Пет лица, од кои две деца ги загубија животите, а уште 11 други се повредени во невремето што го зафати вчера доцна попладнето Тетово и полошкиот регион.
Тетовската полиција инфомира дека од надојдените води загинало малолетно машко дете од населбата Голема Речица. Од свлечиште во Шипковица загинати биле 4 лица од кои едно 14-годишно девојче.
Патот до Шипковица е отежнат поради огромни наноси на земјиште. На расчистување на теренот работи сета механизација с која располага општината Тетово и службите за справување со кризи.
Точната бројка на загинати и повредени ќе се утврди во текот денот.
Вчера во попладневните часови Тетово и околните села беа погодени од силно невреме кое за кусо време предизвика хаос во сообраќајот во градот и големи материјални штети, а се прелеа и реката Пена. Градот е прекриен со отпад, кал и откорнати дрвја. Пена е веќе повлечена во коритото.
Премиерот Никола Груевски и градоначалничката на Тетово Теута Арифи беа во Голема Речица каде штетите се најголеми. За денеска е закажана седница на Владата на која ќе се разгледаат натамошните активности за помош на погоденото население.
Теута Арифи изјави дека општината е подготвена да се справи со ситуацијата. Советот на општината ќе свика седница за дополнителен договор за справување со настаната ситуација и испрати апел до граѓаните да не креваат паника, бидејќи ситуацијата е под контрола.
Невремето предизвика и прекин на сообраќајот кон Попова Шапка и патот Тетово – Јажинце, додека во Доброште надојдените води го урнале бетонскиот мост.
Извор:МКД.мк