Младата охридска поетеса и член на редакцијата на Публицитет.мк Дамјана Видическа ви подарува свои стихови со кои ве тера на размислување и ви дава потстрек дека секој има свој пат. копнежи и надежи и треба да ита да си ги оствари.
ПРАЗНА СОБА
Јас сум само капка
што бара сува дланка
за да испарам како дух.
Јас сум цврста карпа
која ги моли брановите
да престанат да ја ронат.
Јас сум вечна песна,
ме потпевнуваш мило,
а скришно сакаш да ме заборавиш.
Јас сум ветер што носи,
од оние што свират меѓу гранки и корнат невистини од тлото.
Јас сум ситна како мравка
бегам со плодот в уста
и се кријам од стапала смртни.
Јас сум вечна струја на вода
во Талесовите очи извор на живот
во твоите само извор на преживување. Ј
Јас сум се’ она
што сакаш да го допреш
а, го немаш сега и овде,
зашто бегам и се кријам
дека секој допир до заблуда ме носи.
Јас сум сето она битие
кое пали жар во твоите очи
кое те гуши кога спиеш
кое те напушта кога нејќеш.
Јас сум мрак
што го гони Сонцето,
и светлина што ја лулка
Месечината до длабок сон. Ј
ас сум веќе испразната соба,
без еден декор ниту зрак светлина.
Јас сум човек што живее,
но дали знам да живеам?
НЕ БАРАЈ МЕ
Не барај ме се’ додека
љубиш туѓи широчини.
Не барај ме се’ додека
се опиваш во мирисот
на туѓо црешово дрво.
Не барај ме се’
додека гледаш
само едно небо
И во други очи сини.
Не ме барај
во утринското кафе твое,
кое го пиеш горко,
божем ќе ја покриеш
душата со талог.
Не барај ме
во туѓа дланка
и туѓа насмевка,
не сум таму и нема
да бидам.
Барај ме во она место
коешто остана
недопрено,
кое остана затскриено.
Можеби ќе ме најдеш
во водата заедно
со сирените,
и другите битија
во коишто не веруваш.
Барај ме онаму каде ме
остави,
а ако не се сеќаваш,
сврати на крстосницата
од моево срце
до твоите лаги.
Дамјана Видическа