Со поддршка на Министерството за култура, џез-музичарот, композитор и гитарист со светска кариера Владимир Василевски Четкар од септември годинава до март 2017 ќе има голема турнеја низ Азија.
На 13 септември тој ќе настапи на џез-фестивал во Хонг Конг и потоа, во наредните шест месеци, ќе гостува на фестивали и во клубови во Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Малезија и Индонезија.
Во неколку земји од Далечниот Исток веќе се објавени и се во продажба цедиња од охридскиот музичар со њујоршка адреса.
Него денеска, први март, во својот кабинет го прими министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која му се заблагодари за тоа што тој со својата досегашна работа успешно ја претставува Македонија во светот.
– Неговата кариера е позната насекаде во светот, за неговата музика и авторски труд објавиле престижни списанија, музички куќи и телевизии во Америка и во други држави. Минатата година во Англија негов албум беше прогласен од Soul Brothers Records за еден од најдобрите за 2015 година. Драго ми е што дадовме поддршка за големата азиска турнеја со која ќе бидат опфатени некои од најголемите џез-фестивали и џез-клубови. Четкар заслужува да биде поддржан од државата и се надевам дека турнејата успешно ќе се реализира. Му посакувам успех, рече Канческа-Милевска на прес-конференција по средбата со музичарот.
Василевски Четкар во САД е од крајот на 1990-тите. Во 2001 дипломирал на Универзитетот Беркли и оттогаш самостојно ја гради својата кариера. Покрај во Њујорк, каде што седма година настапува на престижниот Блу ноут џез-фестивал, музиката ја презентира во повеќе земји и на специјализирани национални радија.
– Дојде момент да ја изразам својата музика во Азија, каде некои од најголемите куќи во Јапонија и Кореја ги отпечатија моите албуми во околу 20.000 примероци. Тоа е убава цифра за ваква музика која е уметност, а сепак има комерцијален ефект и се свири во поурбани места, во клубови… Со поддршка на Министерството ќе може таму да се претставиме како држава која има свој космополитски одговор и во овој музички стил, како еден микс на соул, џез, фанк музика. Интересно е затоа што луѓето не знаат по нашата традиција, но не не знаат по овие работи кои се битни за секој народ – да има одговор на секој интернационален музички израз, рече Четкар.
По првиот концерт во Хонг Конг, следни се во Кина и Јужна Кореја, а за другите земји ќе бидат дполнително потврдени датумите за концерти. Во тимот музичари за турнејата низ Азија рече дека ќе вклучи соработници од САД, но и музичари од Македонија и од земјите во кои ќе гостува.
– Сакам да направам еден микс кој допрва ќе го дефинирам, но ќе вклучам музичари од тука, од Македонија, од Америка и Европа, и од Азија. Мене ми е битно авторската музика, која главно ќе биде презентирана таму, да биде промовирана како музика од македонски изведувач, додаде Четкар.
Извор: www. cooltura.mk