише и направи нова песна. Какво било неговото мислење за третата изведба на Ширли Баси на песната за филмот „Мунракер“од 1979 година
(единаесетиот филм од франшизата за Џејмс Бонд) не е забележано .Но , забележано е дека песната која ја напишал повторно Џон Бери требало да ја изведе Френк Синатра, но му била понудена на Џони Матис кому не му се допаднала. Песната потоа и била понудена на Кејт Буш која ја одбила заради нејзината турнеја која била во тек. Кога се нашле во тесно , Бери се обратил до Ширли Баси за да ја иведе оваа песна. Таа ја отпеала , но подоцна изјавила дека песната не ја почуствувала како своја бидејќи била наменета за друг изведувач и скоро никогаш не ја извела на некој од своите концерти каде неизоставен дел од нејзината програма биле „Голфингер“ и „Дијамантите се засекогаш“.
Инаку песната има само неколку кавер верзии меѓу кои и една изведба на Селин Дион. Но, затоа пак композицијата доживеа голем број на инструментални верзии на многу познати инстументалисти и оркестри.
Во оваа прилика ве потсетуваме на песната „Голдфингер“ од 1964 година но ви ја презентираме и најновата музичка тема од филмот „Не е време за умирање“ во изведба на Били Ајлиш , која можеби ќе ги достигне височините на некои д музичките теми од филмовите во изминатите 59 години.
Пишува:Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк